Младите очајни за пристојна иднина на Косово
Соочени со лош образовен систем, политичка неизвесност и економска стагнација, многу млади Косовари одлучуваат да ја напуштат земјата.
Од Сокол Феризи во Приштина, Митровица, Белград, Нови Сад, Виена и Брисел
„Не можам повеќе да издржам! Едноставно престанав да размислувам за она што ме опкружува,“ вели Еремире Красниќи, 22-годишна студентка по социологија од Приштина. Земајќи уште една чашка домашна ракија во локалното кафуле, Ермире може да смета на сочувството од многу млади ортаци во пиење.
Нејзиниот став е типичен за младите на Косово денес, малкумина од кои го гледаат домот како место каде што можат да ги исполнат своите амбиции. Без изгледи за работа и без догледен крај на спорот околу статусот на Косово што се чини дека го блокира напредокот во сите аспекти од животот, тие се откажуваат.
Косово ја има најмладата популација во Европа. Иако стапката на раѓање опадна во последниве години, половина од речиси 2 милионското население е на возраст под 25 години, се вели во еден неодамнешен извештај на Програмата за развој на Обединетите нации, УНДП, додека според владината статистика над 65 проценти се под 30 години. Во Западна Европа, само Ирска, каде што во 1996 година 40 проценти од населението беше на возраст под 25 години, може да се спореди со овој демографски профил.
Но, стапката на невработеност, според бројките на УНДП од 2005 година, и понатаму е околу 40 проценти, а младите сочинуваат 29 проценти од оваа бројка. Статистиката покажува дека околу 530 невработени кандидати се натпреваруваат за секое празно работно место.
Но, тешко е да се има натпреварувачки дух, кога можностите за градење кариера што се нудат на Косово се мали. Албанското мнозинство на територијата има само една јавна институција за високо образование, Универзитетот на Приштина, чија репутација е лоша. Што се однесува до српското малцинство, што е веќе затворено во одделни енклави и на мал дел од северот на земјата, тие мора да се задоволат со Универзитетот во Северна Митровица, чија репутација е уште полоша.
Повеќето млади се во очај заради нивната намачена татковина. Според извештајот на УНДП за 2007 година, речиси 50 проценти од оние на возраст меѓу 15 и 24 години би емигрирале доколку би можеле. „Дефинитивно треба да се отселам на пет години,“ додава Красниќи.
Во Европа, тие гледаат шанса да учат и работат, но не е лесно да се стигне до таму. Образовните програми се ограничени, а малкумина можат легално да најдат работа во Европската унија.
За работите да бидат уште полоши, оние кои успеваат да заминат, ретко се враќаат, без можност да ги искористат нивните вештини во економската пустелија што ги очекува таму. На оние кои не заминуваат, им остануваат малку шанси: да не прават ништо – или полошо, да се дрогираат; да се впуштат во криминал или да најдат спас во религијата.
„Тоа што има бројна млада популација не е од голема помош сé додека нема економска активност,“ вели Рајнер Мунц, експерт по демографија од Виена. Доколку најпаметните и најдобрите на Косово останат ограничени како што се сега уште некое време, иднината не изгледа многу надежна.
Сака ли некој диплома?
Според Мунц, Косово се расфрла со својата најголема вредност – младите образовани луѓе. Но, проблемот започнува со самото образование, бидејќи системот малку им помага на оние кои што сакаат да просперираат на и онака лошиот пазар на труд.
Флорие Џемајли, студентка по социологија, е длабоко разочарана од квалитетот на студиите. „Навистина ми е преку глава да бидам студент што веќе и заборавам дека сум,“ вели таа. „Изгубив контакт со универзитетот кој што ги затапе моите амбиции и ги уби моите добри навики за учење што ги имав во средното училиште.“
Фисник Османи, исто така студент, ја дели нејзината обесхрабреност. Единствената причина зошто тој продолжува со студиите е да добие уверение – „таа проклета диплома,“ како што ја нарекува тој.
Лутите студенти своите фрустрации ги изразија на шаренолики демонстрации. Во 2004 година една студентска група, Иницијатива за поинаков универзитет, ги преплави просториите на универзитетот со отпад. Гезим Красниќи, еден од учесниците, тогаш изјави дека „единственото решение за универзитетот е тој да се затвори,’ бидејќи продуцира „будали со дипломи“.
