Дали Западот е сé уште најдобро решение за европскиот бизнис?
Економската рамнотежа меѓу двете половини од некогаш поделениот континент се менува бидејќи фирмите ги зголемуваат влоговите и одат кон исток.
Од Богдан Асафтеи во Букурешт, Ботевград, Азамбуја и Белград
Азамбуја, мал град со 7.000 жители на 35 км северно од Лисабон, изгледа како совршено место за туристи во потрага по добро заслужен одмор. Малите улици и куќи се уредни и чисти, а тишината царува насекаде. Меѓутоа, сите не уживаат во тишината. На една куќа во центарот на градот, едно големо црвено знаме со срп и чекан навестува дека тоа е работнички клуб раководен од комунисти.
Но како што раскажува еден старец што стои пред куќата, името не е соодветно. „Ова е работнички клуб, но во Азамбуја нема работа“, тажно вели тој. „Градот замре откако си замина Опел. Нашиот град е како онаа кула што полека тоне“, додава тој, покажувајќи на една накривена кула што потсетува на познатата кула во Пиза.
До пред само неколку месеци, Азамбуја беше оперативен центар на една од најпознатите фабрики на Опел во Западна Европа, во која што беа вработени над илјада работници. Но во декември фабриката за автомобили се затвори, работниците беа отпуштени од работа и тишината ги прекри улиците. Фирмата, дел од Џенерал Моторс, го премести своето производство на неколку други локации како што се Гливице во Полска, Санкт Петерсбург во Русија и Сарагоса во Шпанија. Тоа беше уште еден тежок удар за слабата економија во Португалија, каде стапката на невработеност изнесуваше 7.7 проценти минатата година, а оваа достигна до 8.4 проценти, што е највисока стапка од 1987 година.
Лошата состојба во Азамбуја е пресликана во многу градови во другите западноевропски земји, бидејќи фирмите во екот на глобализацијата решија да се преселат во стариот источен блок, привлечени од ветувањето за евтина работна сила и пониски трошоци за работење.
На пример, Пежо Цитроен го пресели поголемиот дел од своите операции од Британија во Словачка. Производителот на компјутери Хјулит Пакард се пресели од Франција во Бугарија, додека гигантот за производство на апарати за домаќинство, Електролукс, од Германија во Полска. Ова се само некои од најголемите корпорации кои што го релоцираа својот бизнис во Источна Европа или наскоро планираат да го сторат тоа. Други такви компании се производителот на компјутери Дел, Бритиш Американ Тобако, Фолксваген и Ај-Би-Ем.
Од црна дупка до златна треска
Пред само неколку години, Источна Европа беше далеку од „Ел Дорадо“ за инвеститорите. Во раните деведесетти, мал број западни компании беа заинтересирани за пренасочување на нивните операции таму. Новите пост-комунистички влади во регионот беа презафатени со обидите да ги продадат фабриките, од кои што повеќето беа неконкурентни и пропаднати, погодени од големи долгови и превработеност.
Без просперитет во родните земји, работниците заминуваа барајќи работа на Запад, создавајќи го познатиот феномен на „полски водоводџија“, романска медицинска сестра или бугарски градежник. Ова им помогна на западните земји да ја одржат својата економска конкурентност, но беше и стимул за економиите од каде што дојдоа емигрантите.
Парите што тие ги праќаа станаа главен извор на приходи во нивните родни земји. Според Централната банка на Романија, во периодот меѓу 1997 и 2002 година, Романците испратиле околу 8 милијарди евра во заштеди. Сумата се зголемувала од година во година, намалувајќи го тековниот дефицит на земјата за 38 проценти во 2005. Годинава се проценува дека сумата од оние кои што работат во странство ќе изнесува над 5 милијарди евра, што претставува над 4 проценти од бруто домашниот приход, БДП.
Една неодамнешна студија на Светската банка за учество на овие пари во БДП на земјите од Источна Европа направена врз база на податоците од 2004 година, покажа дека оваа бројка била слична и во три други земји. На пример, парите што ги испраќале емигрантите од Молдавија биле во износ од речиси 503 милиони евра, што е еквивалентно на 27 проценти од БДП на земјата. Емигрантите од Босна и Херцеговина испратиле дома 1.31 милијарди евра или 21 процент од БДП, додека Албанците испратиле 830 милиони евра, што е еквивалентно на 16 проценти од БДП на земјата.
