Визниот режим не ги спречува балканските емигрант
Бидејќи строгите ограничувања за патниците не успеваат да ги спречат нелегалните мигранти, целта на визниот режим е доведена во прашање.
Од Елеонора Венинова во Скопје, Белград, Торино и Визбаде
Секое утро пред амбасадите на западноевропските земји во Скопје осамнува истата слика: десетици луѓе, трпеливо чекаат за визи за да можат да ги посетат своите роднини во Амстердам, да превезуваат стока за извоз во Германија или да се сретнат со потенцијалните деловни партнери во Милано. Некои допатувале во текот на ноќта од другите градови во Македонија или се враќаат по вторпат бидејќи не успеале да ги донесат вистинските документи првиот пат.
Дури и да ги поднесат сите документи потребни за влез во Шенген зоната на Европската унија, во кои се даваат податоци за сé, па некои би рекле дури и за бројот на чевли на апликантите, тоа не е никаква гаранција за успех. ЕУ земјите го задржуваат правото да не издадат виза.
„Треба да патуваме во Холандија бидејќи сестра ми е болна,“ вели една млада жена, цврсто држејќи еден куп документи, нервозно чекајќи ги нејзините родители. „Се јавивме да закажеме интервју, но ни рекоа дека може да аплицираме дури по две недели,“ додава таа. „Тоа би можело да биде предоцна. Моите родители веќе три пати патуваа 90 километри од Кратово, но залудно...“
Многумина од оние во долгиот ред имаат слични приказни. Строгиот режим наметнат од страна на ЕУ земјите за таканеречениот „Западен Балкан“ е особено фрустрирачки за постарите лица кои се сеќаваат на деновите кога југословенскиот пасош гарантирал слободно патување низ целиот свет.
Контролите беа наметнати во текот на деведесеттите по распаѓањето на Југославија проследено со насилства, кога западните држави бараа начин да го запрат бранот на бегалци и нелегални емигранти кои сакаа да ги напуштат подрачјата зафатени од конфликтот во Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово. Во хаосот што следеше, регионот стана маршрута за криминалните банди кои што развија вносен бизнис со шверцувањето на луѓе очајни да најдат работа и безбедно прибежиште во ЕУ.
Денес, ситуацијата во регионот е многу постабилна и владите прават сé и сешто да ги задоволат барањата за што поскора интеграција. Меѓутоа, патувањето во ЕУ, чии што земји членки сега целосно го заобиколуваат Западен Балкан, воопшто не се олесни.
За огромното мнозинство обични луѓе кои сакаат да се движат легално и слободно, и покрај подобрувањето на процедурата за изработка на личните документи и зајакнувањето на граничните контроли, сé уште нема позабележително олеснување. Во меѓувреме, илегалните канали се сé уште отворени за софистицираните криминални мрежи и високата побарувачка на евтина работна сила во ЕУ.
Патот на Риза
Земете го Риза, 31-годишен етнички Бошњак од градот Беране во Црна Гора. Тој ја напуштил Југославија во 1999 година за да го избегне регрутирањето во српската армија за време на конфликтот во Косово.
Заминувајќи со група од десетина други мажи од неколку поранешни југословенски републики, обединети само во решеноста да избегаат од распадната татковина, тој прво отпатувал до главниот град на Босна, Сараево, каде што аплицирал за добивање на бегалски статус во Германија. По едномесечни залудни посети на амбасадата, им се придружил на оние кои што шверцуваат луѓе и им платил да го внесат во ЕУ.
„Патувавме речиси цела недела, главно со автобус и различни камиони преку Босна, Хрватска и Словенија,“ се сеќава Риза. „Спиевме во импровизирани шатори сокриени во шумата, а понекогаш и во приколката на камионот. После неколку часовно одење пешки низ шума ја преминавме границата со Италија.“
Шверцерите го оставиле него и неговите сопатници во близина на Венеција, каде што тој со уште двајца му платиле на еден таксист да ги однесе до Милано, каде што се качиле на воз за Лион, Франција, нивната посакувана дестинација.
Но, француската полиција ги фатила во возот и ги вратила назад во Италија. Риза се обидел да влезе во Франција уште еднаш со воз од Италија, но потоа се откажал од Франција и договорил еден познаник да го земе од Милано и да го однесе во Франкфурт. Во Германија имал поголем успех. Денес, со жената и детето живее во Визбаден, каде има добиено и постојано жителство.
Таму на Риза му се придружил уште еден пријател, Един Бегановиќ, исто така бошњачки Црногорец од Беране. Един го напуштил домот во 1992 година на само 18-годишна возраст со 1.000 германски марки – во вредност од 500 евра – што ги украл од татко му и пасошот на брат му. Влегол во Германија на црно преку Чешка пред да дојде во Визбаден, каде што неговите роднини му помогнале да го регулира статусот.
