Европа внимателно ја чува вратата од сиромашните Албанци
Олеснувањето на визниот режим на ЕУ е придобивка за професионалците од средната класа, но и понатаму ги одминува сиромашните и неквалификувани семејства.
Од Алтин Раџими во Тирана, Скадар, Приштина и Барберино, Италија
Софие Палија и нејзиниот сопруг, Николе, поминаа многу време летово размислувајќи кој запросувач би бил најдобар сопруг за нивната 16-годишна ќерка. Од нивните шест деца, двајца синови веќе работат во Италија, испраќајќи околу 500 евра дома секој месец. Парите претставуваат голема помош и веќе им помогнаа на родителите на момчињата да избегнат живот на непродуктивна напорна работа на фарма во планините. Сега тие живеат во сиромашно предградие на периферијата од Скадар.
Нивната најстара ќерка е исто така во странство, мажена и живее во Атлборо, во САД, додека втората ќерка е свршена за еден човек во Бронкс. „Се надевам дека и оваа можам да ја омажам во странство,“ воздивнува Софие, зборувајќи за нејзината 16-годишна ќерка. „Бог знае колку ни е тешко тука!“
По неволјите и пресвртите во деведесеттите, економијата во Албанија растеше за 6 до 7 проценти годишно, извлекувајќи многумина од екстремната сиромаштија, создавајќи кревка средна класа и збогатувајќи една шака луѓе. Но, брзиот чекор на развој во Албанија ги одмина семејствата како Палијас. Тие сé уште гледаат на миграцијата како нивен главен излез од сиромаштијата.
Неодамна, Европската унија објави дека ќе ги олабави визните ограничувања за патниците од Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија, со што за одредени категории на луѓе ќе биде поедноставно, полесно и поевтино да добијат дозвола за краток престој во Унијата. Но сиромашните семејства како Палијас, на кои што им недостасуваат квалификации и врски, нема да имаат корист од овие промени. Тие ќе продолжат да се соочуваат со истите препреки како и претходно кога ќе се обидуваат да дојдат до запад и ќе бидат присилени да ги користат истите трикови за да ги заобиколат пречките.
Во меѓувреме, критичарите на предлозите од ЕУ велат дека неодамнешните промени во визниот режим можат да доведат до зајакнување на зголемените поделби во балканското општество, мачејќи ги измачените и помагајќи им на оние на кои што им е најмалку потребна помош.
На средната класа – и онака & оди добро
Новиот ЕУ визен режим сигурно ќе биде благодет за средната класа и квалификуваните работници.
За бизнисмените, академските работници и новинарите, добивањето на краток престој и визи со повеќе влезови ќе биде поедноставено, што значи дека нема да биде потребно да доставуваат толку многу документи како изводи од банка, имотни листови, документи за работа, хотелски резервации и билети за патување кога ќе бараат дозвола за влез. Новите прописи се неизбежни како дел од пакетот, што треба да им олесни на висококвалификуваните работници да добијат дозвола за престој и работа.
За сите, потегот за олеснување на издавањето на визи значи и нови временски рокови за обработка, што би требало да ги поштеди апликантите од понижувачкото чекање со часови во редот пред конзуларните канцеларии, и ќе ја намали цената од вообичаените 60 на 35 евра. Студентите и пензионерите повеќе воопшто нема да треба да плаќаат.
Аранжманот би требало да стапи во сила во јануари 2008 година, со што придобивки ќе добијат Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Македонија. Ова е продолжување на чекорите презедени од сите овие држави да ја запрат нелегалната миграција на нивните државјани во ЕУ. Но, сепак не успеа да создаде безвизен режим, нешто што сите го бараа.
Франко Фратини, европскиот комесар за правда кој што помогна да се состави договорот, вели дека тој претставува прв чекор кон договорот што ќе ги укине визите.
