Наследството од воените злосторства го попречува помирувањето на Балканот
Прописите за екстрадиција ги штитат воените злосторници од правдата, додека многу поранешни Југословени стравуваат од патување во соседните држави.
Од Ненад Радичевиќ во Белград, Сараево, Загреб, Хаг, Брисел и Стразбур
Веќе 12 години домот на Гојко Ераковиќ, во кој живее со својата жена и ќерка, е една мала соба во трошните бараки во Белград, кои што порано биле привремени живеалишта за градежните работници.
Ераковиќ, 47-годишен етнички Србин од Хрватска, побегнал од родниот град Бенковац во 1995 година кога Хрватската армија започна со операцијата позната под името Луња, со цел да му стави крај на четиригодишниот бунт на српското малцинство во републиката.
Ераковиќ смета дека имал среќа што побегнал од градот пред да пристигнат хрватските сили. „Оние кои што останаа во своите домови беа уапсени“, се сеќава тој. „Другите гледаа како ги палат нивните куќи“.
Повеќе од една деценија од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор во 1995, со што се стави крај на војните во Босна и Херцеговина и Хрватска, Ераковиќ е еден од многумината што страдаат заради нивната оставштина. За илјадниците злосторства извршени во тоа време, за кои што сé уште нема разврска, многу е полесно да се обвинат цели нации наместо поединците кои што се навистина одговорни. Во односите меѓу државите што настанаа по овие крвави конфликти преовладува длабока недоверба, па дури и обичните луѓе тешко се решаваат да патуваат од една земја во друга, не само бегалците.
Бидејќи за политичарите се сметаат дека се виновни - или во најдобар случај, неподготвени да ги отфрлат - митовите и предрасудите кои што придонесуваат за оваа ситуација, по барање на меѓународната заедница, многу е сторено за зајакнување на улогата и одговорноста на правосудството, за тоа да може да ги утврди фактите во врска со конфликтите од деведесетите. Наскоро, овој процес целосно ќе премине во рацете на локалните судови. Во меѓувреме, се работи за да се се осигура дека тоа ќе се прави на праведен и ефикасен начин.
Но, задачата е застрашувачка, имајќи го предвид она што е досега постигнато. Србите од Хрватска особено стравуваат од бранот на судски процеси во отсуство, спроведени во хрватските судови во раните деведесетти, за кои што многу правни експерти сметаат дека се со сомнителен карактер. Затоа, иако живее во тешки услови во Белград, Ераковиќ не сака да се врати во Хрватска од страв дека ќе биде уапсен под лажно обвинение за воени злосторства. „Уапсија двајца мои пријатели под наводно обвинение за воени злосторства и ги ослободија по само неколку месеци,“ се присетува тој. „Не сакам да поминам низ истото.“
Решавањето на овој проблем е една од целите на обвинителите во регионот. Тие работат на заедничко надминување на проблеми поврзани со националноста и жителството, кои што ја оптоваруваат нивната работа. Постојат одредени знаци дека е направен извесен напредок во надминувањето на застојот што настана поради правилата за екстрадиција, кои што досега им овозможија на многу осомничени да избегаат од лицето на правдата земајќи двојно државјанство.
Но, други сметаат дека напредокот е ограничен, и вината ја лоцираат во отсуството на политичка волја, а не во адвокатите. Меѓутоа, бидејќи прашањата за суверенитетот се сé уште чувствителни, веројатно нема да дојде до драматична разврска. Навистина, требаше да се случат трагичните напади врз Њујорк на 11 септември 2001 година за да се подигне свеста за новата, меѓународна природа на криминалот и да се поттикнат длабоко интегрираните, обединети и мирољубиви земји членки на Европската унија да ги олабават своите екстрадициски прописи и да ги отворат своите кривични судски системи едни за други.
Експертите велат дека сепак таквата соработка зависи од довербата во меѓусебните правни системи при спроведувањето на правдата. Иако, довербата е ретко присутна меѓу поранешните непријатели на Балканот, сепак таа е од непроценливо значење за топењето на невидливите бариери кои не им дозволуваат на луѓето да се движат слободно.
Судски процеси за воените злосторства ’дома’– фактор на доверба
Војните што пустошеа низ поранешна Југославија сериозно ги погодија сега веќе трите независни држави Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија.
