Бумот од нови вработувања во Бугарија ги одмина Ромите

popkostadinova

Доколку наскоро не се инвестира во маргинализираните Роми, најголемото малцинство во Европа ќе остане во замката на сиромаштијата.

Од Николета Попкостадинова во Софија, Пловдив, Марчево, Букурешт, Ниш и Белград

На улиците на ромското гето во Софија, асфалтот не е ништо повеќе од сеќавање. Трошните колиби, изградени од кал и скршени тули, се стуткани по сокачињата. Лош мирис се шири од калливата вода што тече низ отворените шахти. За да се види врската меѓу тукашните семејства треба само да се следат илегалните приклучоци за електрична енергија што ги поврзуваат нивните куќички. Тука самиот концепт за инфраструктура е туѓ, колку што е и зборот астрофизиката, додека „општина“ претставува валкан збор.

Ова можеби изгледа како слика од Третиот свет, но всушност ова е опис на областа Факултета во бугарската престолнина, а вакви слики се среќаваат низ целата држава како и во соседна Романија, и двете членки на Европската унија од јануари 2007 година. Со неодамнешниот бум речиси ја снема невработеноста во двете држави заради големата побарувачка за работна сила. Но, овој поволен тренд речиси воопшто не ги допре Ромите. Расизмот, недостатокот на образование и стручност ги остави херметички затворени за економските промени во кои што уживаат нивните сограѓани.

Малку е веројатно дека ова ќе се промени. Напротив, иако повеќето од 45.000 жители на Факултета се без работа, Бугарија попрво ќе увезе работници од странство за да го забрза својот економски раст отколку да го мобилизира постоечкото ромско малцинство на пазарот на труд.

Официјално, Бугарија е дом на 370.000 Роми. Но, невладините организации сметаат дека ова е многу помалку од реалната бројка, за која тие велат дека е околу 800.000 или десет проценти од населението.

Во последните 15 години, многу Роми од сиромашните рурални подрачја мигрираа во градовите во потрага по подобар живот. Населувајќи се во сиромашни и пренаселени области, тие се претворија во виртуелни гета. Околу 54 проценти од Ромите сега живеат во овие махали [маала] како што се нарекуваат на бугарски. Околу три четвртини никогаш не ги напуштиле од нивното раѓање.

Георги Крастев, раководител на Одделението за интеграција на Ромите при Министерството за труд и социјална политика, се согласува дека земјата се соочува со проблем на тешка економска сегрегација. „Над 90 проценти од невработените [во Бугарија] се Роми,“ вели тој.

Во август, министерството во кое што работи изјави дека стапката на невработеност се намалила на рекордни 7 проценти и предвиде дека овој тренд ќе продолжи. Во Софија, речиси единствените кои не се вработени се оние кои менуваат работа и Ромите, од кои 60 проценти немаат работа, велат во Институтот за национална статистика, НСИ.

Преокупирани со други проблеми на транзицијата и уплашени од промовирање на правата на непопуларното малцинство, ниту една од посткомунистичките бугарски влади не презеде суштински чекори за да се подобри економската мобилност на Ромите.

Тука, но и во другите нови земји членки, многумина сега жалат што не ги искористија шансите што им беа дадени за време на претпристапната фаза во ЕУ за да го зголемат притисокот за дејствување. И додека Брисел вели дека ромската интеграција останува приоритет во Бугарија, Романија - и целиот блок - малкумина веруваат дека само со достапните фондови ќе можат да ги отстранат пречките за мобилност на малцинствата. Ромските заедници во балканските земји што се надеваат дека наскоро ќе и се приклучат на ЕУ извлекуваат поуки.

Регионален проблем вкоренет во историјата

Бугарските политичари не се единствените кои што ги кријат своите глави во песок. Слични слики како оние во Факултета може да се видат насекаде низ Централна и Југоисточна Европа. Во Унгарија, каде што Ромите претставуваат 6 до 8 проценти од 10 милионското население, околу 50 проценти се невработени, додека националниот просек е 7 проценти, се вели во извештајот на агенцијата Маџар Агора која што спроведува анкети од 2005 година. Над 50 проценти од ромските домаќинства во Унгарија живеат под нивото на сиромаштија, во споредба со националниот просек кој изнесува 8 проценти.