Но, Коста Барјаба, експерт по политички науки кој што работи за албанската влада, вели дека главните придобивки ќе бидат за оние на кои што им е најмалку потребна помош. „Средната класа и онака веќе имаше можност да се движи,“ вели тој. „Нискоквалификуваните, кои што немаат врски се оние на кои што им е повеќе потребно и на кои што ќе им биде потешко.“
Барјаба зборува за луѓето како Арјан Стајка, 37-годишен компјутерски програмер кој што сега работи во Тирана во семејниот градежен бизнис. Како резултат на новата средна класа, тој патува во странство само за одмори или на кратки деловни патувања. Работата во Албанија му е доволна. Примерот на Стајка денес не е невообичаен во Албанија. Добро облечени млади луѓе во луксузни барови, каде што одекнува западна музика од звучниците, се вообичаена глетка во главниот град Тирана. Побарувачката за нови станови не е намалена од крајот на деведесеттите, давајќи му на градот изглед на огромно градилиште.
Порастот на потрошувачката доведе до експанзија во бројот на трговски центри. Сé повеќе луѓе купуваат втор дом на јадранскиот брег. Една група милионери, главно успешни претприемачи, исто така се појавија како резултат на бумот и растот на приватното банкарство.
Еден индикатор на високиот раст на расположлив приход во Албанија е зголемениот број на семејства кои што трошат значителни суми на образование за нивните деца во странство. Над 50.000 млади студирале на италијанските универзитети во изминативе десет години, а поголемиот дел од скапите трошоци за образование и живот ги покривале нивните семејства. Друг знак за растот на приходите од неодамна е агресивноста на локалните банки во нудењето хипотеки како одговор на експанзијата на станбениот пазар.
Арјан Стајка уживаше во плодовите од бумот во Албанија во последните пет години откако замина од Италија. Во деведесеттите тој се придружи на егзодусот во странство, селејќи се во Италија и регистрирајќи се како нелегален емигрант во времето кога италијанската влада се нудеше да го „регулира“ статусот на таквите луѓе. Тој работеше како келнер во ресторан во Северна Италија, студираше компјутерско програмирање во Милано, но потоа си замина дома бидејќи животот започна да се подобрува.
Стајка сега жали за трудот што некогаш го вложувал за да ги погоди локалните италијански обичаи. „Го започнувате денот така што се обидувате да ги правите нештата како нив и да се однесувате на начинот на кој што се однесуваат Италијанците, но тоа ве исцрпува,“ се сеќава тој. „Може да го зборувате нивниот јазик без грешка, но сепак вие сте го учеле, а тие се родиле со него. Никогаш не може да биде исто.“ Сега среќно живее во Тирана, се обидел со воспоставување на компјутерски мрежи и управувал со кино сали и барови пред да почне да работи како асистент на неговиот зет, менаџер на градежна компанија, преговарајќи зделки за градежно земјиште. Неговите патувања во ЕУ сега се лесни и кратки, исклучиво за бизнис или одмор.
Зошто сите толку сакаа да заминат
Моделите на миграција од Балканот кон запад во изминативе години многу се разликуваа од земја во земја. Појавата беше помалку акутна во Словенија, која што веќе е земја членка на ЕУ или во релативно просперитетната Хрватска, отколку во Босна и Херцеговина, Албанија или Косово.
Овие земји извезоа меѓу 20 и 30 проценти од нивното население. На пример, речиси секој петти Албанец од Косово живее и работи во странство. Меѓу поранешните комунистички земји, таквите цифри се споредливи по големина само со Ерменија и Молдавија.
Србија и Црна Гора се исто така меѓу 20-те земји во кои што заштедата на оние што работат во странство придонесува со повеќе од една десетина во националната економија, се вели во една студија на Светската банка од 2006 година. Но, Албанија понуди подраматични примери на економска миграција.
Расел Кинг, директор на Центарот за имиграциски истражувања во Сасекс, Британија, го споредува тоа со масовната миграција на Ирците во Америка и Англија во четириесеттите години на 19 век.
Многу малку Албанци се осмелувале да ги минат границите на земјата за време на комунизмот. Не само затоа што тоа било многу опасно, туку и зошто со тоа би ги изложиле на политички прогон нивните семејства.
Но, по паѓањето на комунистичкиот режим и кога економијата практично згасна, речиси сите сакаа да избегаат. „За Албанците заминувањето од земјата не беше прашање на избор,“ вели Џејмс Коровилас, економист на Универзитетот на Западна Англија кој што ги проучувал ефектите на миграцијата. „Тие мораа да го направат тоа. Беа оставени без ништо.“
Дотогаш, 50 години Албанија беше запечатена од надворешниот свет. Оддеднаш, земјата беше преплавена од примамливите слики на богатство што сјаеја од италијанските телевизиски станици на новокупените телевизори во Албанија. Откако границата се отвори, Албанците ја искористија можноста да си одат.