Сториите на овие двајца се типични за над 23.000 лица од Србија и Црна Гора кои илегално влегле во Германија само во 1998 и 1999 година.
Според германската Канцеларија за миграции и бегалци, бројот на евидентирани илегални емигранти во Германија е околу 100.000, што е многу помалку од кулминацијата за време на југословенскиот конфликт во деведесеттите. Во 2003 година германската полиција регистрирала само 2.573 нелегални емигранти од Западен Балкан.
Но, оваа официјална бројка е веројатно многу помала од вистинскиот број на нелегални емигранти, кои сé уште се селат од Балканот во Германија, бидејќи многу од нив никогаш не се фатени, забележани или евидентирани од страна на властите.
Заради неможноста да влезат легално во Западна Европа, низа луѓе од Балканот секоја година се упатуваат кон западните земји, користејќи ги „алтернативните“ криминални канали за да стигнат до нивната дестинација и да најдат работа.
Корисно оружје против нелегалната миграција?
Владите на земјите членки на ЕУ инсистираат дека строгиот визен режим, иако е далеку од совршен, ја постигнува својата цел. Несигурните граници на балканските држави, лошо реформираните судски системи и ендемската политичка корупција се аргументите зошто се потребни строги контроли на движењето на луѓето од регионот во ЕУ, велат официјални лица.
Но, големиот број на нелегални емигранти од Балканот – и другите земји – ги натераа експертите за миграција да преиспитаат дали вреди да се продолжи со строгиот визен режим.
Тие велат дека визите и ригидните емиграциски политики не успеаја да го запрат феноменот на нелегална миграција и само им помагаат на шверцерските кругови. Тие велат дека актуелниот режим всушност ги наградува оние кои илегално влегуваат во земјите членки на ЕУ, а од друга страна им отежнува на легитимните посетители да добијат право на влез.
„Не постои доказ дека има некаква придобивка од визниот режим, бидејќи визите не ја запираат миграцијата,“ вели Раинхарт Клаучек, од Паневропската унија на Австрија со седиште во Виена.
„Она што го создадовме со таканаречената шенгенска граница е новата железна завеса, иако техничката опрема со која што се контролираат шенгенските граници е многу подобра отколку што некогаш била онаа на железната завеса.“
Лоренцо Труко, од Асоцијацијата за правно проучување на имиграцијата во Торино, што обезбедува правна помош за емигрантите во Италија, се согласува. Тој се спротивставува на „теориите за наплив од Источна Европа доколку се укинат визите,“ тврдејќи дека доколку им се даде слобода да доаѓаат и да си одат кога сакаат „тие нема да доаѓаат нелегално“.
Можноста за добивање работа релативно лесно е најголемиот стимул за младите од посиромашните балкански држави за да си ја испробаат среќата на Запад – без оглед дали ги имаат документите или не.
Според Риза и Един, илегалните емигранти се држат заедно и си помагаат во новата држава. „Наоѓањето работа на црниот пазар не е лесно, бидејќи мора да познавате некого,“ објаснува Един. „Обично тоа се ’наши луѓе’ [од бивша Југославија] кои тука живеат легално и ни нудат работа – Германците многу ретко го прават тоа.“
Ќе го работиме она што вие не сакате да го работите
Работите кои што се нафаќаат да ги работат емигрантите се најчесто оние кои што не ги сакаат домашните жители. Повеќето се во градежништвото, работи во домаќинствата, во земјоделството или во фабрики. За жените изборот е помал. Често се сведува на „работа како келнерки или проститутки“, вели Един.
Имиграциската полиција во Германија има два фокуса на интерес. Прво, се концентрира на строгата контрола на националните граници, со чести проверки на возовите, станиците, пристаништата и аеродромите и второ на работодавците, со цел да ги спречи да ги користат илегалните емигранти.
Но, Един вели дека многу работодавци лесно ја избегнуваат оваа супервизија. Често има договорено сценарио, во случај нешто да тргне наопаку, или ненадејно да се појави полицијата. „Договорот со газдата е доколку те фатат, да не го пријавиш него како твој работодавец, туку да измислиш некој нов газда, некој што не постои,“ објаснува тој.
Холк Штобе од Зум, здружение што ја следи политиката на вработување во Германија, вели дека намерата на службените лица да ги казнат работодавците кои што користат илегални работници се често залудни.
„Побарувачката за емигранти ќе се намали само кога ќе им бидат дадени истите работнички права и привилегии како и на другите работници,“ вели тој.