Најмногу настрада Босна, со околу 100.000 жртви на војната и 14.000 што сé уште се водат за исчезнати, според независниот Центар за истражување и документација во Сараево. Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Мисијата на ОБСЕ во Хрватска ги проценува жртвите на војната во Хрватска на околу 13.000, со над 2.000 кои што се водат за исчезнати, додека бројот на српски војници кои што загинаа или исчезнаа во акција за време на војните во Словенија, Хрватска и Србија е непознат, но организациите како Центарот за хуманитарно право во Белград, проценуваат дека се работи за неколку илјади.
Сé досега, најголемиот дел од судските процеси за злосторствата извршени за време на овие војни се водеа во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг.
Но, овие судења не направија многу за да го промовираат процесот на помирување и усвојувањето на широко прифатена вистина за блиското минато. Делумно, ова би можело да се должи на фактот што судските процеси се одвиваа далеку од сцената на злосторствата. Но, експертите повеќе приговараат на владеачките елити во сите три држави, за кои што велат дека постојано ја политизираат и поткопуваат работата на судот.
Кога Хашкиот трибунал ќе ги затвори своите врати во 2010 година, илјадници недовршени случаи ќе бидат префрлени во судовите во регионот. Некои експерти се надеваат дека ова ќе биде позитивен развој на настаните, велејќи дека репатријацијата на судските процеси може да ги охрабри луѓето да гледаат пообјективно на казните за воени злосторства.
Во меѓувреме, во претходните неколку години судските власти во регионот започнаа да се залагаат за подобра соработка меѓу судовите во Босна, Србија и Хрватска. Фактот што овие земји беа дел од една иста држава кога започна војната ја прави оваа соработка неопходен елемент за успех во процесирањето на извршените злосторства. Во повеќето случаи, сведоците, документираните докази и најважно, осомничените се во надлежност на повеќе од една од овие земји наследнички.
Во текот на изминатите три години, се одржаа десетици регионални состаноци и консултации, почнувајќи од ноември 2004 година, кога локалните судии и обвинители ја идентификуваа потребата за директна и институционализирана соработка за да се задоволи правдата и по затворањето на Трибуналот.
Беше потенцирана потребата за побезбедно и побрзо движење на сведоците до судовите во регионот, и како резултат на тоа во 2005 година беше потпишан трилатерален договор овозможувајќи неформална размена на информациите, заобиколувајќи ги на тој начин долгите правни постапки за кои што често е потребна меѓувладина соработка. Како резултат на ова беа отворени неколку заеднички истраги и воспоставен редовен контакт меѓу обвинителствата.
Резултатите од овие првични напори се значителни, вели Веселинка Кастратовиќ, судски набљудувач од Центарот за мир, ненасилство и човекови права во Осијек, Хрватска. „Соработката меѓу судството и полицијата на Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина за заштита на сведоците и носење на сведоците во судовите во другите држави започна да функционира,“ вели таа.
Кастратовиќ вели дека таквите потези исто така помогнале да се испрати важна порака до обичните луѓе дека владите во регионот се сериозни во напорите да се соочат со злоделата од минатото.
Промена на пасошите и избегнување на правдата
Сепак, кога станува збор за осомничените за воени злосторства, овие првични примери на регионална соработка допрва треба да ја разрешат јурисдикциската загатка. Суштината на проблемот е во тоа што со распаѓањето на Југославија многу поранешни борци земаа по неколку државјанства, главно српските борци од Босна и Хрватска земаа српско, а босанските Хрвати хрватско државјанство.
Во Србија и Хрватска законот забранува екстрадиција на нивните државјани, што значи дека многу мажи и жени кои што се барани во Хрватска и уште повеќе во Босна, остануваат вон дофатот на судовите. Хрватските судии се справуваа со ова уште од самиот почеток на војната, со спроведување на судски процеси во отсуство.
Процедурата, што беше забранета во Босна, често беше користена во Хрватска: според годишниот извештај на хрватското јавно обвинителство за 2006 година на повеќето од 1.462 лица обвинети за воени злосторства – и 611 кои што беа осудени – од 1991 година им беше судено во отсуство.
