Звукот на музиката ги лекува раните во бивша Југославија
Прагматичните интереси ја заменуваат старата идеологија на „братство и единство“ како двигател за обновената уметничка соработка.
Од Давор Коњикушиќ во Загреб, Сараево, Белград, Стразбур, Осло, Стокхолм, Копенхаген и Хелсинки
„Еднаш пријател, засекогаш пријател, а пријателите ги стекнав пред сé преку музиката,“ вели Кебра, инаку познат како Бранислав Бабиќ, пејач на српскиот рок бенд, Обојени програм. „Националноста не е важна кога станува збор за пријателството.“
Во 1991 година Кебра се најде во ситуација во која што националноста, за жал, беше сé; Србин кој што служеше војска во Винковци, Северна Хрватска кога непријателството ја преплави Југославија.
Неговите музички врски го спасија. Додека еден ден ѕиркаше низ оградата на касарната во толпата од лути хрватски цивили и полиција, тој забележа познато лице: Горан Баре, рокер од хрватскиот бенд, Мајке. Некако воспоставија комуникација и следната ноќ со помош на Баре, Кебра доби цивилна облека, ја прескокна огрдата и пешки побегна за Унгарија.
Кебра и неговиот бенд сега повторно настапуваат во Хрватска. Тој факт, како и пријателските реакции од публиката, покажува дека и покрај тешкотиите кои што сé уште ги оптоваруваат односите меѓу земјите од поранешна Југославија тешко е да се раскинат цврстите културни врски.
„Доколку нештата се остават на обичните луѓе, мислам дека ова ќе функционира без никакви проблеми,“ вели Кебра за обновената размена меѓу Србија и Хрватска. „Но, ако ја оставиме ’културата’ на политичарите, тогаш тоа ќе зависи од нив, а тие секогаш ќе наоѓаат причини за да ги опструираат нештата.“
Набрзо откако Кебра побегна од Винковци, Југословенската армија го бомбардираше градот, започнувајќи ја војната што ќе ја расцепи поранешна Југославија од Хрватска до Босна, а подоцна и Србија оставајќи зад себе смрт, раселени и уништување.
Како што никнуваа новите државни граници во рамките на Југославија, се распадна и културната сцена. Но, алтернативната, пацифистичка маса го одржуваше пламенот и со време, кога мирот повторно се врати, соработката и размената процветаа и тоа не само во полето на таканаречената „висока култура“.
Денес, културната размена е сé поголема, бидејќи заедничкиот јазик и интереси создаваат можности и за уметниците и за бизнисот, без оглед дали станува збор за авангарден театар, наградуван филм или турбо фолк музика.
И додека зголемената културна мобилност сé уште се соочува со отпор од страна на оние кои што сакаат да ја задржат изолацијата од времето на воените години, некои се надеваат на повторното создавање на широка, балканска култура. За други, попривлечен е скандинавскиот модел, на посебни, но тесно поврзани држави кои што покажуваат како може да функционира еден голем, регионален, културен простор.
Ослободени од идеологијата, тие се надеваат дека може да се појави слична заедница и на Балканот, зголемувајќи ги можностите и заработувачката на уметниците и истовремено помагајќи им да донесат постепено помирување на луѓето сé уште трауматизирани од војната.
’Заедничкиот културен пазар’ изчезна во чадот
„Беше невозможно да се остане тука, а да не се биде член на тимот,“ Рајко Грлиќ, водечкиот хрватски филмаџија, беше еден од многуте уметници во поранешна Југославија кои што го преживеаја културниот пад што го донесе војната. Прогласен за persona non grata во Загреб, тој продолжи да работи во раните деведесетти со српските колеги на два од неговите филмови, Вирџина, на кој што работеше како продуцент и Чаруга, во негова режија, за на крајот да оди да студира, а потоа и да предава во САД.
И тоа не само бидејќи се промени хрватската уметничка атмосфера. „Истовремено, многумина, повеќето во Белград, прекуноќ се променија и од противници на социјализмот почнаа да завземаат националистички ставови. Моето разочарување беше огромно,“ објаснува тој.
