Богатите држави ги крадат спортските таленти од бивша Југославија
Владите во регионот предоцна сфаќаат дека е потребна акција за да се запре бегството на нивните идни шампиони.
Од Милорад Ивановиќ во Белград, Сараево, Загреб и Лондон
Десетици илјади белграѓани им приредија херојски дочек на српските тениски чуда, Ана Ивановиќ, Јелена Јанковиќ и Новак Ѓоковиќ, по нивната одлична игра на француското Отворено првенство во јуни 2007 година.
Малкумина знаеја дека нивните спортски идоли многу лесно можеа да им донесат радост на обожавателите во Британија, Австралија или некоја друга земја, бидејќи сите тројца добија привлечни понуди да го променат државјанството. Таткото на Ивановиќ, Мирослав, вели дека неговата ќерка одбила многу понуди, вклучувајќи и една од Австралија.
„Австралиските, американските и пасошите од Европската унија ја зголемуваат пазарната вредност на спортистот за 10 или 20 пати, што значи дека спортистите од овие земји земаат неспоредливо многу повеќе пари од спонзори,“ објаснува Ивановиќ. Што е уште попрактично, тие не се отповаруваат со вадењето визи за патување, нешто што дури и оние кои што играат на најважните турнири не можеа да го избегнат, иако новиот визен режим на ЕУ треба да ги олесни работите од следната година.
„Кога беше мала и имаше многу идеи, таа размислуваше да земе државјанство од друга држава,“ вели Ивановиќ. „Имаше многу понуди, а некои беа премногу добри за да бидат вистинити [но] таа престана да размислува за промена на државјанството во моментот кога почна добро да заработува од тенисот.“
Во 2007 година, Британската асоцијација за тенис на трева им пријде на родителите на Новак Ѓоковиќ, велејќи им дека тој ќе може да добие поисплатливо спонзорство и поддршка ако игра за Британија. Ѓоковиќ ја одби понудата и покрај медиумската хистерија во Србија, Британија и на други места во врска со ова прашање.
Но, соочени со лимитираните можности за професионален развој, многу други балкански спортисти попуштија. Марко Пешиќ, син на истакнатиот кошаркарски тренер, Светислав Пешиќ, кој што ја предводеше Југославија при освојувањето на златните медали на Европското во 2001 и на Светското првенство во 2002 година, зеде германско државјанство.
„Првично, ја одбив понудата за германски пасош од патриотски причини, но бев надвор од видното поле на југословенскиот тим и сакав да играм на големи меѓународни настани,“ открива тој. „Го послушав советот на моите родители и го исполнив сонот играјќи за Германија.“
Дали да останам или да заминам?
Во земја што сé уште се опоравува од повеќе од еднодецениската војна и меѓународна изолација од времето на Слободан Милошевиќ, многу од врвните српски спортисти размислуваат дали да го следат примерот.
Една неофицијална анкета на 100 спортисти спроведена за потребите на овој извештај покажа дека 54 проценти би го разгледале тоа, доколку им се даде шанса. Триесет проценти од нив рекле дека главниот мотив се финансиите, додека 18 проценти не се задоволни со владината политика за спорт. Околу 16 проценти ги навеле проблемите со визи, додека 8 проценти сметале дека би можеле да постигнат подобри резултати во други земји. Никој не ја навел политиката како мотив. Анкетата покажала дека 54 проценти биле неутрални околу тоа дали постои морален аспект по прашањето за промена на државјанството. Дваесет и шест проценти го оцениле како позитивен потег, додека 20 проценти сметале дека тоа е погрешно.
Во однос на дестинациите, 54 проценти рекле дека би отишле во било која земја што би им понудила добра зделка, 12 проценти ја навеле Италија, а 5 проценти САД. Помал процент ги навеле Франција, Швајцарија, Германија и други земји.
Јасна Бајрактаревиќ, професор по психологија на Универзитетот во Сараево, вели дека резултатите од анкетата не се изненадувачки, додавајќи дека истото ниво на заинтересираност за емиграција постои меѓу спортистите во сите земји што настанаа од поранешна Југославија. Таа инсистира дека спортистите кои што ја менуваат нивната националност „во никој случај не треба да бидат осудени како непатриоти“.