Управување и компетентност во високото образование, извештај објавен во март 2007 година од еден локален истражувачки центар, косовскиот Институт за истражување и развој на политики, КИПРЕД, го нападна квалитетот на универзитетот. Опишувајќи го како неефикасен и корумпиран, во извештајот беа наведени некои од „вознемирувачките трендови во високото образование на Косово“: „Испитите може да се положат ако се плати, преименувањето на курсевите се нарекува ’реформа’ а студентите мора да ја толерираат ароганцијата на професорите – зошто во спротивно можеби никогаш нема да ги положат испитите што им се потребни за да дипломираат.“
Во извештајот на КИПРЕД понатаму се вели: „Критичното мислење е на дното од приоритетите, зошто малку внимание се посветува на дебатите, интердисциплинарната настава, групната работа или контекстуално решавање на проблеми.“
Некои студенти отворено признаваат – иако не во јавност – дека наплатуваат за добри оценки на испит. „Сум полагал над 30 испити за различни студенти и обично плаќаат од 50 до 100 евра, во зависност од тоа колку е тежок испитот и ризикот да те фатат,“ се доверува еден од студентите.
Линдита Тахири, член на академскиот кадар на универзитетот, вели дека слабиот квалитет на дебатите во училница не е само одраз на професорите. „Нашите деца доаѓаат од основно и средно образование што воопшто не поттикнува критичко размислување,“ потврдува таа. „Кога доаѓаат на универзитет тие се научени да меморираат факти и постојано да ги повторуваат. Тие воопшто не размислуваат.“
Иако се појави конкуренција од страна на приватните колеџи, тоа не доведе до значајно зголемување на стандардите. Многу од нив се соочија со проблеми при добивањето лиценца од министерството за образование, додека, според експертите 29-те колеџи што добија лиценца не направија ништо посебно да го подигнат нивото. „Смешно е да се верува дека на приватните универзитети има поквалитетно образование отколку на јавните,“ вели Милазим Красниќи, аналитичар и професор по новинарство во Приштина. „Истите професори предаваат и на приштинскиот и на приватните универзитети!“
Студирањето во странство – не е некоја опција
И додека младите Косовари имаат малку можности да ги унапредат своите вештини во нивната мала татковина, тие се соочуваат со големи потешкотии и ако се обидат на друго место.
Визните ограничувања што се наметнати кон Западен Балкан од распаѓањето на поранешна Југославија во раните деведесетти, и натаму се најстроги за Косово, а актуелниот спор со Србија околу неговиот конечен статус го прават поизолирано отколку неговите соседи. Затоа, територијата беше исклучена од договорот што беше постигнат во септември за да се ублажи строгоста на визниот режим од страна на ЕУ за студентите и професионалците од Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.
Од 1999 година, во раните фази на пост-конфликтниот период, ограничен број на можности за образование им беше достапен на студентите од Косово. Но, според Дукаѓин Пуповци, директор на Косовскиот образовен центар, „бројот на оние кои што користеле стипендија е речиси незначителен.“
Трансевропската програма за мобилност на универзитетските студенти, ТЕМПУС, на Европската комисија, е една од програмите што им се нудат на Косоварите од 2004 година. Но, Линдита Тахири, координаторот на програмата за Косово, исто така признава дека ефектот бил занемарлив. „Неколку проекти се спроведени со помош на средствата од ТЕМПУС, но програмата не допре до многумина и не беше доволно искористена,“ вели таа.
Проблемот не се сведува на недостаток на пари. Меѓу 2004 и 2006 година, 5 милиони евра се распределени за проектите на Косово, велат официјални лица на ТЕМПУС од Брисел. Во прашање е фактот што малку Косовари имаат образовни вештини за да влезат во проектот. Како резултат на тоа достапните програми залудно пропаѓаат. „Минатата година, значителна сума пари не беше искористена заради квалитетот на проектите,“ вели Жан-Мари Кастелеин, програмски менаџер на ТЕМПУС за Косово, со седиште во Брисел.
Еразмус Мундус е уште една од програмите што се нудат. Промовирајќи подвижност, таа им овозможува на дипломираните студенти да се запишат на постдипломски студии во ЕУ земјите. „Отворена е за младите од целиот свет,“ вели Деспина Христадони од агенцијата на Европската комисија која го надгледува спроведувањето на програмата.