Ситуацијата е слична и во Србија, каде што над 60 проценти од 300,000 Роми се сметаат за многу сиромашни, во споредба со само 6 проценти од вкупното население, се вели во еден официјален извештај од 2006 година за вклучување на Ромите. Стапката на невработеност кај Ромите од сите возрасни групи и сите нивоа на образование е три пати повисок отколку на не-ромското население.

Во Република Чешка, над 70 проценти од Ромите се без работа во споредба со 10 проценти од земјата во целина, се вели во извештајот на Европската комисија од 2005 година. Во Романија, каде 2 милиони Роми претставуваат 8 проценти од 22 милионското население, дури 75 проценти од работоспособните се невработени, се наведува во истражувањето на Програмата за развој на Обединетите нации, УНДП, и Меѓународната организација за труд од 2004 година.

Коренот на овие проблеми датира од пред неколку века, вели Румјан Сечков, историчар на бугарската Академија за науки и претседател на невладината организација Почеток за алтернативни граѓански иницијативи. Европјаните за првпат се заинтересираа за Ромите кога мигрираа во 15-от век од индискиот потконтинент, но нивната љубопитност набрзо премина во директно непријателство, раскажува тој, објаснувајќи дека „отфрлањето на Ромите носи длабоки корени уште од тоа време“.

Многумина барале прибежиште од Отоманската империја во европските земји, каде што не биле добредојдени, но не биле ниту истребувани. Но, со доаѓањето на Втората светска војна, околу половина милион Роми биле убиени од страна на Нацистите и нивните локални сојузници во новите држави во Централна и Источна Европа, велат историчарите.

Преживеаните се соочија со нови обиди на присилна асимилација од страна на комунистичките режими што ја презедоа власта. Во Бугарија, јазикот на Ромите беше потиснат, музиката беше јавно забранета, а нивниот номадски стил на живеење уништен со законот од 1957 година кога на сите граѓани им беше наредено да се пријават со постојана адреса на живеење. Уште пострашно беше што во Чехословачка, некои Ромки биле стерилизирани како дел од државната политика да се намали нивниот број.

Во раните деведесетти, со доаѓањето на политичките и економските промени во земјите од поранешниот источен блок, Ромите оддеднаш беа признати како посебно етничко малцинство. На неколку начини ова беше позитивен развој на настаните. Но, тоа се случуваше во време кога многу социјални институции се распаднаа, а Ромите, како економски најранлива група, беа најтешко погодени со што се зголеми јазот меѓу нив и останатиот дел од општеството.

Ајде сите да го игнорираме проблемот

Во јануари 2007 кога Романија и Бугарија и се приклучија на ЕУ, Ромите станаа во овој регион најголемо етничко малцинство, кое брои меѓу 8 и 10 милиони. Но, големината не значи и моќ, па и во новите земји членки Ромите имаат неповолна положба, затворени во кругот на дискриминација, занемареност и исклученост.

„Не велам дека сите Роми се опасни, но повеќето се,“ вели Антон Иванов, 22-годишен Бугар од Красна Полјана, населба што се наоѓа веднаш до Факултета. Во август петорица беа сериозно повредени кога група Роми ги нападнаа во знак на одмазда за едно Ромче од нивната заедница кое беше претепано.

Областа е позната по етнички тензии, иако официјално не постои таков термин. Марко Попов, 17-годишно момче од ромско потекло, на пат кон дома во Факултета вели: „Ние живееме нормално со Бугарите од Красна Полјана,“ додавајќи дека „нормално“ значи заемен презир меѓу Ромите и етничките Бугари, вклучувајќи секојдневно подметнување пожари и тепачки.

Но, официјалните лица негираат дека таквите инциденти потекнуваат од расизмот, нарекувајќи го, на пример, судирот од август рутински немир. Слично, и инцидентот кој исто така се случи во август кога едно 17-годишно Ромче беше претепано на смрт од страна на етнички Бугари во градот Самоков полицијата го опиша како „тепачка меѓу две банди“.

Во меѓувреме, предрасудите на младите како Иванов претставуваат плодна почва за растечките десноориентирани елементи. Бојан Расате, претседател на Бугарската национална унија, стана херој за Иванов, бидејќи неодамна иницираше национален волонтерски одред за „заштита“ на бугарското население од „ромското малтретирање и природните катастрофи.“

„Крајно време е некој да преземе мерки против нив и ние сме му многу благодарни на Бојан Расате,“ вели Иванов со ентузијазам во очите.