Иако сега се помалку вообичаени од претходно, постојаното користење на овие судски процеси во отсуство и тајноста која што ги опкружуваше, спречи многу Срби кои што побегнаа од Хрватска да се вратат дома. „Да се вратам за да бидам уапсен бидејќи Хрватите велат дека сум бил дел од бунтовничката армија? Не знам баш,“ вели 50-годишниот Драган Мирковиќ, по потекло од Книн, некогашното седиште на српскиот отпор во регионот на Далмација.
Мирковиќ сакал да дознае од хрватската амбасада во Белград дали неговото име се наоѓа на некоја од листите на лицата обвинети за воени злосторства или пак е веќе осуден во отсуство, но неодредениот одговор што го добил не бил многу убедлив. „Не можам да бидам сигурен дека не сум на некоја тајна листа на осудени Срби,“ вели тој.
Проблемот е во тоа што не постојат јавни веродостојни податоци за лицата на кои што им е судено во отсуство во Хрватска. Неодамна, Хрватска рече дека авторизирана и ажурирана листа ќе биде јавно достапна во нејзината амбасада во Белград, но тоа сé уште не е реализирано, веројатно бидејќи властите ги немаат средено сите релевантни информации.
Во 2004 година, Веритас, групата што се залага за правата на хрватските Срби со седиште во Белград, објави листа со 1.993 имиња на Срби кои што биле осомничени или им е судено во отсуство во хрватските судови, но не можеше да го верификува изворот. Сепак, Саво Штрбац, директорот на невладината организација, вели дека многу бегалци со право стравуваат да ги посетат своите домови од пред војната и да патуваат надвор од Србија.
Од март 2001 година, врз основа на налозите за апсење издадени од Интерпол, повеќе од 60 етнички Срби кои што биле барани во Хрватска се уапсени во Швајцарија, Унгарија, Грција, Русија и други земји и биле или екстрадирани или чекаат на екстрадиција во Хрватска под обвинение за воени злосторства.
Судења во отсуство – контроверзен пристап
На повеќето правни експерти не им се допаѓаат судењата во отсуство, иако ги прифаќаат како решение во крајна нужда. Весна Тершелич од Документа, организација која што се справува со последиците од војната со седиште во Загреб, смета дека фактот што обвинетите не се во суд за време на процесот не помага да се стекне впечаток за праведност.
Дражен Трипало, портпарол на Врховниот суд на Хрватска, се става во одбрана на нивната употреба, велејќи дека процесите може да бидат важни за да се сочуваат сведоштвата на сведоците и да се добијат важни докази.
Иво Јосиповиќ, професор по право на Универзитетот во Загреб, вели дека многу од таквите судски процеси кои што се одржале во Хрватска во раните деведесетти примарно биле со цел да се намали болката на семејствата на жртвите. „Тие не се добри, но во некои случаи кога беше очигледно дека обвинетите нема да бидат уапсени, на жртвите им донесоа некој вид сатисфакција,“ наведува тој.
Во 2002 година, хрватскиот јавен обвинител им порача на локалните обвинители да не бараат повеќе одржување на судски процеси во отсуство без посебно одобрување. Оттогаш загребските власти успеаја да уапсат многу од оние кои што беа осудени во отсуство и кои што потоа бараа и добија повторно судење. Во многу случаи, обвинетите потоа беа ослободени.
Во меѓувреме, некои Срби обвинети за воени злосторства во отсуство, сега повторно бараат судење во отсуство. Едита Раѓен-Поткоњак е една од нив, хрватска Србинка осудена од окружниот суд во Задар во 1995 за поврзаност со масовната егзекуција на хрватски цивили во селото Шкабрња во 1991 година и осудена на затворска казна од 15 години.
Денес таа живее во Бања Лука, Босна, и сака повторно да се отвори нејзиниот случај, тврдејќи дека има нови докази и сведоштва кои што ќе ја докажат нејзината невиност. Но, таа сака ова да се направи во нејзино отсуство, и досега задарскиот окружен суд го одбиваше нејзиното барање.
Дражен Трипало вели дека постои добра причина за тоа. „Ако судијата дозволи повторно отворање на судски процес во отсуство и ако судот ја изрече истата пресуда, осуденото лице може повторно да бара уште едно судење,“ забележува Трипало. „Теоретски може да имаме 20 повторни судски процеси за истиот случај.“
Мисијата на ОБСЕ во Хрватска, Делегацијата на Европската комисија и Владата на Хрватска дискутираа околу можноста за изнаоѓање механизам што ќе овозможи систематски преглед на сите пресуди за воени злосторства донесени во отсуство. Меѓутоа, таква одлука сé уште не е донесена.