Но, Христадони признава дека малку Косовари земале учество во оваа програма: „Имаше тројца или четворица минатата година, а толкав е бројот и годинава,“ вели таа. Уште еднаш, ниското ниво на образование што се нуди во Косово игра клучна улога и ги спречува младите да влезат во трката за ограничениот број на странски стипендии што во теорија им се достапни. „Главната цел е да се имаат многу квалитетни магистерски студии, високо квалитетни дипломи и високо квалитетни студенти што ќе учествуваат, така да ако конкурираат студенти од Косово, нивна конкуренција ќе бидат студенти од целиот свет,“ објаснува Христадони.
Луан Шлаку, раководител на косовската фондација за Отворено општество, вели дека на студентите им се потребни поголеми можности за патување и ако не можат по легален пат да го добијат тоа, прибегнуваат на други начини. „Некој треба да собере храброст да направи договор со Европа за да им се даде поголема слобода за движење на младите,“ вели тој, „или реалноста тука ќе стане толку неподнослива што младите ќе ги однесе в планина да најдат попросперитетна иднина.“
Тешко е да се излезе од магичниот круг
И додека многумина ги привлекуваат можностите што доаѓаат од запад, многу млади Косовари, секогаш кога можат, се подготвени и сакаат да ги донесат дома вештините што ги стекнале надвор. Но, ниту ова не е лесно.
Арбер Доми тукушто се врати од Лондон, каде магистрираше економија на Лондонската школа за економија, ЛСЕ. Претходно, беше надворешен студент и на додипломските студии на ЛСЕ и ги полагаше испитите во просториите на Британскиот совет во Приштина три години по ред. „Сега се вратив, сакам да го искористам моето квалитетно образование што го стекнав и кое што ми недостигаше во Косово уште од основно училиште,“ вели тој.
Но, тој може да се разочара, ако може да се суди според дебатата за „одливот на мозоци“ во Косово. На една јавна трибина одржана минатата година, неколку студенти кои, како Доми, се вратиле со странски дипломи, се жалеа на немањето можности да ги искористат. Тие ја повикаа владата барем да создаде база на податоци во која ќе бидат наведени сите високо квалификувани повратници, за потенцијалните работодавци да знаат кои – и каде – се тие.
Кујтим Добруна и Едмонд Шабани се обидоа да го пополнат овој моментален дефицит. По завршувањето на студиите на универзитетите во Австрија во 2002 година тие ја основаа Економската иницијатива за Косово, ЕЦИКС. Со седиште во Виена, таа функционира како место кое што дава совети и информации за потенцијалните инвеститори од германското говорно подрачје за работењето во Косово.
„Многу компании од германските говорни подрачја кои што сакаат да инвестираат на Косово, прво тропаат на нашата врата со цел да добијат од основни економски факти па сé до остварување контакти и вистински инвестициски можности,“ вели Добруна.
И додека таквите инвестиции јасно можат да помогнат, Мимоза Кусари-Лила, раководител на Американската стопанска комора во Косово исто така дипломиран повратник, смета дека ништо нема да го подобри Косово во економски рамки додека не се подобри домашниот образовен систем.
Кусари-Лила, која што студираше во Приштина и САД пред да се врати на Косово, е скептична кон образовната понуда во Приштина. „Квалитетот на универзитетите тука е многу дискутабилен,“ тврди таа. „Исто така, квалитетот на вештините на студентите не е извонреден.“
За Србите е поинаку – но не и полесно
Младите косовски Срби исто така се соочуваат со проблеми, но поинакви од оние на албанското мнозинство. Единствената високо образовна институција за нив е Универзитетот на Северна Митровица, УНМ, основан по егзодусот на Србите од Приштина во 1999 година, што оттогаш функционира под покровителство на Белград. Иако не постојат прецизни статистички податоци, се верува дека таму се запишани над 6.000 студенти.