„Секоја земја што не може да им обезбеди на своите спортисти базични предуслови да се натпреваруваат е на патот да се соочи со таква криза,“ забележува таа. Новонастанатите политички уредувања во регионот се уште еден важен фактор за оваа амбивалентност, тврди таа: „Државите наследнички на Југославија се помлади од повеќето од нивните спортисти, па така не е јасно колку тие можат да се идентификуваат со нивните новоформирани земји.“
За почеток, тие сакаат да патуваат
Една причина за промена на националноста е актуелната ригорозност на визниот режим, оставштина од распадот на поранешна Југославија. Иако е спортска ѕвезда во Србија, Ана Ивановиќ сé уште чека во ред пред амбасадите за да добие виза кога патува. „Често ја притискаше времето и мораше да чека пред некоја амбасада за виза буквално само неколку часа пред летот,“ се сеќава нејзиниот татко Мирослав.
За среќа, повеќето спортисти повеќе нема да се соочуваат со таа дилема. На 18 септември, ЕУ потпиша договори за визите со Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија што ќе им овозможи на одредени категории граѓани полесно да патуваат. Договорот, што се очекува да стапи во сила во јануари 2008 година, главно ќе им донесе придобивки на спортистите, студентите, бизнисмените и новинарите. За нив ќе биде полесно да добијат визи и ќе плаќаат само 35 евра, што е речиси половина од стандардната цена.
Врвната српска тенисерка, Јелена Јанковиќ, поминала низ истите неволји како оние на Ана Ивановиќ. Во едно неодамнешно интервју за српскиот неделник, Илустрована политика, таа вели дека кога и да патувала со себе носела четири пасоши.
„Сите четири се полни со визи, што често ги збунува службениците на пасошка контрола кои што ме прашуваат колку лица патуваат со мене,“ се сеќава таа. „Кога сфаќаат дека сите четири се мои, тие љубезно ме замолуваат да ја најдам визата за нивната земја, зошто би им одземало многу време доколку самите го прават тоа.“
Мирослав Ивановиќ, чие што семејство се пресели во Швајцарија пред неколку години, иако го задржа српското државјанство, вели дека неодамнешните промени на ЕУ не се доволни за националните спортисти и спортистки. Тој сака српските врвни спортисти да добијат дипломатски пасоши „како лица што многу го подобруваат меѓународниот углед на земјата.“
Спортот како семејно прашање
Многу семејства на спортски ѕвезди во Србија велат дека тие морале да ја завршат целата работа за што во некоја поразвиена земја би се погрижила самата држава.
Тенискиот тренер Јелена Генчиќ, 71, која што ги открила Новак Ѓоковиќ, Моника Селеш и други таленти, вели дека семејствата морале да компензираат за недостатокот од институционална помош. „Ако упорниот татко на Новак не направеше толку лични жртви, момчето никогаш немаше да стане играч каков што е денес,“ тврди Генчиќ.
Преистакнатата улога што ја преземаат семејствата на спортските ѕвезди во Србија носи свои проблеми, продолжува Генчиќ. Некои родители „може да бидат проблем, бидејќи тие го гледаат талентот на нивните деца главно како можност да заработат пари,“ вели таа. „Тие мислат ’ако моето дете се збогати, и јас ќе се збогатам.’ Некои го гледаат менувањето на државјанството на нивните деца како дел од лукративната бизнис зделка.“
Генчиќ го фали таткото на Ѓоковиќ, Срѓан, за лансирање на кампања за изградба на тениска академија за Србија – проект што сé уште е во фаза на планирање. Новак Ѓоковиќ објаснува која е целта на овој проект: „Јелена Јанковиќ отиде во САД, Ана Ивановиќ отиде во Швајцарија, а јас тренирав во Германија и Италија... Србија изобилува со млади таленти и ние треба да ја изградиме академијата за да ги задржиме тука.“
Тој додава: „Одвај можам да објаснам како станавме сила на која што може да се смета во тенисот бидејќи немаше фондации во земјата за нашиот успех. Знам низ што поминавме Ана, Јелена и јас и сите моравме да одиме во странство да напредуваме.“
Сепак, нештата може да се променат на подобро за спортските ѕвезди во Србија, намалувајќи ја нивната потреба да зависат од родителите или да мигрираат и земаат странско државјанство.