Популарниот хрватски пејач и кантавтор, Арсен Дедиќ, ѕвезда во Југославија уште од почетокот на шеесеттите, го почувствувал истото. Додека војните беснееја во Хрватска и Босна, Дедиќ се обидуваше да ги сочува контактите со колегите и пејачите од другите републики од поранешна Југославија. „Како би можел да мразам пријател од Белград, или Кемал Монтено од Сараево или Славе Димитров од Македонија?“ прашува тој.
Кога мирот повторно завладеа во 1995 година, овие пионери ги направија првите чекори за повторно воспоставување на поблиски културни контакти. Меѓутоа, нештата бавно напредуваа. Чувствата на омраза меѓу луѓето – резултат на големиот број жртви на војната – претставуваа сериозна препрека. Процесот не се забрза сé до 2000 година, додека една нова, потолерантна политичка клима не започна да ја заменува националистичката хистерија од претходната деценија.
Денес, најголемите музички ѕвезди од стара Југославија, како Арсен Дедиќ од Загреб, Момчило „Бајага“ Бајагиќ од Белград, Забрането пушење од Сараево и Горан Бреговиќ, фронтменот на Бело Дугме, рок бенд од седумдесеттите од Босна, повторно настапуваат пред преполнетите концертни сали низ целата бивша држава. И тоа не е само носталгија за старите „евергрин“ хитови. Модерните бендови го прават истото, што укажува на тоа дека освен заедничката меморија, постојат и заеднички, современи интереси и вкусови.
Сепак имаме нешто заедничко
Популарниот рок бенд од Хрватска, Хладно пиво, нема југословенско педигре; се појави дури откако републиката стана независна. Откако најпрво се здоби со популарност во Словенија, станаа хит во Босна и Херцеговина, и конечно во Србија, каде што бендот за првпат одржа концерт во 2001 година. „Штом можевме да одиме таму за да свириме, ние го сторивме тоа. Исто, како бендовите од Србија што доаѓаа да свират тука,“ се сеќава Зоки, гитаристот на Хладно Пиво.
Филмот, исто така, има сé поголема привлечност преку границите, за што белградскиот актер и продуцент Зоран Цвијановиќ вели дека е резултат на сличната естетика како и речиси заедничкиот јазик. „Вистина е дека ние се разбираме едни со други во овие краишта и тоа е суштинско,“ вели тој.
Пред само неколку години, движењето на актерите меѓу Хрватска, Србија и Босна беше непоимливо. Сега тие играат улоги во сапунските серии и филмови. Во Хрватска, еден од најпопуларните ликови во хит телевизиската новела „Љубов во офсајд“ е Оги, кој што го игра српскиот актер, Ненад Стојменовиќ.
Постои интензивна размена и во театарот, особено меѓу малите и поалтернативни компании. Слично е и во модерната уметност, каде различни организации ги здружуваат силите врз основа на заеднички интереси. Три организации, новосадската КУДА.ОРГ, Центарот за модерна уметност од Сарево и WHW (Што, како и за кого) колективот од Загреб соработуваат со години, додека нивниот проект, Деконструкција на спомениците, неодамна го освои вниманието на јавноста благодарејќи на делото насловено како, Споменик за конзервата, што иронично алудира на храната испратена како помош за жителите на Сараево кои што беа под опсада од 1992 до 1995 година.
И покрај изолацијата и предрасудите во изминативе 17 години, се чини дека нешто специјално ги поврзува луѓето од овие соседни држави. „Некој некогаш рече дека за Хрватска сега српската култура е интересна колку и бугарската,“ забележува хрватскиот рок критичар Александар Драгаш. „Не верувам дека е така.“
Ова е веројатно највидливо на музичкиот фестивал ЕГЗИТ во Нови Сад. Од неговите почетоци во 2000 година, стана место каде новата повоена генерација имаше можност да се запознае и брзо да ги отфрли предрасудите. Вообичаена глетка на станицата во Нови Сад беше патниците да го задржуваат автобусот за Загреб додека се бакнуваа за збогум со новите момчиња или девојки од Србија.