Ана Пешикан, српскиот Министер за истражување и наука, вели дека Белград сосема го поддржува УНМ, „и со него работиме на ист начин, како и со останатите образовни институции во Србија.“
Но, многу студенти не се согласуваат. Миодраг Пантовиќ вели дека е добро што може да студира на својот мајчин јазик на Косово без да мора да оди во Србија. „Но, квалитетот на образованието што се обезбедува во Северна Митровица е на пониско ниво,“ се жали. Тој тврди дека комплетно „недостасува надзор од владата на Србија.“
Јелена Клеут, од Универзитетот во Нови Сад, која држи предавања во Северна Митровица, вели дека повеќето студенти „се многу, многу критични за образованието што го добиваат,“ и додава: „Повеќето млади не и веруваат на српската влада. Студентите со кои ние разговаравме велат дека сé што добиваат се говори од српски официјални лица, кои потоа си заминуваат.“
Во меѓувреме, напорите од меѓународните организации да се премости јазот меѓу српските и албанските студенти на Косово не доведе до никаде.
Веднаш по конфликтот на Косово од 1999 година, Организацијата за безбедност и соработка на Европа, ОБСЕ, се вклучи во организирањето на младински кампови за да им даде шанса на младите од различни етнички заедници меѓусебно да се запознаат. Но, Кристофер Пардие, раководител на Одделението за високо образование во Мисијата на ОБСЕ на Косово, признава дека имале слаби резултати. Доказ за неуспехот за него било широкото учество на младите во етничките немири што се случија на Косово во март 2004. „Тоа беше силен аларм за Мисијата [на Косово],“ се сеќава Пардие.
Иако таквите немири веќе не се повторија, неодамнешното истражување на УНДП на младите Косовари за меѓуетничко помирување даде обесхрабрувачки резултати. Се покажа дека најмалку 65 проценти од албанската младина на Косово ја отфрлиле дури и можноста да бидат пријатели со младите Срби, а повеќе од половина не ги сакаат Србите за нивни соседи.
Изолацијата на косовските Срби е застапена на различни нивоа. Не само што ја делат генералната изолација на Косово од страна на ЕУ, со строгиот визен режим, туку исто така постојано се подложени на етничко насилство. И додека на нив често им е потребна полициска придружба за да се движат од една во друга енклава на Косово, исто така има и степен на стигматизација на Србите од Косово во самата Србија.
„Ако сте Србин од Косово и луѓето забележат дека зборувате со специфичен акцент, ве нарекуваат ’Шиптар’ [навредливо име за Албанците] и нема да ве третираат како еднаков,“ забележува Пантовиќ.
Моника Јакобсен, од Универзитетот Џорџ Мејсон во Вашингтон, која предавала во Северна Митровица, вели дека младите косовски Срби се фатени во тесно: „Млади поединци кои навистина сакаат промена, тоа е во нивните срца и може да го почувствувате. Но социјалната контрола е многу силна, постои вистинско чувство на страв.“
Исто како и нивните албански колеги, многумина ќе заминат веднаш штом ќе добијат дипломи. „Во моментов мислам дека сакам да останам и да ја градам мојата иднина на Косово,“ вели Пантовиќ, „но дефинитивно се чувствувам изолиран.“
„На пријателите од јужните енклави им е уште полошо,“ додава тој. „Тие имаат вистински проблеми со слободата на движење и сé уште треба да бидат транспортирани до северниот дел [на Косово] со автобуси на ОН два или трипати неделно, со оружена придружба.“
Каде исчезна гневот?
И покрај евидентната фрустрација што ја изразуваат младите од сите етнички групи на Косово, доминира апатијата, а не гневот. Резултатите од извештајот на УНДП за 2007 година го поддржуваат ова: над 60 проценти од младите веруваат дека не можат да направат промена во нивната заедница.
Некои аналитичари ја поврзуваат оваа пасивност со трагичните настани што ставија крај на серијата протести на политичкото движење Ветевендосје, што силно се противи на сегашниот процес за решавање на конечниот статус на Косово. Нивниот лидер, Албин Курти, е во домашен притвор од 2 февруари, кога беше затворен по протестот во Приштина што излезе надвор од контрола и двајца демонстранти беа застрелани со гумени куршуми од страна на романската единица во полицијата на ОН.
Инцидентот ги збуни и ги уплаши луѓето, и влијаеше да не сакаат да излезат на улица. „Проблемите на ова општество се покомпликувани отколку што може да сфати обичен граѓанин,“ вели Дукаѓин Горани, социјален аналитичар.