Како и во другите нови земји членки од Источна Европа, Европската комисија ги повика Романија и Бугарија да спроведуваат политика на нулта толеранција кон расизмот уште пред да и се приклучат на ЕУ. Според Катарина фон Шнурбајн, портпарол на Владимир Спидла, Комесарот за социјални работи кој се занимава и со прашањата на Ромите, ова вклучува „правно проследување на инцидентите кои се појавуваат во ромските населби и борба против лошиот третман на овие луѓе.“

Но, ова не донесе значителни промени и расизмот сé уште останува табу тема. Сето ова проследено со нивното хронично занемарување направи документите кои што ги потпишаа бугарските власти, како „Декада на вклучување на Ромите“ или „2007 европска година на еднакви можности за сите“ да останат само на хартија.

Една прошетка низ Столипиново го потврдува овој впечаток. Оваа населба која се наоѓа во предградието на вториот по големина град во Бугарија, Пловдив, со 35.000 жители, е второто по големина гето во Бугарија. За време на ручек во текот на еден обичен ден преку неделата, сите се надвор и улиците вријат од врева. Децата си играат во калта, мажите се шетаат во мали групи, а жените перат алишта пред зградите во кои живеат.

Но, жителите живеат во хронична сиромаштија и имаат нарушено здравје. „Веќе десет години немаме вода за пиење,“ се жали една ситна жена со сини очи и косата крената во пунџа. „Лани, како резултат на тоа моите три деца добија жолтица.“

„Имаат вошки бидејќи немам со што да ги искапам. Некои ме обвинуваат што не ги праќам на училиште. Но, како да ги испратам во ваква состојба?“ додава таа.

Проблемите со здравјето и безбедноста толку видливо присутни во Столипиново се пресликани и во Марчево, село познато по лошите услови за живот во Родопските планини на југ, близу до градот Гармен. Потекнува од шеесеттите, кога еден клан што правел кошници се населил таму почитувајќи го декретот од 1957 година.

Долго време беше извор на локални епидемии како резултат на лошите санитарни услови. „Беа потребни само 500 метри цевки за ова маало да биде приклучено на градскиот систем за водоснабдување,“ вели Калина Бозева, претседател на Интеретничката иницијатива за човекови права во Бугарија. „Иако тоа беше обврска на општината, иницијативата беше покрената неодамна од страна на еден невладин проект.“

Петар Диков, градскиот архитект на Софија, објаснува дека овие области населени со Роми се обично заведени во урбанистичките планови како индустриски зони со цел општините да се ослободат од одговорноста да градат инфраструктура.

Многу слично е и преку границата во Романија, каде според Магда Матаче, претседател на групата за права на Ромите со седиште во Букурешт, Романи КРИСС, овие села и населби немаат вода. „Луѓето таму може само да сонуваат за канализација,“ вели таа. „Секој ден мора да пешачат со километри за да стигнат до најблискиот бунар да донесат вода за своите семејства.“

Неуспехот започнува на училиште

Меѓу многуте грешки и пропусти што ги направи бугарската влада во однос на Ромите ниту една не беше толку пресудна или уништувачка како начинот на кој му се пристапи на прашањето со школувањето. Политиката на ефективна сегрегација лиши цели генерации Роми од можноста да имаат еднакво учество на пазарот на труд.

Во ерата на комунизмот, Ромите можеа да учат само во блиските училишта кои ги подготвуваа за нискоквалификувани работи, каде воопшто и не се учеа предметите како математика или историја.

„Тие создадоа генерации на лошо образовани луѓе,“ вели Красимир Кунев, раководител на бугарскиот Хелсиншки комитет. Денес речиси 70 проценти од ромските деца продолжуваат да учат во де факто сегрегирани училишта, се вели во извештајот на бугарскиот Хелсиншки комитет од 2006 година. Ова, објаснува тој, ги направи Ромите да бидат најранливи на економската депресија и високата невработеност во пост-комунистичката транзиција. Иако државата стана свесна за големината на проблемот на почетокот и во средината на деведесеттите, таа освен обезбедувањето на социјална помош стори малку за да се справи со него.

„Ова беше огромен неуспех,“ вели Румјан Сечков. „Тоа беше лесно решение; луѓето без квалификации остануваа неквалификувани и на маргините.“ Во меѓувреме, според историчарите, обичните Бугари сметаа дека не е праведно да им се дава парична помош што само ги разгоре социјалните тензии.