Подобри начини да се заобиколи забраната за екстрадиција?
Соработката меѓу обвинителите за воени злосторства исто така треба да помогне да се стави крај на непосакуваниот феномен на судења во отсуство. Така би се осигурала можноста за отворање на повеќе прекугранични случаи и повеќе судења против осомничените - во нивно присуство. Но, тие велат дека не можат да го направат ова сами и ги повикуваат претседателите на нивните држави да се вклучат. „Политичарите мора да дадат поддршка за изнаоѓање на решение за овој проблем,“ вели Бруно Векариќ, портпарол на српскиот обвинител за воени злосторства, „бидејќи ова е и политичко прашање“.
Мери Викоф, раководител на Одделението за владеење на правото во Мисијата на ОБСЕ во Хрватска, вели дека иако регионалните обвинители имаат постигнато одреден напредок во процесирањето на случаите преку размена на докази, државите ќе треба да ги отстранат правните препреки што сé уште значително ја отежнуваат ефективната меѓудржавна соработка. „Обвинителите се обидуваат да бидат практични,“ додава Викоф. „Но, за навистина да се реши проблемот со изземањето од казнување, потребни се политичка волја и реформа на законодавството.“
Меѓународните организации долго време ги притискаа владите во регионот да ја дадат својата поддршка за регионална соработка. На пример, во октомври 2004 година Хјуман Рајтс Воч им препорача да најдат начин да се префрлат обвиненијата во судовите во другите земји и на тој начин да се заобиколат законите кои што ја забрануваат екстрадицијата на сопствените државјани. Но, и по три години ова не се случи.
Србија и Хрватска направија одредени потези да се справат со прашањето на двојно државјанство. Во 2006 година хрватскиот обвинител Младен Бајиќ и неговиот српски колега Владимир Вукчевиќ потпишаа договор што овозможува пренос на докази, документи и други релевантни податоци од една држава во друга против осомничени кои што претходно имаат добиено државјанство во другата држава. На тој начин, обвинителот кога ќе ги добие доказите може да изгради случај, премостувајќи ја двојно обврзувачката забрана за екстрадиција и пренос на претходно постоечките обвиненија (локалните закони забрануваат пренос на обвиненија во врска со сериозно злосторство со препорачана казна од десет или повеќе години).
Векариќ вели дека договорот ќе им помогне на судовите во целиот регион да преземат акција во врска со случаите блокирани со години, посочувајќи ја соработката околу воените злосторства извршени во 1991 година во селото Ловас во Источна Хрватска. Имено, Хрватска во 2003 обвини 18 лица за убивање на одреден број лица од несрпско потекло во Ловас, но можеше да притвори само еден од обвинетите зошто останатите беа надвор од државата, главно во Србија. Во мај 2007 година српската полиција уапси уште 12 лица дејствувајќи врз основа на доказите кои што и беа предадени од страна на хрватското обвинителство. На осомничените нема да им се суди во Хрватска туку пред српскиот Суд за воени злосторства.
Викоф се согласува дека случајот Ловас е пример за тоа како може да се надмине проблемот со имунитетот што е резултат од актуелната законска забрана за екстрадиција на сопствени државјани. „Обвинителите се прагматични,“ вели таа. „Тие заземаа став дека е подобро да се одржи судски процес во присуство, па дури и надвор од државата, отколку во самата држава но во отсуство.“
Меѓутоа, овој механизам нема да биде од голема корист за бројните осомничени кои што се кријат во Србија или Хрватска, а кои што се по потекло од Босна и Херцеговина, бидејќи оваа држава одби да го потпише договорот. Босанскиот јавен обвинител, Маринко Јурчевиќ вели дека на обвинетите треба да им се суди онаму каде што се извршени злосторствата, а не таму каде што во моментот престојуваат или од каде што имаат добиено државјанство. Во спротивно, тој предвидува ситуација во која што босанските судови ќе бидат ограничени да им судат само на обвинетите босански државјани, додека повеќето судски процеси за злосторства извршени против Бошњаците ќе се одвиваат надвор од државата. Ова нема да придонесе за процесот на меѓуетничко помирување во сé уште кревката држава.
Весна Тершелич се сложува. „Босна сака потврда за она што се случило за време на војната на нејзина територија,“ вели таа.