Аугустин Палокај, политички аналитичар во Брисел за косовскиот дневен весник, Коха Диторе, исто така забележува промена. „Имаше момент на крајот од пролетта кога сите тука [во Брисел] очекуваа повеќе и повеќе протести, но тоа не се случи,“ наведува тој.
Тој смета дека Косоварите не се подготвени да брануваат многу. „Летово кога последен пат бев во Косово, ги прашав пријателите, роднините и познаниците дали сакаат да протестираат и сите рекоа ’да’, но никој не е подготвен да го направи првиот чекор,“ додава Палокај.
Салих Морина, раководител на владиниот Оддел за млади, признава дека владее загрижувачка клима на пасивност меѓу младите на територијата, што тој го поврзува со застојот во процесот за статусот. „Сметам дека сé е поврзано со ова,“ вели тој, и „по решавањето на статусот, очекувам инвестиции во Косово како и тоа дека различни агенции од Европа, светот и САД ќе им дадат повеќе можности на младите.“
Арно Апри, службеник во канцеларијата на Европската комисија за демократизација и граѓанско општество на Косово, исто така укажува на широко распространетото чувство на политичка беспомошност. „Постоењето на Косово во рамките на Југославија го правеше населението апатично,“ вели тој. „Тие си мислат ’добро, тука сме на Косово, а од друго место одлучуваат за нашата иднина’.“
Џеновева Руиз Калавера, раководител на Одделението за косовски прашања на Комисијата во Брисел, потврдува дека е тешко за младите да гледаат подалеку од конечниот статус, но нејзината порака до нив е јасна: Никој нема да агитира во ваше име. „Ако продолжиме да доаѓаме таму со однапред подготвени формули, само ќе ја овековечиме оваа апатија,“ објаснува таа, додавајќи: „Луѓето на Косово треба да почнат да учат дека треба да го артикулираат притисокот и да лобираат во парламентот.“
Нејзиниот совет е „да се изврши притисок врз вашите политичари, да се осигура дека ќе се вратите на училиште и да осигурате дека ќе се формираат родителски одбори во училиштата што ќе ги прашуваат директорите за квалитетот на образование што го добиваат децата.“
Ваквите „движења на граѓанското општество мора да почнат да се случуваат,“ вели таа, додавајќи дека „младите имаат многу важна улога“ во оваа насока.
„Спротивно на апатијата не се улични демонстрации– туку силно граѓанско општество, застапување на идеи и проекти,“ се согласува Апри.
Но, нема знаци за ова силно и артикулирано „граѓанско општество“ што во моментов се појавува во Косово. „Ние сме десет години зад остатокот од регионот во однос на граѓанскиот активизам,“ вели Луан Шлаку. „Потребни ни се тинк тенкови, кои ќе допрат до оние кои што ја креираат политиката и посилни застапувачки групи што ги артикулираат потребите на општеството,“ вели тој.
Откажете се или најдете го Бога
Поголемиот дел од енергијата на фрустрираната младина, се чини, се ослободува преку криминал или дрога. „Просечната возраст на оние кои се вклучени во криминални дела од ситен до сериозен криминал како и користење на дрога е од 18 до 24 години,“ вели Ветон Елшани, портпарол на косовската полициска служба, КПС. „Дури и деца помали од 18 години се значително вклучени во кривични дела од кражби до убиства,“ додава тој.
Злоупотребата на марихуана, вели Елшани, забрзано се зголемува во изминативе години. „Се соочуваме со огромна злоупотреба на оваа дрога. Таа е широко распространета,“ вели тој.
Статистиката на Светската здравствена организација од 2001 година го поддржува ова, покажувајќи повисока стапка на злоупотреба на дрога меѓу младите на Косово отколку оние во Западна Европа, додека локалните здравствени работници го поткрепуваат ова со дневни анегдоти.