Големината на проблемот продолжуваше да расте, цементирајќи ја културата на зависност. „Сега се соочуваме со национален проблем бидејќи една цела генерација на Роми израсна, а никогаш не успеа да ги види своите родители како стануваат наутро и одат на работа“, вели Сечков.

Во 2006 година, 58 проценти од ромските домаќинства добивале некој вид на социјална помош, велат од Министерството за труд. Но, ова наскоро ќе се промени. Од 1 јануари 2008 година новите прописи ќе го ограничат временскиот период за земање социјална помош на најмногу 18 месеци. Иако ова треба да придонесе за намалување на злоупотребите на системот, критичарите велат дека сето ова ќе биде попусто доколку не е придружено со политики чија цел ќе биде проблемот на ниското образование и невработеноста.

Роза Цветанова, 54, седи на работ од тротоарот пред нејзиниот дом во Столипиново. Нејзината коса е завиткана во светло розова шамија, и виткајќи тутун во нејзиниот скут раскажува како таа и нејзините пет деца опстануваат од социјалната помош бидејќи таа не работи, а сопругот е во затвор. Кога слуша дека наскоро ќе престане и социјалната помош, таа се разбеснува: „Да не се луди?! Тие сакаат да нé истребат и мене и моите деца! „ Никој не сака да вработи 50-годишна жена со основно образование. Зарем не го сфаќаат тоа?!“

Бугарија не е единствената во регионот што не обезбедува пристојно образование за Ромите. Во последниве децении низ цела Југоисточна Европа стандардите останаа ниски со што не им се даваат големи шанси на Ромите да избегаат од сиромаштијата и подеднакво да учествуваат во општеството. Но, додека другите земји во регионот ги презедоа првите чекори да се разбие овој магичен круг, Бугарија продолжува да го занемарува ова прашање.

Според пописот од 2001 година, 20 проценти од Ромите во Бугарија на возраст од и над 20 години се сосема неписмени. Но, иако овој број се зголемува, се чини дека Министерството за образование нема стратегија да се справи со овој проблем. На пример, во 2002 година, владата издаде наредба учениците од етничките малцинства да бидат интегрирани во наставата, но не успеа да им наметне на општините да го спроведат тоа. И во извештајот на Кунев од 2006 се гледа дека општините тоа не го имплементираа.

Властите во Романија се многу повеќе проактивни и уште во 1993 година усвоија афирмативни дејствија за да се зголеми запишувањето на Ромите во средните училишта и универзитети. Како резултат на тоа 400 ромски ученици беа запишани на универзитетите во академската 2005-2006 година.

Магда Матаче исто така ја опишува афирмативната политика како успешна, цитирајќи ги извештаите дека поголем број Роми одат на училиште и сé повеќе дипломираат. Иако резултатите ќе станат видливи дури на долг рок, таа смета дека првите ефекти веќе се чувствуваат бидејќи оние кои што добиваат пристојно образование се враќаат и стануваат пример за нивната заедница или остануваат во градовите и наоѓаат работа. „Обично наоѓаат работа во институциите или во невладиниот сектор [поретко во бизнисот], но и тоа е чекор напред,“ вели Матаче.

Во Србија исто така се преземени афирмативни мерки. Според пописот од 2002 година, речиси 62 проценти од Ромите во Србија не успеале да завршат основно образование, а само 0.3 проценти имаат високо образование. Меѓутоа, владата неодамна алоцираше дополнителни буџетски средства за стипендии за ромските ученици.

Резултатите беа драматични, особено кога бројот на ученици кои се запишаа во средните училишта ќе се спореди со претходните години. „Во 2005-2006 година успеавме да запишеме 88 ромски ученици во средните училишта, додека нивниот број во 2006-2007 беше 260,“ вели Љуан Кока, директор на Секретаријатот за стратегија за Ромите во Србија.

Неискористен извор на труд

Експертите се согласуваат дека главен предуслов за подобрување на соци-економските можности за Ромите е да се намали високата стапка на невработеност.

Иронијата е што земјите како Бугарија немаат доволно работници. Всушност, според еден неодамнешен извештај на Светската банка за Источна Европа, Бугарија ризикува пад на економскиот раст ако не се справи со недостатокот од квалификувана и неквалификувана работна сила. Иако во извештајот се сугерира подобро искористување и обезбедување образование за локалните работници „преку реформирање на образовните системи и подобрување на домашната мобилност,“ истовремено се вели дека се потребни работници од странство.