Неодамна, Европската комисија донесе предлог да се санкционираат работодавците кои што користат илегалци. Но, Штобе вели дека овој потег ќе биде исто така нефективен. „Причините зошто луѓето мигрираат и натаму остануваат, без оглед на тоа дали има санкции против работодавците или не,“ вели тој. „Поголемиот број контроли само ќе го зголеми притисокот врз емигрантите без документи да работат за мали плати и на лоши работни места.“
Додека повеќето од младите Балканци кои што бараат работа традиционално се обидуваат да најдат начин да дојдат до Германија и Австрија, сé повеќе се упатуваат и кон медитеранските земји, како Италија и Шпанија, привлечени од нивните растечки економии и полибералните имиграциски политики.
Италија, Шпанија и Португалија имаа редовни кампањи за легализација според кои одредени категории на илегални емигранти можеа да добијат право на постојан престој или државјанство.
Албанците веќе одамна се упатуваат кон Италија, главно заради географската близина и претставуваат голем дел од бројката од 200.000 до 800.000 илегални емигранти во Италија денес (според податоците на Европската комисија од мај 2007). Годишно, околу 12.000 Албанци се селат таму. За споредба, само околу 3.600 мигранти од поранешна Југославија доаѓаат во Италија секоја година.
Во споредба со многу други европски земји, Италија е релативно толерантна кон новодојденците и јавноста генерално има позитивно мислење за нивниот ефект врз економијата. Според законот од 2002 година, воспоставен е систем на квоти што овозможува годишно неколку илјади илегалци да го регулираат својот статус – ако можат да докажат дека имаат сигурна работа во некоја италијанска компанија.
Сепак, Микеле Курто, од Тера дел Фуоко, организација што работи со емигрантите, вели дека италијанските одредби не се толку великодушни колку што звучат; бидејќи мал број илегални емигранти се во позиција да докажат дека имаат редовна работа, тврди тој. Оние, пак, кои што сакаат да влезат во земјата, воопшто немаат корист од квота системот. „Како може луѓе од Африка да најдат работа тука, кога не постои таква можност [за барање работа] преку нашите амбасади?“ прашува тој.
Курто вели дека сегашниот систем многу се злоупотребува, а работодавците се претвораат дека им нудат работа на емигрантите кои живеат во странство, додека всушност овие потенцијални емигранти со години веќе работат во Италија.
„Овие нелегални емигранти мора да се вратат во родните земји, за да можат да ги соберат потребните документи од таму,“ објаснува Курто. „Откако ќе ги добијат, повторно можат да аплицираат за виза и работна дозвола во Италија – како никогаш претходно да не работеле во Италија!“
Бројот на шверцерите намален, но не и искоренет
За да се постигне ослободување од визниот режим со ЕУ, владите од земјите на Западен Балкан знаат дека треба да направат многу повеќе за да ги обезбедат границите и да ја спречат корупцијата и организираниот криминал.
Сите мораа да потпишат договори за реадмисија, да воведат интегрирани системи за гранична контрола, да издадат нови биометриски документи, да ги прилагодат законите за странци и азил и да ги усогласат своите визни политики со оние на ЕУ. Освен овие специфични барања, земјите од Западен Балкан исто така треба да постигнат забележителен напредок во полето на владеење на правото, судските реформи, борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Земјите во регионот се во различни фази од оваа тешка битка. На пример, Македонија беше прва што започна со издавањето на новите биометриски пасоши во април, но сé уште нема воспоставено интегриран систем за гранична контрола.
Србија е многу зад Македонија, иако нејзината позиција како последна во регионот и донесе одредени придобивки. „Бидејќи Србија беше последната земја што ги започна овие преговори [за олеснување на визите], се водеше од искуството на другите земји во регионот,“ вели Ивана Ѓуриќ, од Канцеларијата за односи со ЕУ во српската влада.
Од земјите исто така се очекува да покажат конкретни резултати во спречување на шверцерите, недозволената трговија со емигранти од земјите на Блискиот Исток во Западна Европа преку Балканот. Во Македонија, два големи судски процеси за шверцување на емигрантите, беа финализирани годинава, при што 65 лица беа осудени на вкупно 260 години затвор.
Според канцеларијата на Меѓународната организација за миграции, ИОМ, во Македонија, бројот на лица кои транзитирале низ земјава во последниве години е намалена. Од 2000 година, ИОМ има регистрирано вкупно 771 случај на недозволена трговија со луѓе во Македонија. Најголемиот број случаи беше забележан во 2001 година, но во 2005 беше забележан голем пад кога беа регистрирани само четири жртви.
Но, и покрај неодамнешните успеси, шверцерските банди и понатаму се активни, благодарејќи на нивната многу успешна прекугранична соработка. Според Риза: „Во секоја држава има по еден локалец кој што е одговорен за неговиот дел од маршрутата. Тие се координирани и имаат одлична соработка, не постојат национални, етнички или било какви други проблеми. Важни се само парите“.