На пример во јули, Верано Моторс, еден од најголемите дилери на автомобили во земјата, потпиша тригодишен договор за спонзорство со Ана Ивановиќ. Условите на договорот останаа тајна, но директорот на компанијата Јован Шијан го опишува како најголемиот спонзорски договор во српската историја, велејќи дека има за цел да ги задржи младите таленти во земјата.
„Српските компании би требало да им даваат стимулација на младите спортисти да останат тука,“ додава Шијан. „Сметаме дека нашиот потег ќе ги охрабри другите таленти да ги следат стапките на Ана Ивановиќ.“
Владата се приклучи на кампањата, и новиот министер за спорт, Снежана Самарџиќ Марковиќ рече дека запирањето на егзодусот на спортските таленти е приоритет.
Ана Марковиќ, од министерството, вели дека владата ги презела првите чекори со објавувањето на декрет што ја задолжува државата да им обезбеди пристојна награда на успешните спортисти. „Сакаме да ги обезбедиме најдобрите услови за нашите спортисти и да осигураме дека на оние кои што и донеле почести на земјата во минатото ќе им биде компензирано,“ потврдува Марковиќ. Во моментов се подготвува поширок закон за спорт што наскоро би требало да се најде пред парламентот.
Генчиќ се согласува дека усвојувањето на новата легислатива за спорт е од клучно значење. „Работењето во клуб е многу тешко кога имате пет или шест играчи, а имате пари да поддржите само двајца,“ вели таа. Условите се подобри денеска отколку што беа, но „изгубивме една цела генерација од 10 до 15 играчи во последните две години.“
Еден од оние изгубени спортисти е Алекс Богдановиќ, третиот по ред најдобро рангиран британски тенисер на машката АТП листа кој што се пресели од Белград во Британија на осумгодишна возраст и потоа зема британско државјанство. Тој се повлече од Дејвис купот во јуни 2007 година откако беше замолен да игра против Србија, велејќи дека е тешко да се натпреварува против неговата родна земја.
Генчиќ вели дека побогатите земји порано им давале државјанство на сировите таленти. Но сега претпочитаат да ги украдат веќе афирмираните играчи, во кои што не треба да инвестираат или да ги тренираат. „Токму затоа на Новак [Ѓоковиќ] му беше понудено британско државјанство минатата година,“ објаснува таа.
Понудата на Ѓоковиќ беше поздравена со мешани чувства во самата Британија, каде што некои тврдеа дека не било во ред тоа што канаѓанецот Грег Руседски станал британски државјанин. Но, други се заложија Британската тениска асоцијација да стори сé што е во нејзина моќ да го намами Ѓоковиќ, повик што исто така ги окупираше и американските медиуми. Сан Сентинел од Флорида во летото 2006 година ги повика Британците „да направат сé што е потребно за Ѓоковиќ да стане еден од нив.“
„Дајте му кралски третман: Клучевите од Обединетото Кралство. Една Спајс девојка. Еден ден скокање со скии со Еди Орелот. Комплет книги потпишани од Џ.К. Роулинг. Сé што ќе посака Ѓоковиќ,“ повикуваше.
Догледање, збогум, пријатно
Милан Јајчиновиќ, аналитичар од Загреб, вели дека заминувањето на врвните спортисти се покажало како трауматично искуство за нивните родни земји во поранешна Југославија, каде што спортистите добиле високо почитувана улога на национални репрезентативци.
„Тие се нашите најдобри дипломати,“ смета тој. „Кошаркарот Дражен Петровиќ и тенисерот Горан Иванишевиќ направија повеќе за Хрватска отколку било која дипломатија. Оттука и јавното негодување кога врвните спортисти од земјите што минуваат низ тежок период ја менуваат националноста.“
Некои се уплашени дека ќе ја променат одлуката со негодувањето. Дује Драгања, врвен пливач од Хрватска кој што освои сребро на Олимпијадата во 2004 година, зема дополнително државјанство од Катар во 2005 година од чисто финансиски причини, истовремено задржувајќи го хрватското државјанство.
„Катар ми овозможи услови за кои што еден професионален пливач може само да сонува,“ рече тој, бранејќи го потегот во отворено писмо до хрватските медиуми во август 2005 година. Драгања наскоро го смени мислењето. „Не можете да купите среќа со пари,“ напиша во едно поново соопштение за печатот, објавувајќи дека го раскинал договорот со Катар.