„Најпрво, не им ни кажував на моите родители дека одам за Србија,“ вели Мирта, студентка од Загреб, сеќавајќи се на првото одење на ЕГЗИТ. „Денес е во ред. Сега знаат дека последниве три години одам во Нови Сад на фестивалот. Тие се смирија откако им објаснив дека таму запознав многу млади и пристојни луѓе.“
Времето што Мирта го поминуваше во Србија за време на ЕГЗИТ го побудија нејзиниот интерес и за други нешта кои што доаѓаат од таа земја. „Следната година ќе одам на фестивалот на дувачки оркестри во Гуча,“ додава таа, зборувајќи за традиционалната средба на трубачите во западна Србија, еден сосема поинаков настан. „Тука сé е ново и егзотично за нас,“ објаснува таа.
Парите исто така играат улога
ЕГЗИТ претставува добар пример за тоа како прагматичните деловни можности се изградени врз културни сличности и јазично разбирање. Со други зборови, прекинатите врски се обновија во потрагата за поголеми пазари и економии на обем.
Меѓу првите што го сфатија ова беа филмаџиите од бившите југословенски републики. Велат дека е полесно да се работи заедно отколку со колеги од други држави, но зголемувањето на бројот на копродукции се сведува на можноста за поквалитетен кастинг што се добива кога целна група се поголем број на актери и актерки, сличноста на јазиците со што титлувањето или синхронизацијата се непотребни и можноста за здружување на ресурсите за да се добијат поголеми буџети.
„Сите веднаш се вклучија во словенечко-хрватските, македонско-словенечките и хрватско-српските копродукции и беа собрани средства од секаде за овие проекти,“ вели наградуваниот хрватски режисер Винко Брешан.
Еден ваков пример е филмот од 2006 година на Рајко Грлиќ, Караула, комична копродукција во која што се вклучија пет од шестте бившо југословенски републики, чија приказна беше сместена во една база на предвоената Југословенска армија на границата со Албанија. За да се добијат средства од ЕУРОИМАЖ, Европскиот фонд за поддршка на кинематографијата основан од страна на Советот на Европа за финансирање на копродукција, дистрибуција и прикажување на европските филмови, Караула мораше да биде проект на најмалку три држави. Како резултат на тоа силите ги здружија Хрватите, Словенците и Македонците. Но, тоа не заврши тука, бидејќи наскоро и Србија и Босна се приклучија.
„Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија имаат голема предност; не ни е потребен титл за да ги дистрибуираме филмовите на нашите пазари,“ вели Брешан. „На некој начин, ова е заеднички пазар за филмската индустрија и она што беше логично, на крајот се случи.“
Ова го потврди реакцијата на публиката. Локалните продукции како Караула и филмот на Брешан, Сведоци, воен филм што ја доби наградата за мир во 2004 година на Берлинскиот филмски фестивал, беше многу популарен меѓу балканската публика.
Потенцијалот на пазарот за овој заеднички интерс е присутен и на музичката сцена. Во 2005 година, глобалниот медиумски гигант Ем-Ти-Ви ја лансираше Ем-Ти-Ви Адриа, која што ги покрива сите поранешни југословенски републики, односно речиси 20-милионски пазар. Исто така, музичка телевизија во локална сопственост започна да се емитува регионално, вклучувајќи го каналот МТС [Музичка телевизиска станица] што емитува од Србија и српската комерцијална станица, ТВ Пинк.
Вторава е најпозната по своето „Гранд шоу“, музички спектакл со либерални звуци на турбо фолк, стил со едноставни, емотивни текстови, еротично изведени од страна на убавици, кои што често се подвргнале на хируршки интервенции.