Парите се вистинската движечка сила на оваа флексибилна индустрија. Един се присетува дека во деведесеттите секој од илегалците плаќал околу 500 германски марки – околу 250 евра – на водачите на бандите за да ги однесат од поранешна Југославија во ЕУ. „Многумина го правеа тоа тогаш, главно Албанци и Срби,“ додава тој. „Дури и јас цел месец пренесував луѓе од Чешка во Австрија преку шумата,“ продолжува тој.
Цените за добивање на фалсификувани документи се далеку повисоки. Дилерите наплаќаат од неколку стотици, па сé до 3.000 евра за фалсификуван пасош од ЕУ, шенген виза или патен документ на ЕУ. „Дилерите обично земаат слика, ја скенираат и ја заменуваат на пасошот со шенген виза,“ се доверува еден поранешен полицаец од аеродромот во Скопје. „Постојано користат исти имиња и аеродромската полиција ги знае, но тие се исто така вмешани [во измамите] и ги пуштаат да поминат,“ додава тој.
„Полицаецот добива повик да пушти некого да помине на одреден датум. Следниот ден, ги добива парите од 700 до 800 евра, што ги дели со неговите претпоставени и командири. Секој си зема дел.“
Един се сеќава дека купил словенечки пасош, лична карта и возачка дозвола за околу 800 евра во Србија, кои ги користел да патува во Германија од Грција, што ја користел како појдовна точка „бидејќи така е побезбедно – во Грција немаат толку строги контроли како во другите ЕУ земји“. Тој патувал со автомобил до Солун и се качил на авион за Франкфурт користејќи го новиот словенечки пасош.
Патувањето со авион со фалсификувани документи е „најчистиот“ начин за да се влезе илегално во ЕУ. Копнените премини се поевтини, но се помалку безбедни и ги користат главно оние кои што се занимаваат со недозволена трговија на луѓе и шверцерите, кои носат емигранти од источните земји, како Курдистан, Индија и Кина. Многу од овие луѓе се измамени од шверцерите и завршуваат работејќи две или три години во Албанија или Македонија пред да стигнат до ЕУ, вели Кире Тодоровски од Комисијата за борба против недозволената трговија и илегална миграција при македонската влада.
„Тие треба да го платат превозот, па затоа мора да работат за шверцерите и заработуваат одвај толку колку да преживеат,“ додава тој.
Ви благодариме, ама не сакаме „полесни“визи
Во септември 2007 година, Европската комисија потпиша договор за олеснување на визниот режим со Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, што треба да започне да се применува во јануари 2008 година и ќе го олесни добивањето визи за одредени категории на граѓани, како и издавањето на повеќегодишни визи и визи со неколку влезови за ЕУ.
„Примената на овој договор ќе и даде [можност] на Комисијата да започне дијалог за можното укинување на визниот режим во иднина за граѓаните од Западен Балкан,“ изјави Франко Фратини, Европскиот комесар за правда, внатрешни работи и безбедност, по церемонијата на која беше потпишан договорот во Брисел.
Иако ова е добра вест за регионот, Дитмир Бушати, албански експерт по меѓународно право во Тирана, предупредува дека промените не се толку олеснувачки како што изгледа. Бушати посочува дека постои разлика „меѓу олеснување на процедурите за издавање виза и вистинска либерализација.“ Имено, на некои среќници од Западен Балкан ќе им биде овозможено полесно да добијат визи, но не и нивно укинување.
Агнеза Руси, одговорна за европските прашања во Министерството за надворешни работи во Македонија, вели дека иако балканските држави, вклучувајќи ја и Македонија, треба уште да работат за да ги задоволат условите на ЕУ, не треба да ги прифатат олеснетите визни процедури како награда за нивната работа.
„Олеснувањето за нас претставува преодна фаза; ние не сакаме олеснување на визите, туку либерализација,“ нагласува таа.
„Балканот, а особено Македонија, не се закана за Западна Европа,“ додава Руси. „Ние сме на дното на листата според барањата за азил или илегална миграција. Се обидуваме тоа да им го објасниме [на ЕУ] дека нивните стравови се нереални, дека не сме закана и да им покажеме колку фрустрирачки е за младите кои не можат да патуваат никаде.“
Дорис Пак, член на Европскиот парламент и специјалист за Балканот, се согласува. Таа го опишува визниот режим, особено оној кој се применува за Балканот како контрапродуктивен – и за регионот и за Европа.
„Ги спречува обичните граѓани да ги минуваат границите кон ЕУ и гради ѕидови околу регионот,“ вели Пак, додавајќи дека исто така им ја ускратува можноста на младите зад „ѕидот“ да изградат било каква европска перспектива.
„Речиси 80 проценти од младите во Југоисточна Европа никогаш не биле во ЕУ, па како можат да имаат европска визија?“