Милан Јајчиновиќ вели дека Драгања веројатно се предомислил по „притисокот на кој што бил изложен по негодувањата дека ги предал националните интереси на Хрватска, нарекувајќи го предавник.“
Поранешното тениско чудо Моника Селеш искуси таков вид на јавен гнев пред една деценија. Родена во северниот српски град Нови Сад, таа зема американско државјанство на врвот од нејзината кариера во 1994 предизвикувајќи излив на презир во родната земја.
Ѓоковиќ оттогаш го брани нејзиниот потег. „Моника Селеш немаше избор освен да го напушти Нови Сад за САД заради немањето капацитет за професионален тренинг во нејзиниот роден град,“ се потсети тој неодамна за време на француското Отворено првенство во јуни. „Луѓето беа вчудоневидени кога го направи тоа, но она што треба да го направиме е да изградиме тениска академија во Србија, па така да не мора да стануваме странски државјани.“
Една причина зошто јавната огорченост во поранешна Југославија е толку силна околу спортистите што земаат странско државјанство е што таа појава е нова во регионот. Во други земји, ова не е случај, каде што некои спортисти ја менувале нивната националност уште во дваесеттите, вели швајцарскиот експерт Рафаел Поли, од Нојшател универзитетот во Швајцарија. На пример, Италија ги привлекуваше јужноамериканците во триесеттите, од кои што некои и помогнаа да ги освои титулите на Светскиот куп во фудбал во 1934 и 1938 година.
Појавата се зголеми по Втората светска војна, кога Франција почна да собира фудбалери и спортисти од поранешните колонии за да ја зголеми својата спортска моќ. Меѓутоа, идејата за спортистите да менуваат државјанство заради финансиски причини остана непозната во земјите од поранешниот комунистички блок, вклучувајќи ја и Југославија.
„Ако ги прашавте спортистите од поранешна Југославија пред 30 години дали би размислувале за промена на државјанството, тие би биле крајно вџашени,“ вели Бајрактаревиќ од Универзитетот во Сараево. „Тогаш играчите одеа во странство на залезот од нивните кариери кога повеќе не и беа потребни на нивната држава.“
Трендот стигна на Балканот пред неколку години, по распадот на Југославија, кога особено Србија изгуби десетина врвни спортисти.
Нема официјални податоци за бројот на српски спортисти што станале странски државјани, но истражувањето спроведено за овој извештај утврди дека барем 30 го направиле тоа од крајот на деведесеттите. Земјата ги загуби своите спортисти дури и во поранешните комунистички соседи како Бугарија и Унгарија. Наташа Јањиќ освои златни медали во кајакарство за Унгарија на Олимпијадата во Атина, додека Ненад Пуљезовиќ, Никола Еклемовиќ и Бојана Радуловиќ им се приклучија на унгарските ракометарски клубови. Зоран Јанковиќ игра за националниот фудбалски тим на Бугарија.
Во кошарката, Владимир Богојевиќ избра да игра за Германија заедно со Марко Пешиќ, додека Душан Шакота, син на поранешниот српски тренер Драган Шакота, се придружи на тимот на Грција до 21 година.
Фудбалерот Данијел Богдановиќ ја избра Малта, а и неколку други српски играчи аплицирале за малтешко државјанство. Ракометарот Арпад Штербик сега игра за Шпанија. Дури поиронично е во случајот на Бранимир Субашиќ, кој што играл за Азербејџан против Србија. Дваесетина играчи имаат двојно државјанство.
Додека богатите држави од Заливот како Катар и Бахраин даваат големи суми пари на странските светски спортисти во обид да станат големи моќници во областа на спортот, некои африкански земји прибегнаа кон очајни мерки да го спречат одливот на таленти. Во април 2005 година, Кенија рече дека ќе ги избрка спортистите кои што земале катарско државјанство, а продолжиле да живеат дома.
Рафаел Поли смета дека иако спортот е традиционално клучен инструмент во градењето и зајакнувањето на националниот идентитет овој концепт брзо се урива. „Невидениот раст во миграцијата на спортистите доведе до ситуација каде составот на националните тимови на една земја многу ретко го одразува нејзиниот традиционален имиџ,“ вели тој.