Покрај фактот што турбо фолкот е српски жанр, што наголемо се поврзува со српскиот национализам, хрватскиот рок критичар Александар Драгаш вели дека станува сé популарен во Хрватска. Неговиот весник, загребскиот дневен весник, Јутарњи лист, спроведе истражување по ова прашање: „Излезе дека 43 проценти од околу 1.000 испитаници слушале турбо фолк,“ вели тој.
Иронијата е што оваа мешавина од српска фолк музика, популарни хитови и ориентален ритам стана модерна за време на владеењето на Слободан Милошевиќ во деведесеттите, додека најпознатата дива е Светлана „Цеца“ Ражњатовиќ, вдовица на озлогласениот воен парамилитарец Жељко „Аркан“ Ражњатовиќ. И покрај тоа педигре, и без некоја реална медиумска поддршка, музичкиот жанр продолжи да се шири низ регионот, вклучувајќи ги Босна, Хрватска, Словенија, па дури и Косово.
Менаџерот на еден турбо фолк клуб во Загреб вели дека се сé сведува на кешот. „Денес само парите се важни, а во турбо фолкот има многу пари,“ вели тој. „Навистина не е важно кој или што се тие [т.е. пејачите] бидејќи Хрватите паѓаат на тоа.“
Не го сакаат сите турбо фолкот
Меѓутоа, популарноста на турбо фолкот надвор од Србија, особено во Хрватска сé уште носи нелагодни конотации од минатото. И додека песните на Цеца одекнуваат од многу хрватски ноќни клубови и кафулиња, би било практично невозможно пејачката да одржи концерт во земјата.
Новинарката Наташа Бодрожиќ смета дека ова покажува дека претстои уште многу работа за културно зближување меѓу поранешните завојувани нации. „Има некои спорадични примери на културна соработка, но не постои вистински мост“, потврдува таа.
Таа вели дека медиумите не се менувале во согласност со публиката. Така додека хрватските хитови го преплавуваат српскиот и босанскиот етер, „ниту една хрватска радио станица не пушти ниту една од српските песни што се натпреваруваа за Евровизија, како овогодинешната победничка песна, Молитва, или Лане мое, која што го освои второто место во 2005 година,“ посочува Бодрожиќ.
Отпорот кон културната соработка доаѓа од многу страни, вклучувајќи ги и политичките партии, воените жртви и групите ветерани, но и од самите уметници.
Зоки од Хладно Пиво не го негира нивното постоење ниту ги оспорува нивните мотиви. „Луѓето осиромашија во војната и ги изгубија саканите, па можам да ги разберам оние кои што имаат силни чувства против српските бендови кои што свират во Хрватска,“ признава тој.
Една од тие е хрватската актерка Витомира Лончар, која што не го посетила Белград од војната, иако некогаш беше многу популарна таму. „Сигурно знам дека за време и по војната ниту еден од моите колеги од Белград не се обиде да стапи во контакт со мене,“ се сеќава таа. „Тие никогаш не ме прашаа како ни е во засолништата и дали ни е потребно нешто.“
Снежана Бановиќ Долезил, поранешна директорка на драмата во Хрватскиот народен театар, беше дури и присилена да си даде оставка во 2002 година откако една група актери одби да одржи претстава во Белград, што таа се обидуваше да ја закаже. Некои од нив рекоа дека нема да се поклонат пред публиката во Белград во чии редови можеби седат луѓе кои што ги убивале нивните сограѓани Хрвати.
Други ги обвинуваат политичките елити кои што денеска даваат поддршка на културната соработка, но ретко ја финансираат. WHW колективот, познат по нивната уметност што ги преиспитува националните митови, смета дека поблагата реторика на современите структури е примарно водена од желбата да се влезе во Европската унија.
„Тоа е последица на оваа голема опсесија со ЕУ, што се гледа како пат кон посветла иднина, дека официјално сме завршиле со минатото,“ вели Сабина Саболовиќ, куратор на WHW. „Процесот на нормализација го создаде ова однадвор пријателско лице, но овие прашања не се добро разработени и сé уште имаме повеќе слоеви на противење и нетолеранција.“
Некои критичари на хрватското Министерство за култура се жалат дека голем дел од неговиот буџет се троши на зачувување на археолошкото и националното наследство, додека само мали средства се наменети за културни производи што не вклучуваат силна, очигледна „национална“ содржина.
