EnglishБългарскиShqipSrpskiRomână Article

Непријатни вистини: Воените злосторства на Балканот

Елира Чанга Приштина, Тирана, Загреб, Берлин и Брауншвајг

Многумина од оние кои ги преживеаа крвавите конфликти од деведесеттите од целиот Балкан сѐ уште не знаат што се случило со нивните сакани кои се водат како исчезнати. На Косово дури и самото разговарање за страдањето на другите етнички заедници е табу. Останува ли надеж за долгорочен мир и помирување?

Несрете Кумнова ја формираше асоцијацијата „Мајчински крици“ откако нејзиниот син исчезнал за време на косовската војна (Фотографија: Елира Чанга)

„Ако бидат пронајдени коските на мојот син тогаш барем ќе имам место каде да го оплакувам“, вели 58-годишната Несрете Кумнова, чиј 21-годишен син Албион бил грабнат од српските сили за време на косовската војна од Ѓаковица, град претежно населен со етнички Албанци.

Додека не дознае со сигурност што се случило со нејзиниот син, без оглед колку и да е болна вистината, Кумнова не може ниту да помисли да живее во мир со Србите, а камоли да прости.

„Соживот? Во никој случај. Помирувањето не е можно освен ако не се залечат нашите рани. Не можам ниту да ги гледам српските претставници во косовската влада или да го слушам српскиот јазик. Тоа е неморално и неетички пред да стане јасна судбината на нашите синови“, изјавува таа.

Кумнова е убедена дека српските сили го убиле нејзиниот син откако бил уапсен на 31 март 1999 заедно со повеќето машки возрасни лица од албанско потекло во Ѓаковица, што се наоѓа на 80 километри од главниот град Приштина.

Нејзиниот син е само еден од 1.904 Косовци од сите етнички групи кои се водат како исчезнати од страна на Меѓународниот комитет на црвениот крст. И не е само таа што не може да прости или да се соочи со нејзината загуба.

Најмалку 750.000 косовски Албанци биле принудени да го напуштат Косово во периодот меѓу крајот на март и почетокот на јуни 1999, според Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг, кога српската војска ја започна офанзивата „Потковица“.

До крајот на НАТО кампањата во јули 1999, Хашкиот трибунал проценува дека 13.500 Косовци загинале, вклучувајќи 10.356 етнички Албанци.

Иако етничките Албанци искусија далеку поголемо насилство од другите, сите етнички групи, вклучувајќи ги Србите, Албанците за кои се сметало дека се лојални на Србија, Ромите и Еѓипќаните, страдале за време и по конфликтот. Многумина уште не знаат што се случило со нивните сакани кои се водат за исчезнати.

Сепак, предизвикот за постигнување долготраен мир и помирување по бруталната војна не е уникатен само за Косово.

Балканските војни започнаа во Хрватска во 1991 и конфликтот се прелеа во Босна во 1992. Имаше злоупотреба на човековите права од сите страни, но српските безбедносни сили и српските доброволци предводеа во ужасните масакри, етничко чистење, тортура, силувања и концентрациски логори.

Бројката на загинати само во Босна и Херцеговина (БиХ) била 100.000 според Центарот за истражување и документација во Сараево. Од нив, 65 проценти били Бошњаци (босански Муслимани), 25 проценти Срби и осум проценти етнички Хрвати.

Во трауматизираните општества што настанаа по војните многумина ги сметаат воените злосторници за национални херои – бранители наместо за извршители на воени злосторства.

За разлика од Германија, владите на Балканот уште немаат финансирано програми и кампањи за едукација на граѓаните за минатото. Германската држава продолжува да ги гони осомничените воени злосторници, да им дава компензација на жртвите и да ги одржува центрите за документација повеќе од 60 години по крајот на Втората светска војна.

