Позеленувањето на морето ги загрижува јадранските држави
Епидемијата од инвазивни алги ја става на тест подготвеноста на земјите да работат заеднички за да го спасат нивното морско наследство и туристичката индустрија.
Од Бојана Станишиќ во Подгорица, Котор, Дубровник, Сплит, Мљет, Бари, Анкона, Рим и Пиза
Бистрите води на Јадранот долго време беа нешто со што се фалеа земјите долж неговиот брег. Со азурна боја и многу почисти од оние на соседното Средоземно море, тие се главната причина за зголемениот број странци кои што одмараат во Словенија, Хрватска, Црна Гора, а од неодамна и во Албанија. Со намалувањето на тешката индустрија во сите нив, овие води станаа скапоцено економско богатство.
Сега тие се соочуваат со нова опасност. Од година в година, еден агресивен зелен подводен грабливец тајно продира, притоа пореметувајќи ја морската средина и претворајќи го чистото песочно и карпесто дно во дебел тепих од брановити зелени треви.
Состојбата на некогаш бистрите води околу лигурскиот остров Елба е силно предупредување за она што може да очекува Јадранот. Порано дом на блескави корали и мекотели, тие беа рај за нуркачите. „Денес, никој не оди таму за нуркање,“ се жали професор Франческо Чинели, морски биолог на Универзитетот во Пиза, гледајќи во водата крај селото Марина ди Пиза. „Морското дно е покриено со зелен тепих,“ објаснува тој.
Професор Чинели зборува за Caulerpa Racemosa, инвазивна алга што се шири како шумски пожар во Средоземното море и сега се заканува да го стори истото и во Јадранското.
Но, не само што растението е непривлечно. Формирајќи густи колонии на сите видови морско дно, и во чисти и во загадени води, ги трансформира карактеристиките на своето ново живеалиште, драматично намалувајќи ја разновидноста и богатството на друга подводна фауна. Рапидно растејќи на сите површини и во студени и во топли води, таа ја блокира сончевата светлина што им е потребна на помалите морски растенија, предизвикувајќи нивна смрт. Исто така, алгата ослободува алкалоидни супстанции што ги убиваат сите други организми во нејзина близина. Со уништување на соперничката флора како што го покрива морското дно, таа исто така го нарушува опстанокот на рибите и мекотелите што се хранат од другите подводни растенија или на кои што песокот или карпите им се живеалиште. Особено загрозени се рибата лист и рибата пајак, зошто за нив е потребно песочно морско дно.
„Кога Caulerpa го покрива морското дно како килим, овие видови го губат нивното природно живеалиште,“ вели Анте Жуљевиќ од Институтот за океанографија и рибарство во Сплит, Хрватска. Затоа ширењето на алгата во останатиот дел од Јадранското и Средоземното море ќе ги осиромаши економски значајните залихи на риба за јадење и ќе ги одврати нуркачите и туристите. Морињата познати по бројните видови на риба и убавината на подводниот пејзаж би можеле да се претворат во монотони подводни пустини.
Научниците велат доколку владите во Италија, Словенија, Хрватска, Црна Гора и Албанија не успеат да преземат координирана акција за да го искоренат ова зло, веројатно тоа ќе се прошири надвор од нивна контрола. Сепак и покрај сериозната природа на заканата, владите во јадранскиот регион досега не покажаа знаци на меѓусебна соработка ниту пак активно побарале совет од другите земји членки на ЕУ, како Франција, Италија и Шпанија, кои што веќе се соочија со овој проблем и работеа заедно да ја ограничат опасноста.
Доаѓа во морето близу вас
Постоењето на Caulerpa Racemosa во Средоземното море првпат беше забележано пред околу 80 години. Тропски вид по потекло од Црвеното море, таа дошла преку Суецкиот канал на почетокот од триесеттите и постепено окупирала над 50.000 хектари од морското дно. Прогласена од Европската комисија за сериозна закана за морскиот биодиверзитет пред околу десет години, оттогаш со голема брзина се проширила низ Средоземното и во Јадранското море.
По првичната појава во близина на Либија пред околу 20 години, со морската струја се пренела во крајбрежните води на другите средоземноморски држави. Луѓето ненамерно ги пренесувале овие морски автостопери на дното од бродовите, нивните сидра, како и на мрежите за ловење риба и нуркачката опрема. Секојпат кога еден „инфициран“ брод се засидрувал или ја празнел товарната вода во пристаниште, алгите паѓале и наоѓале нови живеалишта.