Истовремено со реформите и развојот на економијата во Источна Европа западните компании станаа сé позаинтересирани да инвестираат во регионот. Заминувањето на работниците во странство беше проследено со прилив на инвестиции, преземање на компании, отворање на нови фабрики од страна на странските инвеститори и релокации на бизнисот.
Приказна за два града
Релокација значи делумно или целосно префрлување на операциите на компаниите од еден регион во друг и - нормално - затворање на фабриките во градот или државата каде првично постоеле. Ова не е само едноставна инвестиција и проширување на бизнисот на друга територија, туку е потег што го диктираат економски и логистички аргументи. Таа, истовремено, вклучува нови инвестиции во производствени капацитети и нова работна сила како и купување имот и формирање нова управа.
Највообичаен и очигледен мотив за релокација е евтината, но квалификувана работна сила и ниските трошоци за производство. Некои држави нудат и дополнителни стимулации во форма на намалување или укинување на даноците за започнување на бизнис. Стареењето на работната сила во Западна Европа го зголеми овој тренд, заради недостатокот од квалификувани и образовани млади луѓе, се вели во истражувањето од 2005 година нарачано од бизнис консултантите Кеј-Пи-Ем-Џи од 172 производствени компании од индустриските западноевропски земји, и презентирано од страна на Истражувачката единица на Економист, ЕИУ. Проширувањето на Европската унија на Балканот уште повеќе го засили процесот на релокација со влегувањето на Романија и Бугарија во ЕУ кои што станаа омилени дестинации на странските компании кои што бараа да ги преселат сите или дел од нивните операции надвор од западните земји.
Кога една компанија ги префрлува своите операции тоа има длабоки социјални импликации врз заедницата. Да ги земеме за пример случаите на Азамбуја во Португалија и Деж, град со речиси 40.000 жители, во Централна Романија.
Кога Опел ги затвори своите врати во Азамбуја во декември минатата година и го префрли производството во Источна Европа и Шпанија, тоа беше тежок удар за Азамбуја. „Нашиот град целосно зависеше од фабриката на Опел и сега нема работа“, се жали Карлос Алмостер, кој што повеќе од 25 години работел во фабриката.
„Цел живот го поминав во фабриката на Опел. Почнав кога имав 25 години, ама откако се пресели фабриката ми остана само златниот часовник“, додава тој. „По толку многу години, се чувствувам бескорисно“, раскажува тој држејќи го сувенирот.
Сликата е поразлична во Деж. Градот доживеа бум откако многу компании како Опел решија да ги преселат своите активности таму. Во 2005 година шпанската групација Еј-Си-И Аутомотив, што произведува електрични компоненти за возила, ја отвори првата фабрика во Романија, а најавува дека до 2011 ќе го пресели целото свое производство од Барселона и Сарагоса во Шпанија во Романија. Половина од вкупно 6.000 вработени се од Романија, а групацијата има намера да вработи уште 1.100 работници за новите романски капацитети.
Минатиот јуни, Трелеборг, шведски производител на автомобилски делови за Рено, Ауди, Форд и Пежо исто така отвори фабрика во Деж, истовремено намалувајќи го производството во Троубриџ, Британија и Манхајм, Германија со што беа затворени речиси илјада работни места.
Проблемот во Деж е недоволниот број работници за новоотворените работни позиции. „Се соочуваме со големи проблеми заради [малиот] пазар на труд, па затоа се обидуваме да отвориме нови производствени погони во оние региони каде што е полесно да се најдат нови работници“, вели Татјана Мурса, раководител за односи со јавноста во Еј-Си-И во Романија.
Главен мотив за релокација на операциите во Централна и Источна Европа се ниските трошоци за работна сила, бидејќи платите што овие компании им ги нудат на романските работници се прилично скромни. И покрај порастот од околу 200 проценти на просечните плати во изминатите четири години, аналитичарите проценуваат дека ќе поминат години пред романските плати, што според Националниот институт за статистика во средината на 2007 година изнесуваа нешто повеќе од 400 евра, да можат да се споредат со западните и да станат неконкурентни. „Дури за пет години, просечните плати во Романија ќе достигнат 60 проценти од западните, процес што го нарекуваме конвергенција“, вели Адриана Ифтиме, менаџер на здружението на романските претриемачи.
Дали некој би сакал да се релоцира тука?