Закопување, наместо соочување со фактите

Соседите како БиХ, Хрватска и Косово ја сметаат Србија за сторител на најлошите воени злосторства извршени на нивните територии. Според Центарот за хуманитарно право во Белград, Србија има предадено 47 осомничени кои ќе бидат кривично гонети од Хашкиот трибунал и водени се судски постапки против 383 лица во локалните судови, од кои 143 биле обвинети, а 68 казнети. Сепак, мал број од Србите го разбираат обемот на кривичните дела извршени во нивно име под раководство на Слободан Милошевиќ.

„Соработката со Кривичниот суд во Хаг сѐ уште се смета за непријатна обврска, цена што треба да се плати за приклучување кон Европската унија“, вели Наташа Кандиќ, директорка на Центарот за хуманитарно право.

Србија одолговлекуваше кога требаше да ги предаде клучните осомничени за воени злосторства, вклучувајќи ги Радован Караџиќ и Ратко Младиќ. И двајцата беа во бегство, Младиќ 15 години и покрај тоа што Хашкиот трибунал го именува како главниот сторител на масакрот на околу 8.000 мажи и момчиња Муслимани во 1995 во Сребреница во источна Босна.

Тој конечно беше предаден на трибуналот во мај годинава, откако стана јасно дека обидот на Србија да се приклучи кон ЕУ зависи од предавањето на нејзините државјани кои беа барани во врска со воените злосторства.

Дејан Анастасијевиќ е српски новинар кој поминал многу години истражувајќи ги воените злосторства од деведесеттите. Во неговиот блог на БИРН тој пишува: „Мнозинството Срби не се убедени дека Младиќ е виновен за било какви воени злосторства, но сепак не им пречи неговото апсење ако тоа води кон членство во ЕУ, што тие ја гледаат како ветена земја каде парите растат на дрво“.

„Ова е совршена илустрација на битката на Србија да го закопа нејзиното минато без да се соочи со него. Дури и кога се соочени со непобитни докази, луѓето имаат тенденција да ги креваат рамениците и да кажат ’лоши нешта се случуваат за време на војна’ и потоа да ја сменат темата“.

Тања Матиќ, новинарка која ги покривала судењата за воени злосторства во Хашкиот трибунал за новинската агенција СЕНСЕ, остро го критикува српското лидерство.

„За Србија да се соочи со минатото, нејзините политичари мора јасно да ги осудат воените злосторства извршени од нивната сопствена земја, а не да даваат изјави кои ги ставаат воените злосторства извршени од сите страни на исто ниво и со тоа да ги оправдуваат злосторствата“, вели таа.

Бранители, не сторители

Иако повеќето Албанци на Косово се свесни дека Србија не успеала кривично да гони многу воени злосторници осомничени за ѕверски убиства на етнички Албанци, повеќето Срби на Косово сметаат дека косовската влада која е доминантно албанска не успеала да ги гони или казни етничките Албанци одговорни за воените злосторства за време и по НАТО бомбардирањата од 1999 година што доведоа до повлекување на српските сили од Косово.

Некои албански бегалци кои се вратиле во своите домови го обвинуваат српското население за постапките на силите на Слободан Милошевиќ. Како резултат на тоа, Србите биле директно нападнати, насилно истерани од нивните домови или ги напуштиле нивните куќи стравувајќи од одмазнички напади.

Таткото на Небојша Периќ бил убиен по војната во Косово (Фотографија: Елира Чанга))

Небојша Периќ (40) живее во градот Грачаница, претежно населен со Срби, на 10 километри од главниот град Приштина. Тој е одлучен да остане на Косово и покрај неговото сомневање дека локалните Албанци би можеле да бидат одговорни за грабнувањето и убиството на неговиот татко при крајот на 1999.

Иако Небојша сака неговите две деца, на возраст од пет и три години, да растат на Косово, тој вели дека помирувањето ќе биде можно дури кога ќе биде утврдена вистината.

„Сакам моите деца да имаат иднина тука, но исто така сакам да ја дознаам вистината за мојот татко. Мислам дека сите Срби што живеат тука го сакаат истото“, вели тој.