Но, Векариќ вели дека неговиот босански колега е на погрешен пат. „Ако велат дека судските процеси за воените злосторства извршени во Босна треба да се одвиваат само таму, тие едноставно испраќаат порака до воените злосторници да не одат во Босна,“ тврди Векариќ. Тој наведува дека српските и босанските обвинители веќе соработуваат околу другите прашања поврзани со воените злосторства, вклучувајќи ја и заедничката истрага за злосторствата извршени против Бошњаците во Зворник, Источна Босна.
За време на преговорите меѓу обвинителите од регионот во 2006 година, имаше апели за потпишување на нов договор за заемна екстрадиција меѓу трите земји. Но, според Векариќ, ова не беше можно заради формулациите во српскиот и хрватскиот устав.
Меѓутоа, сите не се согласуваат со ова. Синиша Важиќ, претседател на обласниот суд во Белград, поинаку го толкува уставот на Србија, велејќи дека забраната всушност потекнува од обичен закон што може да се смени многу полесно отколку уставот – доколку постои политичка волја. „Ние ќе го решиме прашањето со есктрадиција со Хрватска преку реципроцитет,“ предвидува Важиќ. Во меѓувреме, „најважно нешто е сите судски органи во регионот да почнат да се однесуваат професионално и да изградат заемна доверба,“ заклучува тој.
Потребно е време за градење доверба
Експертите наведуваат дека градењето на заемна доверба меѓу државите околу прашања како што е екстрадицијата е долг и болен процес.
Мајкл Кенеди, претседател на Евроџаст, тело на Европската унија што помага да се истражат и гонат прекуграничните криминалци, вели дека тешките прашања околу екстрадицијата меѓу земјите членки на ЕУ биле надминати дури по шокот од терористичките напади на Њујорк на 11 септември 2001 година.
Како резултат на тоа во 2002 година министрите за правда се договориле да подготват европски налог за апсење, што сега е признаен и може да се издаде во судовите на секоја земја членка. „Европскиот налог за апсење е задолжителен за секој судија во рамките на ЕУ и секоја земја членка мора да го предаде својот граѓанин на друга ... за кривично гонење и судење,“ објаснува Кенеди.
Што се однесува до тешкотиите што ги имаат балканските држави со самиот концепт за предавање на своите граѓани на соседните држави каде што ќе им биде судено, Кенеди вели дека целосно ја разбира чувствителноста: „овие работи не се случуваат преку ноќ, особено кога јазикот и правните системи се разликуваат.“ И покрај напредокот во прекуграничната судска соработка во ЕУ, при секоја прекугранична истрага треба да биде земен предвид суверенитетот на секоја земја членка.
Фрисо Роскам Ебинг, портпарол на Франко Фратини, европскиот комесар за правда, слобода и безбедност, исто така вели дека земјите членки сé уште можат да направат повеќе за да ја зајакнат соработката околу криминалот. „И ние во ЕУ треба да ја подобриме заемната доверба и да воспоставиме сеопфатна размена на криминални досиеја и други важни информации,“ вели тој.
Иако веќе е воспоставен одреден степен на соработка меѓу судските власти на Балканот, обичните луѓе сé уште ги гледаат судските процеси за воени злосторства во други држави како пристрасни.
Слободан Милошевиќ, поранешниот српски претседател, профитираше на ова чувство на почетокот од неговото судење во Хаг, тврдејќи дека целата нација е ставена на обвинителна клупа. „Со тоа што ме обвинува мене, Обвинителот ја обвинува Србија и сите Срби кои што ме поддржуваа во Србија и оние Срби кои што ме поддржуваа надвор од Србија и сите луѓе кои што сé уште ме поддржуваат во Србија,“ изјави тој во февруари 2002 година.
Од правна гледна точка, не постои колективна вина, ниту во Хашкиот трибунал, ниту во локалните судови во регионот. Сепак, за време на секое судење на висок политичар или генерал, јавното мислење во Србија, Босна или Хрватска има тенденција да заземе спротивно гледиште.