И додека Деж е пример за начинот на кој што релокациите можат да ја трансформираат судбината на еден град, не сите во Источна Европа се оптимисти дека можат да станат магнет за западните фирми. Во Ботевград, мал град во западна Бугарија околу 50 км од главниот град Софија, и покрај молитвите на локалните жители за некоја западна компанија да дојде во нивниот град, надежите се мали.
Овој моноиндустриски град беше целосно зависен од Пластичим, локален производител на пластични предмети што се затвори пред четири години. Депресија, фрустрација и песимизам денес доминираат во Ботевград. Фрустрацијата се зголемува бидејќи работниците беа отпуштени, а со месеци претходно не земаа плата. Тие поведоа судски процес за да повратат дел од своите пари - и го добија спорот - но сé уште немаат добиено ни денар. „Судијата вели дека имаме право да си ги добиеме назад нашите пари, но судската одлука сé уште не стапила во сила бидејќи компанијата банкротираше“, раскажува Иван Ников, поранешен работник во Пластичим.
Во меѓувреме, луѓето во градот живеат без надеж за подобра иднина. „Сонував да ја реновирам куќата, но откако ја изгубив работата морав да ги заборавам плановите“, се жали Ников. Еден друг работник со побелена коса и намуртено лице раскажува како морал да ги остави своите планови за во иднина. „Со жена ми планиравме да имаме уште едно дете, но сега не можеме да си го дозволиме тоа“, вели тој.
Песимистичкото располежение во Ботевград е уште полошо отколку она во Азамбуја, каде што Опел неодамна ги затвори своите врати и каде што отпуштените работници барем добија отпремнина. „Вистинските проблеми ќе дојдат следната година кога ќе ги потрошиме парите што ги добивме од Џенерал Моторс“, вели Жоао Соарес, поранешен работник во Опел.
Хосе Едуардо, исто така еден од поранешните работници во компанијата, имал повеќе среќа. „Најдов нова работа во градското собрание“, вели тој. „Но повеќето од другите нема да можат да најдат друга работа бидејќи имаат по 50 и повеќе години.“ Животот во градот видливо замира. Многу куќи се продаваат или издаваат на што укажуваат бројните табли со натписи „за продажба“ или „за изнајмување“.
Всушност, евтината работна сила не е сé
И додека локалните жители на Ботевград се жалат на отсуството на западни компании кои што би биле заинтересирани за релокација во нивниот град, аналитичарите наведуваат дека одлуката за преселување на исток зависи од многу клучни, но крајно субјективни фактори.
Осврнувајќи се на клучните мотиви, јасно е дека во прв план се трошоците и пазарот, се вели во студијата нарачана од Комисијата за финансии на францускиот Сенат од 2006 година. По нив следат близината на новите пазари, разликите во цената на трудот, цената на чинење и достапноста на суровините и постоењето на атрактивна локална мрежа на производствени погони. Даноците, дополнителните трошоци и субвенциите се помал проблем.
Посубјективен елемент се историските врски. Пример е Австрија која што е меѓу најважните нови инвеститори во Источна Европа. Многу финансиски аналитичари велат дека австриските фирми забрзано влегоа во регионот бидејќи имаат стари врски со овој дел од Европа, уште од времето на Хабсбуршката империја. Економистот Ерик Фреј го забележува следново во еден свој напис објавен минатиот април во дневниот весник, Стандард: „Во оние места каде што владееја Хабсбурговците, австриските менаџери се чувствуваа како дома“.
Предвид се земаат и други понеопипливи субјективни причини. Според Клара Флоти, од Еј-Ар-Си Релокејшн со седиште во Будимпешта, Унгарија, компанија која што го олеснува движењето на работната сила „Република Чешка има предност заради ’западните традиции’, а Унгарија заради нејзината централна локација, убавата престолнина и многубројниот и квалитетен кадар за информатичката технологија. Романија е на врвот заради евтината работна сила“.
Но, има и негативни страни кои што компаниите треба да ги земат предвид пред да се преселат. И покрај подобрувањата во изминативе години, инвеститорите сé уште се соочуваат со сериозни препреки кога го релоцираат бизнисот во Источна Европа. Во еден неодамнешен извештај на Европската комисија за Источна Европа се потенцира дека високата корупција, лошите судски системи, неадекватното и нестабилно законодавство и преголемата бирократија се главните предизвици за инвеститорите. „Да не ја заборавиме и старата и истрошена инфраструктура што ја попречува конкурентноста со западната побарувачка“, додава Каталин Варга, управен директор на Сетлерс Кфт, фирма од Будимпешта која што исто така работи во индустријата за релокација.