Други млади Косовари бараат издувен вентил за нивната фрустрација во тврдокорната религија. „Ако не беше исламот, веднаш ќе заминев од Косово,“ вели Арменд, враќајќи се од петочната молитва во локалната џамија. Ентузијаст за фотографија, тој инсистира дека „животот станал неиздржлив“ во Приштина, каде што ако не си дел од „забавата“ тогаш си осуден. „Не пиеш?“ прашува тој, реторички имитирајќи ги оние кои што ги гледа како дел од општеството што пропаѓа. „Ова општество е поразувачко. Изгледа како некој намерно да го прави ова.“
По војната, важноста на исламот на Косово се зголеми, особено меѓу младите луѓе. Повторно заживеа пред неколку години, кога арапските организации донесоа храна и облека по конфликтот во 1999 година и дадоа стипендии за земјите на далечниот и блискиот исток, како Саудиска Арабија и Малезија. И додека повеќето млади сé уште имаат секуларен живот, бројот на посветени Муслимани бележи значителен раст. Повеќе девојчиња носат шамии, а младите момчиња може да се видат во кратки панталони и долги бради.
Една студија од 2005 година на КИПРЕД, Политички Ислам меѓу Албанците, предупреди на опасноста од религиозна радикализација на Косово. „Сé повеќе млади мажи и жени ја претвораат религијата во страст,“ се вели во студијата, со амбиции начелата на нивната вера да се пренесат од спиритуалната во политичката реалност.
Ферид Агани, психијатар и пратеник, како претставник на исламистички ориентираната Партија на правдата, не е толку вознемирен: „Фактот што повеќе млади станаа порелигиозни по војната зборува за потребата од психолошка стабилност.“
„Можноста за религиозен радикализам е исто толку присутна колку и можноста за политички или социјален радикализам, “ вели тој.
Само дајте ми да си одам одовде
За повеќето млади, решението не е ниту криминалот, ниту дрогата, ниту религијата, туку емиграцијата. „Конечно успеав – доаѓа мојот ден. Збогум за оваа мизерија,“ потпевнува Јетон, 24-годишник од Приштина, кој што конечно ќе оди во Канада, откако средил да се ожени за девојка со која што никогаш немал сериозна намера да живее.
Приказни, планови и стратегии за селењето надвор кружат низ кафулињата во Косово: Албан, 26 од Призрен, планира да и се придружи на својата девојка во Германија. Документите се средени и тој е подготвен да започне „нов живот“, вели тој.
Јил, 23 од Приштина, со години се обидувал да „го фати патот“, вели тој. Неговите опции биле Франција, за која што тврди дека „прима бели емигранти како никогаш претходно,“ Белгија, Швајцарија, каде што го чека наместената „љубов“ и САД. Неодамна, тој започнал да преговара и за заминување преку Ирак.
„Даваат големи пари во замена за кошмарите таму,“ тврди тој. „Ако заработуваш над 40.000 долари годишно, вреди да се ризикува животот. Потоа би можел сосема да се изгубам.“
Психологот Алириза Аренлиу вели дека Косоварите имаат голема наклонетост кон нивната татковина. Но „спротивно на ова чувство, има голема фрустрација и безнадежност за животните стандарди и немањето можности.“ Аренлиу додава: „Фактот што половина од младото население сака да мигрира многу зборува за изборите што ги имаат.“
Социологот Шемси Красниќи повторува дека конечниот статус е коренот на целокупната лоша ситуација. „За просечните граѓани на Косово е тешко да размислуваат за сегашноста,“ вели тој. „Минатото е горчливо сеќавање, денешнината не постои, додека иднината е нејасна или само нешто на што се надеваат,“ вели тој.
Дали нешто може да го запре бегството на младите и најталентираните од Косово останува нејасно. Што се однесува до Косово, Рајнер Мунц во Виена има две сценарија. Но не е подготвен да се обложи кое ќе надвладее.
„Позитивното сценарио е она дека Косово порано или подоцна ќе стане независно, ќе биде признаено од некои европски земји и САД, инвестициската клима ќе се промени и економијата ќе се развие.“
Тој додава: „Дополнителната поддршка би дошла од заштедата што ја праќаат емигрантите, што нема да биде потрошена туку инвестирана. Работите во една компанија за чистење во Германија; станувате главен на ваква компанија во Приштина. Работите како сметководител во швајцарска банка; станувате раководител на сметководствена компанија во Приштина.“
Алтернативно, според Мунц, „економијата не се развива, Косово станува зависно од странската помош и целата заштеда и сите пари се трошат, а не се инвестираат.“
„Доколку се оствари второто сценарио, сé повеќе луѓе ќе емигрираат,“ заклучува тој.