Тершелич вели дека секој важен судски процес го зголемува јавното негодување во државите во регионот како и дискусијата за тоа дали лицето на кое му се суди е „наше“ или „ваше“. Таа смета дека судењата пред локалните судови помогнале донекаде да се изменат предрасудите на јавноста. Според неа, најдобриот пример за ова е значителниот пад на јавни протести во Хрватска кога му се суди на Хрват за воени злосторства. „Пред неколку години, 100.000 луѓе излегуваа на улица секогаш кога беше обвинета некоја важна личност, но денес има само околу илјада,“ наведува таа.
Проблемите со кои што се соочува поранешна Југославија не се единствени и се веќе видени во другите поголеми земји во Европа.
Жан-Франсоа Бонер, француски обвинител за Евроџаст, вели дека судењата за воени злосторства биле клучен дел од процесот на помирување со Германија по Втората светска војна. Меѓутоа, тој вели дека и по 50 години на успешни француско-германски односи, судскиот процес и изрекувањето на казна против францускиот соработник на Нацистите, Маурис Папон во 1998 година сепак предизвикало големи тензии и непријателство.
Францускиот суд го осуди Папон, воен функционер на пронацистичкиот режим на Виши, на десет години затвор заради наредбата да се депортираат над 1.500 Евреи од окупирана Франција во нацистичките логори во Германија. Според Бонер, шестмесечното судење ги воскресна непријатните сеќавања во Франција, отворајќи ги старите рани за нивото на соработката на Французите со нацистите и нивната улога во Холокаустот.
Меѓутоа, ова беше привремен феномен, вели тој, што не ја разниша цврстата решеност на повоените влади во Франција и Германија да ги зајакнат своите односи. „Нештата се променија прилично брзо по славната спогодба меѓу Шарл Де Гол и Конрад Аденауер во 1963 и многу нешта беа направени врз основа на оваа спогодба,“ вели тој, говорејќи за поранешниот француски претседател и западно германскиот канцелар.
Позната и како Елисејска спогодба, договорот симболично го потврди француско-германското помирување и вистинското пријателство меѓу двете соседни држави, кои што војуваа дури трипати од 1870 година. Со спогодбата беше утврден календар на редовни средби на сите нивоа со цел да се создаде рефлекс на соработка меѓу двете држави.
Бонер вели дека политичарите во Франција и Германија беа посветени на целта за градење заемна доверба од почетокот на педесеттите. „Таа дојде од самиот врв и потоа се спушти надолу кон целото општество,“ вели тој. „Но тоа беше бавен процес бидејќи требаа да се убедат сите да имаат доверба во другиот,“ додава тој.
Спогодбата ги охрабри двата народи да се запознаат и на лично ниво, се сеќава Барбара Хесе, директор на Алзас-Мосел меморијалот, што ја претставува трагичната историја на луѓето кои што живеат во пограничните подрачја кои што требаа дури четири пати да ја менуваат својата националност во периодот од 1870 до 1945 година. „По Елисејската спогодба во 1963 година францускиот народ беше поттикнат да патува во Германија,“ вели таа.
Деан Ајдуковиќ, професор по психологија на Универзитетот во Загреб, се согласува дека за нормализирање на односите меѓу нациите во регионот е потребно време, но вели дека политичарите треба да работат на тоа. „Луѓето ги слушаат своите лидери и дејствуваат во склад со нивните пораки, исто како што тоа го правеа и за време на војната,“ објаснува тој.
Нов почеток
Дванаесет години по војната, граѓаните од Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина започнаа повторно да патуваат низ регионот.
Штотуку венчаната српска двојка, Ивана и Марко Албуновиќ од Белград, неодамна беше на брачно патување на хрватскиот остров Хвар.
Велат дека нивните планови ги вчудоневидиле нивните роднини и пријатели кои што се обиделе да ги обесхрабрат. „Сите се обидоа да нé разубедат дека одморот во Хрватска би можел да биде опасен или барем непријатен за нас Србите,“ вели Ивана. „Ги игнориравме нивните препораки полни со вообичаените предрасуди и стереотипи,“ додава таа. “Но, сепак не се осмеливме да одиме со нашиот сопствен автомобил со српски регистарски таблички.“
Ивана и Марко биле претпазливи кога пристигнале, но „набрзо сфатиле дека сé е во ред и си поминале прекрасно.“
Според Ивана, луѓето на Балканот мора да го заборават мрачното минато. „Конечно заслужуваме да му се придружиме на современиот свет во кој што војните и омразата се срамен дел од минатото,“ заклучува таа.