Евгени Иванов, од Конфедерацијата на работодавци и индустријалци во Бугарија, вели дека не е паметно земјата да бара странски работници и да го игнорира неискористениот извор на работна сила дома. „Бугарија ги има потребните финансиски и човечки ресурси што и се потребни за да ги интегрира Ромите на пазарот на труд,“ посочува тој.

Иванов предвидува дека на Министерството за труд ќе има една милијарда евра на располагање од структурните фондови на ЕУ за програмите чија целна група се Ромите. „Но немаме информации дека Министерството работи на оваа проблематика,“ додава тој. „Само ги слушаме како зборуваат во идно време.“

Иванов вели дека деловната заедница треба да ги поддржи проактивните мерки кои ќе им помогнат на Ромите да најдат работа. „Како работодавци, не ни пречи етничкото или националното потекло [на работниците]. Нам ни се важни нивните вештини.“

Но, нема многу знаци дека владите во регионот активно работат за да се подобрат можностите за работа на Ромите. Во Србија, Бугарија и Романија, властите не успеаја да изнајдат работна формула за да се подобрат нивните шанси, како на пример преку различни обуки.

Романија започна да се сосредоточува на Ромите на саемите на труд во 2001 година, но тоа не донесе некои позначителни резултати. „Ниту ние, ниту Министерството за труд немаа доволно голема кампања во ромската заедница и на крајот, иако работодавците беа присутни на саемите, Ромите ги немаше,“ вели Гелу Доменика, претседател на Агенцијата за развој на заедниците Импреуна од Букурешт.

Истото се случи и во Бугарија, иако саемите на труд од 2005 година се одржуваат во ромските населби, резултатите беа незабележителни. И претставникот од Министерството за труд, Георги Крастев, признава дека курсевите финансирани од владата до сега опфатиле не повеќе од 4.000 Роми.

„Ова се само привремени решенија,“ вели Георги Георгиев, 46-годишник кој го посетил саемот на труд во училиштето во Столипиново пред две години. Заедно се неговиот дваесетгодишен син Илива најде работа како ѓубреџија на едно градилиште во Пловдив. Но, кога зградата беше довршена по само неколку месеци, и двајцата се вратија на секојдневото играње карти во гетото.

Освен тоа, „само малку луѓе од соседството отидоа на овој саем на труд бидејќи речиси никој не знаеше кога и каде ќе се одржи,“ додава Георгиев. „Се сеќавам дека претставниците од Министерството за труд, работодавците и новинарите беа побројни од присутните Роми.“

Не сметајте на Брисел

И додека Србија очекува отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, многумина го гледаат ова како идеално време да започнат да ги градат односите со Ромите на нова основа. Активистите и групите за промовирање на правата се потпираат на надворешниот притисок за да ја потурнат државната политика кон Ромите во позитивна насока.

Ферхад Саити, раководител на невладината организација РТВ Нисава, вели дека ЕУ ќе биде најдоброто нешто што ќе им се случи на Ромите од Србија. Но, неодамнешното искуство на Бугарија и Романија треба да служат како потсетник дека оптимизмот на Саити е можеби неоправдан.

Соседите на Србија направија радикални реформи како резултат на процесот на преговори за членство во ЕУ. Но, не беа најдени одржливи решенија за проблемите на ромската заедница во нивните земји. Притисокот од Брисел не беше доволно силен да се направи вистинска промена, а сега откако Бугарија и Романија станаа земји членки тој се намали.

Лошата ситуација на Ромите во Романија беше спомената во неколку набљудувачки извештаи од периодот пред пристапувањето кон ЕУ што според Раду Мотоц од Фондацијата Сорос во Букурешт беа „прилично остри.“ Во септември 2006 година, Европската комисија забележа „случаи на институционално насилство кон Ромите и напади врз Ромите како полициски рации и иселување на ромските заедници, без да им се обезбеди алтернативно сместување.“

Во Бугарија, беше изразена загриженост дека владиниот пристап кон дивите населби, главно на Ромите, „доведе до тензии“, додавајќи: „Потребни се понатамошни напори за борба против сите форми на нетолеранција.“

Но, покрај извештаите со критики, Брисел не донесе промени во статусот или можностите што им се нудат на Ромите. На хартија, и Романија и Бугарија сега се усогласени со ЕУ стандардите за човекови права, вработување, домување и образование.