Исамар ван Хилтен од Партнери на групацијата за релокација, Пиргруп, наведува и други негативни аспекти што треба да се земат предвид. Многу од нив се однесуваат на карактерот на работната сила во Источна Европа. „Повеќето од овие луѓе се карактеризираат со старомоден пристап кон канцелариската работа, страв од нови промени и неподготвеност за тимска работа“, тврди таа. „Тие исто така одбиваат да превземат одговорност за својата работа“.
Некои држави веќе се издвојуваат како центри во одредени индустриски области. Кристоф Пиех, вонреден професор од Факултетот за економија во Варшава вели дека добрата инфраструктура и донесе успех на Словачка во привлекувањето на автомобилските компании кои бараа место за релокација. „Словачка имаше привилегирана положба поради добрата инфраструктура, што позитивно влијаеше врз движењето на стоките и луѓето“, вели Пиех. Според СТАТ-УСА, Службата за статистика на американското Министерство за трговија, Словачка сега произведува над 225.000 автомобили годишно со потенцијално годишно производство од вкупно 850.000 автомобили до 2010 година.
Фолксваген е моментално најголемиот производител на автомобили кој ги составува своите возила во Словачка. Како што веќе беше напоменато, големи инвестиции дојдоа и од Пежо Цитроен, кој ја затвори својата фабрика во Британија и ја релоцираше во Трнава, 45 километри североисточно од Братислава, инвестирајќи над 700 милиони евра во новата фабрика. Третиот по големина производител на автомобили е КИА Моторс, подружница на јужно корејскиот производител Хјундаи, што има своја фабрика во Зилина, Северна Словачка.
Другите источноевропски земји станаа центри за други видови на индустрија. Според Исамар ван Хилтен од Пиргруп, Словенија станува центар за фармацевтската индустрија, додека Полска привлекува компании од прехранбената индустрија и земјоделски производи. Исто така, таа е административен центар на големите мултинационални корпорации. Белорусија и Украина стануваат сé поинтересни за информатичката индустријата заради нивниот евтин, но квалификуван кадар.
Што е следно?
Релокацијата не се одвива само од Западна кон Источна Европа, туку и во рамките на Балканот. Некои држави стануваат магнети за релокација токму поради тоа што се блиску, но не се дел од Европската унија. „Кога Романија и се приклучи на ЕУ, една романска компанија одлучи да ги префрли своите операции во Србија“, вели Патриција Генон, од Карановиќ и Николиќ, белградска адвокатска канцеларија што се занимава со банкарство, приватизација и оданочување.
„Бидејќи Романија сега мора да го почитува европското законодавство, таа ќе стане држава каде што законите ќе се заострат“, додава таа. Романската фирма се пресели во Србија не само заради тоа што законодавството преку границата е попустливо отколку во ЕУ, туку и затоа што српската економија генерално се подобрува.
„Економијата во земјата се подобрува, индустријата се развива, а приватизацијата забрзано се одвива“, додава Генон. „Но оваа земја сé уште има голем недостаток во споредба со другите држави од регионот: Западните држави имаат многу строг визен режим кон Србија, па Србите не можат лесно да одат на Запад“.
Некои економисти сметаат дека инвестицискиот бум и релокацијата во Источна Европа веќе ја постигна својата кулминација, бидејќи други поевтини делови од светот влегуваат на пазарот. Источна Европа генерално не се покажа како поконкурентна во споредба со растечките азиски економии и постојано ги губи инвестициите заради овие држави, се вели во „Европскиот инвестициски монитор“ на Ернст и Јанг, што ги истражува внатрешните и надворешни инвестиции во Европа во 2006.
Стапката на странски инвестиции во Полска, Република Чешка и Унгарија минатата година значително се намали, поради трендот на „намалената способност да се привлечат инвестиции со ниски трошоци за производство, па затоа поверојатно е да се инвестира во Азија“, се вели во извештајот на Ернст и Јанг.
Дури и да е ова вистина, инвестициите во регионот нема целосно да запрат, а дебатата продолжува во однос на тоа која источноевропска земја ќе биде попривлечна за странските компании кои сакаат да го релоцираат бизнисот во следните неколку години. „Јас мислам дека тоа се Македонија и Полска“, вели Каталин Варга од Сетлерс Кфт. „Македонија затоа што корпоративниот данок е многу низок, а Полска бидејќи има голем пазар“.