Некои се качуваа по планинските премини во Грција, или се товареа на старите бродови кои што се упатуваа кон брегот на Италија. Многумина стигнаа до Италија на стари гумени чамчиња, купувајќи фалсификувани пасоши и документи за идентификација пред да заминат, претставувајќи се како албански бегалци од Косово кои што бегаат пред прогонот од страна на Србите.
Сега, од 4 милиони албански државјани, околу еден милион живеат во странство.
Во екот на овој масовен егзодус, албанската влада не можеше да стори многу. Повторното затворање на границата не беше опција. Обидот да се креираат неколку стотина сезонски работни места во Германија на почетокот на деведесетите беше оценето како неуспех бидејќи некои од оние што го искористија тоа право исчезнаа и никогаш повеќе не се вратија. Понови планови што вклучуваа издавање на привремени дозволи за работа на фарми во Аргентина или во француските виногради исто така не вродија со плод.
Паулин Палија, најстариот син на Софие, во тоа време се приклучи на егзодусот кон запад. Тој пловеше во гумен чамец од Албанија до Италија во 1998 година, на 17 години, со купена лична карта на косовски Албанец преку црниот пазар во Скадар. Кога италијанската полиција ги фати на брегот, тој се пријави под ново име и & кажа на полицијата дека сакал да им се придружи на неговите братучеди во Германија. Тој и неколку жени беа меѓу малкуте што не беа вратени во Албанија тој ден. Тој промени неколку градежни работи и кога летово го сретнав во Барберино, мал град во близина на Фиренца, цепеше дрва за огништата на Сардинија.
Во земјите во кои главно оделе, Албанците биле пречекувани со непопуларните наслови околу бандитско насилство и недозволена трговија со дрога и жени. Весниците низ цела Европа беа преплавени со секакви случаи на кривични дела што наводно ги извршувале Албанците: силеџии што ја запалиле брадата на еден православен свештеник во грчките планини, продавање на кокаин и подводаџиство во Италија. Зборот „Албанец“ добива лоши конотации и во италијанскиот и во грчкиот јазик.
Но, сите не сметаа дека овие стереотипии за целата нација се праведни или точни. Еден италијански левичарски новинар, Џан Антонио Стела, го споредил ова насилство со расизмот што и самите италијански емигранти го доживеале на почетокот од 20-от век во неговата книга од 2002, Хордите; кога ние бевме Албанци.
„Изненадувачки е што бранот [на емиграција] продолжуваше и кога домаќините беа толку непријателски расположени,“ наведува Расел Кинг.
Работата – а не контролите – ќе го запрат приливот
Со цел да склучат подобар договор со Брисел околу визите, владите од земјите на Западен Балкан мораа да демонстрираат заложба за запирање на нелегалната миграција од нивните земји, главно преку зајакнување на граничните контроли и подобрување на сигурноста на визите.
Брисел вели доколку владите во регионот направат видливи напори да ја зауздаат нелегалната миграција и ја подобрат економијата, ќе биде полесно да се олабават визните контроли околу движењето на луѓето од регионот во западните земји.
Албанија, на која што и беше тешко да го контролира користењето и движењето на гумените чамци од страна на шверцерите со луѓе, целосно ја забрани нивната употреба. Таа беше првата европска држава што се согласи да ги прифати назад луѓето што стигнале до ЕУ од нејзина територија. Владата воведе компјутеризирани гранични пунктови и вети дека за една година сите граѓани ќе добијат лични карти – што не успеваше од 1990 наваму.
Сепак треба уште многу да се направи, пред да може да се каже дека граничните контроли се на потребното ниво. На планинскиот премин каде што е границата со Црна Гора, во селото Муриќан, плочите за соларна енергија обезбедуваат струја за двете колиби каде што е сместена албанската гранична полиција. „Тие даваат струја за работа на компјутерите,“ објаснува еден полицаец. А што се случува ноќе? „Нема струја,“ признава тој.
Иако, економијата на Албанија се развива, таа се соочува со големи препреки, што значи дека веројатно земјата нема да може да го спречи одливот на населението во блиска иднина.