Но, Ирена Гуидикова, од Директоратот за култура во Советот на Европа, вели дека таквите дилеми се вообичаени во сите транзициски земји. „[Тие] и особено посткомунистичките општества поминуваат низ тежок период ... да постигнат рамнотежа меѓу инвестициите во проекти за зачувување на наследството и инвестиците во креативните процеси и современа уметност,“ забележува таа.
Во оваа насока, Босна има специфични дилеми, бидејќи нејзиното повоено уредување ефективно ја потврди воената поделба на републиката во две зони – една српска и друга главно бошњачка и хрватска. Студените односи меѓу овие ентитети, Федерацијата и Република Српска, значеше дека во државната култура доминираат „национални“ прашања и етикети.
Дуња Блажевиќ, директорка на босанскиот Центар за современа уметност, вели дека тоа остава мал простор за уметнички форми кои што не се толку национални. „Освен за филм, нашето федерално министерство нема интерес за современите уметности,“ се жали таа. Во меѓувреме, националните музеи и галерии се занемарени „бидејќи тие беа основани од поранешната држава и ниту една институција во федерацијата не сака да се грижи за нив,“ додава таа.
Етничките поделби во Босна – и искуството од војната – исто така влијаат на начинот на кој што босанските уметници комуницираат со соседните Србија и Хрватска. Фарук Шехиќ, претставник на новиот бран на босанската литература и член на таканаречената „воена генерација“, вели дека публиката во Загреб е поотворена за босанската култура отколку онаа во Белград.
Илустрација за ова можеби беше реакцијата на наградуваниот филм од 2005 година Грбавица, на босанската режисерка Јасмила Жбаниќ. Приказната за една од многуте босански жени силувани од српските војници за време на војната доби меѓународно признание, со Златна мечка на Берлинскиот филмски фестивал, но сé уште не е дистрибуиран во Србија, иако главната актерка, Мирјана Карановиќ, е Србинка.
Карановиќ не сакаше да се политизира овој факт. „Има политичка позадина, но не сум сигурна дали тоа е главната причина,“ вели таа. „Сé што знам е дека немаше написи во Србија за успехот што го постигнав со овој филм ... А она што го нема во весниците, исто како да не постои.“
Милена Драгичевиќ Шешиќ, ректор на Уметничката школа во Белград и една од најистакнатите културни експерти во регионот е помалку резервирана. Таа го припишува овој и другите примери на културен ексклузивитет на „луѓето со комплекси на лична инфериорност на кои што им е потребно мегаломанско сценарио – митот на српската култура. Оние кои во сé гледаат закана.“
Лекции од Скандинавија
Зоки од Хладно Пиво вели дека нациите од поранешна Југославија треба да го напуштат концептот на наследена вина за да можат да прифатат концептот на помирување. „Не може да ја обвините цела нација за злосторствата на нивните влади од пред 10 или 15 години,“ вели тој.
Тој смета дека уметниците од поранешна Југославија исто така може да учат од примерите на други места во Европа, каде некогаш постоеле слични проблеми, но биле надминати.
Некои поранешно југословенски уметници се заинтересирани за концептот на кој што се заснова АРТЕ, културен телевизиски канал лансиран во 1992 за да ги премости разликите помеѓу Франција и Германија, две држави кои што трипати војувале од 1870 година, но кои што денес претставуваат темел на ЕУ.
Мајкл Штриер, одговорен за комуникации во телевизијата, вели дека ТВ станицата со тек на времето ќе ја покрива цела Европа. „Се обидуваме да им помогнеме на луѓето да ја сфатат и да ја почитуваат другата култура. Ако не го почитувате вашиот сосед не можете да живеете заедно.“
Меѓутоа, Рајко Грлиќ претпочита да го зема за пример моделот презентиран од скандинавските земји како потенцијален водич за поранешните југословенски републики. Финска, Данска, Шведска и Норвешка имале тешка историја, обележана со војни и непријателства. Меѓутоа, во последниве декади тие развија бројни механизми за да ги олеснат заедничките операции, дејствија и културни политики.