Додека Катарина фон Шнурбајн од Европската комисија вели дека Брисел „тесно соработувал со Бугарија и Романија за да воспостави различни програми за поддршка со цел да се подобри домувањето, образованието и здравјето на Ромите,“ Раду Мотоц вели дека пристапот на ЕУ не бил доволен. „Имаше сектори што беа сосема изоставени [во процесот на пристапување на Романија], како што е социјалниот сектор. Како и Бугарите и ние се фокусиравме на антикорупцијата и реформи во правосудството.“

Во Бугарија, Калина Бозева стравува дека бавните чекори за подобрување на позицијата на Ромите ќе исчезнат како што ќе се олабавува надворешниот притисок врз владата. Нејзината организација за човекови права е една од групите кои се обидуваат да ја поттикнат Европа да ја стави интеграцијата на Ромите на врвот од политичката агенда.

Во Романија, невладините организации лобираа за назначување на комесар за малцинства во Европската комисија, убедени дека надлежностите на Комесарот Спидла се многу широки. Но, залудно. „Сега тоа е само сон,“ признава Доминика.

Европската комисија ги отфрла обвинувањата дека го олабавила притисокот за Ромите, укажувајќи на поддршката од структурните фондови за нивна инклузија. „Комисијата тесно соработува со Бугарија и Романија за да осигура дека клучниот предизвик за интеграција на Ромите е земен предвид и во процесот на планирање и на имплементација,“ вели Фон Шнурбајн.

Но, ако се гледа од поинаков агол, оваа заложба се доведува во прашање. Груја Бумбу, претседател на Романската национална агенција за Ромите, посочува дека ако се земе предвид оти 240 милиони евра се потрошени од страна на Европската комисија во текот на минатата декада за програмите за инклузија на Ромите се доаѓа до бројката дека годишно се трошеле околу 3 евра за секој Ром, „а се нудат субвениции од 32 до 35 евра годишно за една крава.“

Ромите како адут, а не товар

Но, и покрај оваа мрачна позадина, некои експерти повикуваат на нов, поиновативен пристап кон Ромите низ Централна и Источна Европа, велејќи дека актуелниот пристап на доделување социјална помош не само што ги уништува животите, туку и чини многу.

Бугарските економисти Лачезар Богданов од Индустри воч, консултантска куќа и Георги Ангелов од Институтот отворено општество во извештајот насловен како Интеграција на Ромите во Бугарија, вели дека проактивниот пристап вклучува и краткорочно зголемување на трошоците на владата што би ја стимулирало мобилизацијата на Ромите на пазарот на труд и ќе донесе заштеда во буџетот за само десет години.

Тие велат дека половината милијарда евра што Бугарија ќе ги потроши во следните десет години за програми наменети за Ромите би можеле да генерираат поврат на средства од 7.5 до 15 милијарди евра доколку се инвестираат мудро, односно во стекнување вештини.

„Ако ова беше проект за недвижности, приватните претприемачи алчно ќе го прифатеа бидејќи инвестицијата ќе се сметаше за исплатлива,“ вели Богданов. „Но, Бугарите и особено државата, не го сметаат ромското малцинство за потенцијални даночни обврзници или како извор на работна сила и БДП во иднина.“

Гелу Доменика се согласува дека постоечкиот пристап на владите во регионот не успеаја. „Мора да го промениме дискурсот од перспектива на човекови права кон причини за инвестирање во ромските заедници,“ вели тој. „Треба да државата да стане свесна дека трудот на ромската заедница е поевтин и полесно е да се дојде до нив, отколку да се носат работници однадвор.“

Владините претставници отворено признаваат кога се работи економско зајакнување на Ромите – но многу често ја префрлуваат одговорноста. Затоа Георги Крастев смета дека иако економската интеграција на Ромите е задолжителна, „тоа не е работа на државата [централната власт]. Општините треба да бидат иницијатори.“ Меѓутоа, тој не споменува дека буџетите на општините ги распределува владата.

Се чини дека сите сектори во општеството се согласуваат со потребата да се мобилизира економскиот потенцијал на Ромите во 21 век и го прифаќаат ова како единствено можна, иако долгорочна, инвестиција во заедницата. Но, ниту националните влади ниту Брисел не се подготвени да ја преземат главната улога во нејзиното остварување.

Сцените од ромските гета во Бугарија кои наликуваат како да се од земјите во Третиот свет се чини дека се осудени да останат дел од европскиот пејсаж во наредните години.