Еден проблем е немањето електрична енергија. Земјата не може да ја задоволи зголемената побарувачка на електричната енергија за приватни цели. Домаќинствата сега трошат околу 70 проценти од целокупната потрошувачка на електрична енергија во Албанија, што годишно се зголемува за 10 проценти. Ако економијата продолжи да расте, побарувачката за електрична енергија најмалку ќе се дуплира, но земјата има одреден капацитет за увоз на струја заради слабата поврзаност со регионалната мрежа, а и потенцијалот за домашно производство е исто така ограничен.
Невработеноста останува на 12 проценти во изминативе три години. Најмалку половина милион Албанци од околу 3 милионското население живеат во сиромаштија, концентрирани во руралните области, каде што фармите се атомизирани како резултат на посткомунистичките земјоделски реформи и продуктивноста е ниска.
Во меѓувреме недостатокот од значајни странски инвестиции и индустрија ја ограничија големината на новите бизниси, од кои што само мал број вработуваат повеќе од четворица, вели Лоис Лабрианидис од Универизитетот во Солун.
Генерално платите остануваат меѓу најниските во регионот. Според МИГА, одделение на Светската банка, просечен професионалец во Албанија заработувал во просек 8.100 долари минатата година, а квалификуван работник околу 3.500 долари, во споредба со 14.000 и 5.700 долари во соседна Македонија.
Илир Гедеши од Центарот за економски и социјални студии во Тирана, ЦЕСС, вели дека сé уште постои мала доверба во способноста на државата да ги задоволи основните потреби на населението. Затоа не е чудно, додава тој, што толку многу сакаат да ја напуштат заради базични економски причини, а не заради изборот на животен стил или професионалните можности.
Критичарите на неодамна договорената реформа на визниот режим на ЕУ велат дека размислувањето зад договорот е суштински погрешно и дека понудата на ЕУ само ќе го зголеми социјалниот јаз и економските проблеми со одбирање на најобразованите и најквалификуваните. „Ова се случува со сите богати земји,“ вели Корадо Бонифаци, демограф од Националниот центар за истражување во Рим. „Сите сакаат да ги добијат најдобрите и најпаметните.“
Околу 40 проценти од луѓето што неодамна ги интервјуираше ЦЕСС рекле оти сакаат да се преселат во странство – главно бидејќи нема доволно работа. Само 19.000 од 300.000 Албанци кои што влегле на пазарот на труд во последниве пет години се пријавени како вработени во земјата, иако многу повеќе работат за неоданочената „сива“ економија.
Речиси сите економисти се согласуваат дека притисокот на миграцијата во Албанија ќе се намали само кога албанската економија ќе почне да креира работни места и плати споредливи со оние што се нудат на запад, што нема да се случи уште најмалку една деценија.
Амбасадите на ЕУ во Тирана годишно добиваат најмалку 220.000 апликации за виза од Албанците, според Дитмир Бушати од Аџенда институтот, истражувачки центар во Тирана што ја проучувал визната политика на ЕУ. Тој вели дека половина од нив се одбиени.
Сиромашните Албанци како Палијас остануваат во тесно. Николе и Софие и двајцата аплицирале минатиот мај за американска виза да ја посетат нивната најстара ќерка во Масачусетс, откако чуле дека страда од постнатална депресија. Тие се сретнале со еден конзуларен службеник што бил љубезен и добро зборувал албански, но ги одбил, велејќи дека не е убеден оти нема да останат илегално во САД.
„Новата визна политика веројатно нема да ги подобри нештата,“ забележува Јули Вулнетари, истражувач од Универзитетот во Сасекс, која ја проучувала појавата на миграција од Албанија.
Ниту едно зајакнување на граничните контроли веројатно нема да го запре феноменот на нелегална миграција. Нови канали постојано се отвораат, истовремено како што се затвораат старите. Минатиот јули, албанската полиција уапси група полицајци што воспоставиле илегален канал на емигранти за да стигнат до Грција. Истиот месец, група шверцери беа уапсени во Србија, кои што пренесувале Албанци преку Србија и Хрватска во Италија.
Панос Хаџипрокопиу, кој што ги проучувал имигрантските заедници во Солун, смета дека каде што постои волја, секогаш ќе се најде и начин. „Оние кои што не смеат, а сакаат да одат, ќе одат, без оглед на средствата,“ вели тој.