Доаѓајќи подоцна во Јадранското море, Caulerpa Racemosa, само во последниве три години се прошири во црногорските води од две на осум локации. Најопустошена област е околу полуостровот Луштица на влезот во Которскиот залив, каде што алгата се проширила на два квадратни километри. Неодамна таму се забележани две нови подрачја зафатени со алгата, како и во непосредна близина на Будва, јужно од Котор. До крајот на август, беше проценето дека алгата покрила над четири хектари од црногорското дно.
Во Хрватска ситуацијата е полоша. По првото појавување во близина на Паклени отоци, група на острови во Централна Далмација, вкупно 54 локации се зафатени. Неодамна нејзината појава беше пријавена и во водите во близина на островот Мљет, национален парк чиишто сини води се важна атракција за посетителите.
Фактот што алгата нема природни непријатели во Средозменото море само го помогна нејзиното ширење. Исто како и недоволната свест за сериозноста на овој проблем. Долго време откако се појави, Франција, Италија и Шпанија не посветија доволно внимание и додека ја сфатија природата на заканата, беше предоцна.
Денес, водите во близина на Елба не се единствените во Медитеранот погодени од масивната зараза. Истото се случи и на морското дно во близина на Монако, на Азурниот брег, вели Тери Тибо, истражувач од Универзитетот во Ница. Таму алгата ја уништи соперничката флора и фауна. „Нуркачите не сакаат да нуркаат околу Монако бидејќи таму сега има само зелен тепих од Caulerpa,“ изјавува Тибо.
Борбата со неа – уште не започнала
Иако целосното искоренување на алгата повеќе не е практичен предлог, научниците сметаат дека нејзиното ширење може да биде забавено преку усогласена примена на европските директиви што забрануваат засидрување, рибарење и нуркање во погодените подрачја.
Во меѓувреме задоцнетата свесност за проблемот ги уплаши средоземноморските земји да започнат да работат заеднички на заштита на морските области кои што се од клучна важност за биодиверзитетот, риболовот и развојот на туризмот. Шпанија, Франција и Кипар преземаат заеднички истражувачки проекти и одвојуваат пари за да ги истражат стратегиите за искоренување и мапирање на степенот на проблемот.
Нема знаци за слична соработка против алгата меѓу балканските држави долж јадранскиот брег, што експертите го припишуваат на недостатокот на административен капацитет, немањето пари и неуспехот да се хармонизира домашното законодавство со европското право.
Црногорскиот парламент на пример сé уште не ја усвоил ниту потребната базична регулатива за управување со морето во форма на закон за заштита на животната средина, иако тој треба да стапи на сила до крајот на оваа година.
Националните институти за морска биологија од јадранскиот регион започнаа да разменуваат информации за заедничките проблеми пред две години, но владите не ја следеа истата динамика. Тие искоренувањето на Caulerpa не го прогласија за приоритет, ниту пак покажаа знаци дека ќе го сторат тоа.
Причините за актуелниот недостаток од политичка соработка меѓу земјите во регионот варираат од политички поделби до отсуство на вистинска свест за големината на проблемот. Војните на Балканот во деведесеттите исто така имаа долготраен негативен ефект, забавувајќи го протокот на информации меѓу поедини држави, особено помеѓу Црна Гора и Хрватска, додека Албанија тукушто излегува од годините на самонаметната изолација.
Сепак, Европа повикува на заедничка акција. „Силно се препорачуваат координирани дејствија на државите кои што се погодени или постои веројатност да бидат погодени од Caulerpa, особено во однос на усвојувањето на заеднички стратегии,“ препорача Советот на Европа уште во 1995 година.
Неодамна, Програмата за развој на Обединиетите нации, УНДП, ги повика сите држави од Западен Балкан да ја зголемат нивната заложба – и да усвојат заеднички пристап – за справување со еколошките проблеми генерално. Во еден извештај, објавен во октомври оваа година, дадена е експлицитна врска меѓу напредокот во оваа насока и понатамошната европска интеграција.