Или како што вели Пер Свенсон од шведскиот Уметнички совет, „нордиската културна соработка е важна бидејќи имаме толку многу заедничко. Ние сме мали јазици на работ од Европа, ние ја делиме историјата и традициите – и се разбира важно е да се имаат добри релации со вашите соседи.“
Неговиот колега од финскиот Уметнички совет, Саха Хану се согласува. „Модерната културна соработка меѓу нордиските земји е многу блиска, со редовни средби на министерствата за образование и култура, многу фондации за културни активности, а денеска и со многу активна директна соработка меѓу уметниците и самите културни институции.“ Според Хану, „оваа соработка не е само важна, туку е природна.“
Цвијановиќ смета дека ова дава надеж за неговиот регион, бидејќи скандинавските држави „имаат историја слична на онаа на балканските држави,“ додавајќи: „Ова го гледам како голема можност за нас, бидејќи и ние сме многу држави на мал простор.“
Рајко Грлиќ се согласува: „Има голема сличност со скандинавските држави. Многу е тешко да се најде дански филм направен без учество на Шведска и Норвешка. Без оглед на нивното богатство, малите земји се обидуваат да се обединат и да го искористат таканаречениот простор на сличен сензибилитет како нив примарен пазар.“
Сé уште неподготвени за нордискиот модел
Поранешните југословенски држави треба уште многу да сторат пред да ги задоволат основните услови за такво ниво на соработка. На пример, правата за заштита на интелектуалната сопственост треба да се решат на регионално ниво, бидејќи пиратеријата цвета.
Од друга страна, скандинавските земји имаат специјална заедничка регулатива која ја поддржуваат државата, граѓанското општество, професионалните асоцијации и приватните фондации. Децентрализацијата е друго прашање. Многу нордиски локални власти и градски администрации имаат речиси исти буџети за културни проекти како и државата. Балканските држави не се ниту близу до оваа позиција.
Но, Томас Бокстад од Министерството за култура на Шведска вели дека нема ништо уникатно во моделите на културна соработка што ги имаат воспоставено нордиските држави. „Ако го испитате новиот систем на културна соработка во скандинавските земји, ќе видите дека може да се примени во Европа и надвор од неа,“ вели тој.
Како што истакнува Пер Свенсон, важен клуч за успехот на Шведска во културната соработка е културната политика која не ја потенцира „шведската култура“ сама за себе. „Националната културна политика ја потенцира важноста на интернационализмот и различноста,“ вели тој. Токму затоа, и покрај конфликтното минато, „Шведска и Данска совршено добро работат заедно и во рамките на системите за соработка во нордиската култура и надвор од нив.“
Додека културната копродукција и соработка веќе се појавуваат меѓу Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија со нивните сопствени напори, не постои сомнеж дека владите и професионалните организации мора да излезат и да ја подржат динамиката на природниот интерес, јазичната сличност и силите на пазарот.
Без ова, според Милена Драгичевиќ Шешиќ, примерите на соработка се оставаат на „лични иницијативи“ и иако „ова би можело да продолжи долгорочно, не може да ја промени генералната слика.“
Сепак, таа е оптимист дека процесот ќе добие сила и ќе помогне да се залечат раните од војната што го одалечија регионот од остатокот на Европа. Дури и скептиците се согласуваат дека во културата можеби лежи клучот за подобрена мобилност во целост, бидејќи поранешните непријатели и заедничките жртви имаат шанса да ги ублажат своите стравови и предрасуди преку изложеноста на културните производи.
„Објективно сметам дека културата може да игра позитивна улога во помирувањето и ова би можело да биде една од клучните улоги на културата,“ вели Лончар. „Можеби нашите деца, кои што не се оптоварени со она низ што сме поминале ние, ќе можат да развијат поинаква перспектива.“