За да се намали растечката конфузија, ФИФА, светската фудбалска асоцијација, донесе одлука во март 2004 година играчите кои што го менуваат државјанството да смеат да ја претставуваат нивната нова држава по две години жителство. Меѓународната асоцијација на атлетски федерации, ИААФ, во 2005 година постави сличен стандард од три години.
Европските експерти сметаат дека реформата во оваа област е задоцнета. Говорејќи за неодамнешната Бела книга за спорт на Европската комисија, Михал Крејза, раководител на Одделението за спорт на Комисијата, вели: „Постои зголемена побарувачка да се стави ред во ова поле. Слободата на движење е основно човеково право гарантирано и поддржано од Комисијата, но неопходни се одредени рестрикции кога станува збор за спортот.“
Експертот за миграции со седиште во Вашингтон Џоан ван Селм смета дека спортистите имаат преголеми привилегии кога станува збор за менување на државјанството. „Потребни се 10 или повеќе години за просечен имигрант да добие [ново] државјанство во Европа и од апликантите се бара навистина да живеат во новата држава,“ вели таа. „Од друга страна спортист кој што на пример никогаш не живеел во Белгија може веднаш да стане белгиски државјанин; Марокански имигрант не може иако работел и плаќал данок во Белгија толку многу години.“
Марко Пешиќ, признава дека неговиот статус како кошаркар му овозможил да стане германски државјанин за само два месеци по аплицирањето. Стандардната процедура трае неколку години. „Имаше заемен интерес и тоа беше пресудно,“ се согласува тој.
И на спортистите им е тешко
Урош Младеновиќ, професор по психологија на Универзитетот во Нови Сад, вели дека промената на државјанството може да биде трауматично искуство и за спортистите.
Иако на Марко Пешиќ му беше лесно да добие германско државјанство по брза постапка, тој тврди дека му недостасува играњето за неговата родна земја. „Секогаш бев огорчен што ја немав страста на Владе Дивац, Дејан Бодирога, Предраг Даниловиќ и другите српски ѕвезди кои што играа за нивната земја,“ се сеќава тој.
„Никогаш не чувствувам потреба да ја ставам раката на моето срце кога ја свират германската национална химна. Благодарен сум за сé што направи Германија за мене зошто имав добра кариера и тука ги заработив парите, но жалам што никогаш не играв за мојата родна земја.“
Некои спортисти плаќаат казна кога се чини дека забораваат кому треба да бидат лојални. Хрватската пливачка Мирна Јукиќ, која што зема австриско државјанство во 2000 година, ја почувствува неправедноста на златното правило откако беше забележана како навива за Хрватска за време на еден тениски меч меѓу нејзината родна земја и Австрија. Иритираните локални медиуми коментираа дека е јасно оти нејзиното срце „бие за погрешна држава“ а некои спонзори дури се заканија да ги раскинат договорите со неа.
„Ја поддржував мојата родна земја, но не бев против Австрија,“ објаснува засрамената Јукиќ. „Оние кои што мислат дека дојдов во Австрија само заради пари, како што можеби сугерирале телевизиските слики, не се во право.“
Иако поголемите суми на пари, подобрите сали и новите спортски академии можат да помогнат да се успори, ако не и да се спречи, одливот на спортски таленти, Урош Младеновиќ вели дека повторното раѓање на националната доверба е уште еден фактор што треба да се земе предвид.
Српските спортисти и национални тимови ги подобрија нивните резултати, тврди тој, по неодамнешниот распад на проблематичната „државна унија“ на Србија со Црна Гора, бидејќи конечно им беше дозволено да се идентификуваат со нивната вистинска земја.
Лабавата конфедерација, последниот остаток од поранешна Југославија која што имаше шест републики, не успеа да ја разгори искрата на национална страст, зошто на неа се гледаше како на импровизирана држава чиј што рок на употреба истекол.
„Секој поединец, особено спортист треба да биде дел од група,“ потврдува Младеновиќ. „Основната премиса е дека ако мојата држава е силна, јас сакам да се идентификувам со неа и мојот личен мотив за самопочитување е задоволен. Затоа спортистите од Германија, Британија, Франција и другите силни држави ретко го менуваат нивното државјанство.“