Научниците кои што работат на заканата од алгата се согласуваат дека јадранските држави не можат да се справат со проблемот во изолација. Роберто Дановаро, од Одделот за морски науки на Универзитетот на Марке, во Анкона, Италија вели дека регионалната и европска соработка е суштинска. „Би било многу глупаво да се дискутираат поморските прашања само на локално ниво,“ вели Дановаро. „Мора да имаме заедничка политика за морето.“
Претставниците на невладиниот сектор се согласуваат. „Би било бесцелно за една од овие шест држави да го решава проблемот ако сите други не го сторат истото,“ вели Марија Рапини, од еколошката група Маревиво со седиште во Рим. „Можеби би можеле да ја искоренат, но тоа би било само привремено, бидејќи повторно би се вратила да речеме од Албанија или Црна Гора.“
Џани Гуариери, поранешен советник за меѓународни односи во италијанското министерство за животна средина, исто така смета дека „за Јадранот се потребни заеднички проекти.“ Тој ја нагласува потребата да се создадат заеднички заштитени морски резервати. „Секоја [крајбрежна] општина треба да прогласи една од овие зони,“ додава Гуариери. „Тие мора да поседуваат биолошко богатство и да бидат атрактивни, па така да населението што живее во близина да може да заработи од ова.“
Црногорската ривиера е загрозена
Заливот Весло, на влезот од Которскиот залив, се смета за бисер на црногорскиот брег – клучна предност за зголемената туристичка трговија од која многу зависи идниот просперитет на новата независна република. Но, подводната ситуација е алармантно слична на онаа околу Елба, според Весна Мачиќ, од црногорскиот Институт за морска биологија. Таа вели дека Caulerpa веќе ги уништува локалните мекотели и други алги.
Не постојат точни податоци за тоа како алгата го менува биодиверзитетот на црногорските води бидејќи морските експерти во Црна Гора немаат податоци за тоа кои видови живееле во водите пред таа да се појави.
Владата инвестирала само мали суми за решавање на проблемот со алгите – 10.000 евра во текот на изминативе три години. За споредба, Хрватска издвојува 135.000 евра секоја година за истата цел, додека Франција троши 50.000 евра годишно само за регистрирање на степенот до кој се проширила Caulerpa.
Црна Гора ја оправдува оскудната сума што е достапна за истражување тврдејќи дека областа погодена од алгите сé уште не е алармантна. Според Синиша Станковиќ, од Одделението за животна средина при министерството за туризам, нема поента во расфрлањето со пари за неискоренлив проблем. „Доколку знаевме какви методи постојат за искоренување на алгата, никој немаше да штеди пари за тоа,“ вели тој. „Но, сите засега познати методи можат само да го ограничат нејзиното размножување.“
Црна Гора е мала, релативно сиромашна земја и за неа е политички тешко да го оправда издвојувањето на средства за заштита на животната средина од нејзиниот лимитиран буџет. Подискутабилно е што реално не ги користи претпристапните фондови на ЕУ што се на располагање за овие цели – според Станковиќ ова е резултат на недоволниот административен капацитет да се подготват и спроведат такви проекти во согласност со европските стандарди.
Станковиќ вели дека црногорската влада планира да го надомести изгубеното време земајќи учество во новиот проект за заштита на морето поддржан од Светската банка, Фондот за глобална животна средина, механизам што им помага на земјите во развој да финансираат проекти за заштита на глобалната животна средина и УНЕП/МАП, програмата на ОН за животна средина и акцискиот план за Медитеранот.
„Издвоивме 150.000 долари [приближно 107.000 евра] за заштита на подводниот морски свет во текот на следните пет години,“ тврди Станковиќ, додавајќи: „Дел од парите ќе бидат потрошени на искоренување на Caulerpa.“
Државната црногорска компанија, Морско добро, што управува со морските зони на републиката, исто така ги презема првите чекори кон известување на јавноста за опасноста од алгата, преку печатење и дистрибуирање на брошури. Александра Ивановиќ, која што работи на кампањата, вели дека од 2005 година, компанијата исто така финансирала активности за следење и обиди да се спречи ширењето на алгата во водите околу Будва користејќи фолии за да се блокира сончевата светлина што е потребна за живот на алгата.
Но, сумите што ги потрошиле за овие активности засега се минимални и изнесуваат само 5.000 евра.
Што се случи со ’еколошката држава’?
И покрај сé побрзата интеграција во ЕУ, Црна Гора направи изненадувачки малку да донесе закони за борба против инвазивните морски видови, иако тие сочинуваат важен дел од законот за животна средина на Унијата. Фактот што Брисел го означи проблемот како приоритет во Шестиот акциски план за заштита на животната средина усвоен во 2002 година покажува колку е загрижена со овој проблем. Во дописот од септември 2006 година, Запирање на загубата на биодиверзитетот до 2010 година, Директоратот за заштита на животната средина на Европската комисија исто така го идентификуваше ова како клучна област, велејќи дека треба да се преземе акција за да се запре ширењето на туѓите видови.
Во моментов се подготвува стратегија за да се реши проблемот. „Алгата Caulerpa Racemosa е препознаена како сериозна закана за морскиот биодиверзитет,“ вели Ленка Карова, од Директоратот за заштита на животната средина на Комисијата. „Оваа стратегија има за цел да ги намали опасните ефекти од инвазивните видови на европскиот биодиверзитет на одржлив начин.“ Таа додава дека истражувањето спроведено како дел од проектот, Насочување на европските индикатори за биолошка разновидност до 2010, СЕБИ2010, ја наведува Caulerpa меѓу „најлошите инвазивни видови што му се закануваат на европскиот биодиверзитет.“
Иако Црна Гора е „еколошка држава“, според првата алинеја од нејзиниот устав, земјата никогаш не ја ратификуваше Конвенцијата за заштита на Средоземното море од загадување потпишана во Барселона во 1976 година ниту пак ја потпиша Бернската конвенција за заштита на дивиот свет и природните живеалишта од 2003 година.
Синиша Станковиќ ветува дека Барселонската конвенција ќе биде ратификувана до крајот на годината и вели дека „овој закон и особено протоколот за заштитени подрачја во прилог на конвенцијата, ќе ги задоволат потребните предуслови за решавање на проблемот со Caulerpa.“ Но, сепак сé е предоцна. Сите медитерански држави веќе се потписнички на Барселонската конвенција, како и повеќето од соседите на Црна Гора. Хрватскиот парламент го донесе законот за примена на Барселонската конвенција уште во 1996 година.
Освен Босна и Херцеговина што има само мал дел од брегот, Црна Гора е исто така единствената јадранска држава што ја нема потпишано Бернската конвенција. „Бесмислено е да се фалиме дека сме еколошка држава кога ќе се земе предвид нашиот став кон морето,“ вели Весна Мачиќ.
Црна Гора е исто така исклучок во споредба со другите медитерански држави и по тоа што нема официјално означени заштитени подрачја. Според директивите и конвенциите на ЕУ, секоја држава е задолжена да има неколку национални паркови или заштитени морски подрачја и да усвои законска регулатива да ги заштити од загадување и инвазивни видови. Морските резервати треба да бидат заштитетни со закон од неовластено засидрување, нуркање и рибарење. Италија, на пример, има 27 заштитени морски подрачја, а целта според Марија Рапини од Маревиво, е бројот да се зголеми на 50 во следните неколку години.
„Кога ќе ја ратификуваме Барселонската конвенција ќе бидеме задолжени да прогласиме заштитени морски подрачја,’ ветува Ана Пајевиќ, од црногорското министерство за туризам. „Планираме да заштитиме 10 проценти од вкупното морско подрачје во Црна Гора.“ Но, во моментов ова се само цели.
Научниците го предводат патот
И додека политичарите од земјите во регионот направија малку околу соработката за справување со заканата по нивното заедничко морско наследство, научниците од разни земји постојано разменуваат информации. „Морето нема граници,“ вели Мачиќ. „Ако сакаме да го зачуваме, сите мора да работиме заедно. Сите оние кои се занимаваат со морските прашања знаат дека таму не може да има граници.“
Институтот за морска биологија во Котор соработува со Институтот за океанографија и рибарство во Сплит, Институтот за морски и крајбрежни истражувања во Дубровник, Хрватска и со Лабораторијата за морска биологија при Универзитетот на Ница, во Франција.
Вработените во которскиот институт се горди што иницирале заеднички проект за нивното гранично морско подрачје во соработка со нивните хрватски колеги брзо по војните од деведесеттите. „Соработката во полето на заштита на морето е добар модел за помирување меѓу поранешните непријатели во војната,“ сугерира Мачиќ. Нејзините колеги во Сплит и Дубровник се согласуваат со ова.
Но, војните на Балканот оставија трајни последици и научниците признаваат дека ќе биде потребно повеќе време пред целосно да се обнови научната соработка. „Пред пет години, германската влада сакаше да финансира проект за делфини, што Хрватска би го спроведувала заедно со Црна Гора,“ наведува Владо Онофри, од Институтот за морски и крајбрежни истражувања во Дубровник. „Но заради антагонистичките политички ставови на двете земји, не успеавме да воспоставиме соработка.“ Тој додава: „Војните ја инхибираат размената на информации, особено во главите на политичарите и државниците, а тие се оние кои го чуваат ќесето.“
Освин Печар, директор на Националниот парк на Мљет, се согласува дека проблемот е во политичарите. Кога станува збор за научниците во регионот, „Ние ќе соработуваме со секого ако нашиот интерес е вклучен,“ вели тој. „Но, ако добиете пари од владините структури тогаш е многу потешко.“ Во меѓувреме, уникатната убавина на јадранското дно и понатаму останува во сериозна опасност од овој подвижен грабливец.
Морска трева и полжави – слаби сојузници
Може ли да се стори нешто во оваа фаза? Постои мала надеж за еколошки пријателско решение за проблемот со ширењето на алгата. Научниците ја истакнуваат важноста на подвидот на морска трева Posidonia што може да создаде природна бариера за ширење на Caulerpa.
Но, ова е можно само кога колониите на Posidonia се големи и здрави. „Ако Caulerpa ја уништи Posidonia рибата во тоа подрачје ќе замине и крајбрежната зона ќе страда од ерозија,“ забележува професор Чинели од Универзитетот во Пиза.
Друго предложено „биолошко“ решение е внесувањето на еден тропски полжав, чија што главна храна е Caulerpa. Полжавот за кој што станува збор ги населува морињата околу Австралија и неговото внесување во Средоземното море би помогнало да се реши проблемот со Caulerpa на најдобар можен начин, според Анте Жуљевиќ од Сплит.
Научниците исто така истражуваат дали размножувањето на Caulerpa може да биде запрено со прекривање на заразените локации со фолии, иако многумина сметаат дека овој метод не дава добри резултати. „Покривањето на алгата со фолии или инјектирањето на отров е како хемотерапија – не го уништува само туморот, туку и организмот,“ вели Онофри. „Отровот наменет за да се искорени алгата исто така ќе ги убие микроорганизмите што живеат во близина.“
Во меѓувреме, другите мерки насочени кон контролирање на ширењето на алгата се судираат со барањата на туристичката индустрија.
Еден метод препорачан од научниците е да им се забрани на бродовите да се засидруваат во подрачјата каде што е присутна Caulerpa или каде што има колонии на Posidonia бидејќи тие би можеле да бидат уништени со засидрувањето, отворајќи го патот за алгата. „Еден голем крстосувач со сидро кое што тежи неколку тони би можел да ја искорне Caulerpa и да ја рашири низ целото морско дно,“ вели Онофри.
Тој вели дека забраната за засидрување е потребна во подрачјето на Дубровник, каде што големи бродови пристигнуваат секој ден. Но, економичноста на туризмот го прави ова малку веројатно. „Ако го забраниме засидрувањето, ќе има штетен економски удар,“ признава тој.
Иако што се однесува до локалните жители, тие нема да загубат многу. „Туристите што доаѓаат со овие бродови не трошат многу пари во нашите кафулиња или ресторани. Тие имаат сé на нивниот пловечки град,“ вели Љуба, сопственичка на кафуле. „Тие само го загадуваат нашето море и воздух, носат чудни растенија на нивните сидра и потоа заминуваат. Подобро е воопшто да не доаѓаат,“ додава таа.
Освин Печар се согласува дека нешто треба да се направи, но знае дека тоа ќе биде тешко да се постигне. „Забраната за засидрување во заливите е директно спротивна на потребите за поморски туризам,“ вели тој. „Околу 25 проценти од морските туристи доаѓаат во Хрватска само бидејќи засидрувањето е секаде дозволено.“
Тој и Онофри се надеваат на компромисно решение во форма на големи пловци за кои што бродовите би можеле да се засидрат без да доаѓаат во директен контакт со морското дно. Научниците, НВО и владите исто така ги повикуваат луѓето што нуркаат, се засидруваат или рибарат да не ја враќаат Caulerpa назад во морето доколку ја соберат. Ако луѓето не можат да го запрат нејзиното ширење, барем не би требало да го потпомогнат нејзиното распространување.
Во меѓувреме Онофри предупредува дека неконтролираното ширење на Caulerpa ќе има сериозни економски последици за сите јадрански држави во блиска иднина. „За две години, морето ќе биде сино на површина, но зелено на дното,“ вели тој, посочувајќи на малиот остров Локрум спроти Дубровник, крајбрежен рај сега „окупиран“ од штетната алга.
„Caulerpa ‘етнички го чисти морето‘,” вели Онофри.