„Лично знам дека многу Срби беа убиени особено по војната... потребна ни е меѓународна истрага бидејќи Србите не може да веруваат дека албанската истрага ќе извести за овие прашања“, вели Јелена, 33-годишна српска домаќинка што живее во Грачаница.

Косовската влада го формираше Институтот за воени злосторници во јуни оваа година, со цел непристрасно да ги истражуваат и документираат злосторствата извршени за време на војната.

Меѓутоа, со толку високо ниво на недовреба и непријателство од сите страни, ќе помине долго време пред било која организација да стекне доверба кај сите етнички групи.

Меѓународни обвинители и судии работеа на случаите за воени злосторства на Косово, вкупно 58 случаи, според Центарот за хуманитарно право. Сепак, судските процеси не им помогнале на етничките Албанци да прифатат дека нивниот сопствен народ воопшто вршел насилни напади врз Србите, и покрај наодите од истрагите на Хашкиот трибунал.

„Сѐ е тоа измислено, ниту еден Албанец не би сторил такво нешто. Србите нѐ убиваа и мачеа и сега ние (косовските Албанци) сме обвинети за киднапирање, торура и убивање Срби. Не можам да поверувам во овие лаги“, вели Арменд, 30-годишен таксист од Приштина.

Јехона, 35-годишна службеничка, вели: „Треба да бидеме внимателни и да правиме разлика меѓу оние поединечни злосторства што биле извршени од одмазда и оние организирани злосторства против некоја заедница или население“.

Беким Блакај, раководител на Фондот за хуманитарно право на Косово, ги пребарува интернет страниците на Косовската спомен книга (Фотографија: Елира Чанга)

Покрај основањето на Институтот за воени злосторства, владата ги оставила напорите за утврдување на вистината и помирувањето на група НВОи и активистички групи, како Фондот за хуманитарно право на Косово.

Беким Блакај, раководител на Фондот за хуманитарно право на Косово, има направено Спомен книга – централен регистар на сите умрени и исчезнати Косовци. Роднините и пријателите може да додаваат информации и да пронајдат детали за тоа каде за последен пат се видени нивните сакани.

Тој вели дека и понатаму е „табу да се зборува за жртвите од другите заедници“ на Косово и така ќе остане сѐ додека осомничените за воени злосторства од сите страни не се гонат кривично и не одговараат за своите дела.

Мати Раатикаинен е главен истражител во единицата за воени злосторства на ЕУЛЕКС, ЕУ мисија за владеење на правото на Косово.

Иако потенцира дека во моментов се активни 70 случаи, тој вели дека сведоците се неволни да сведочат и дека многу етнички Албанци се против кривичното гонење на добропознатите борци од Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои тие ги сметаат за борци за слобода и национални херои.

После долги години угнетување во текот на 90-те, етничките Албанци почнаа да бараат поголема слобода од Белград и беше родена ОВК. До 1997 година, ОВК почна да ги напаѓа српските полициски и воени цели, што за возвраст доведе до брутално соборување на силите на Милошевиќ.

„Имавме потешкотии со случаите во кои биле вмешани борците од ОВК. Најдовме докази но тешко е да се убедат сведоците отворено да сведочат. Истовремено, секогаш има протести кога ќе покренеме обвиненија против поранешните борци на ОВК“, објаснува Раатикаинен.

Во Хрватска ставовите полека се менуваат

Во Хрватска, многумина приговараат што нивните борци кривично се гонети за воени злосторства, бидејќи тие се сметаат себеси за жртви на српската агресија кои биле принудени да се борат за да ги одбранат границите на нивната земја.

Оваа година имаше јавни протести и драстично опаѓање на поддршката за Кривичниот суд за поранешна Југославија откако трибуналот му изрекол казна затвор на хрватскиот генерал Анте Готовина во траење од 24 години.

Готовина ги предводел хрватските сили за време на воената офанзива, операцијата „Бура“ во 1995, чија цел била да се преземе контролата врз регионот Краина кој бил во рацете на Србите, во текот на која биле убиени 150 Срби, според податоците на трибуналот. Околу 200.000 Срби избегале во соседна Србија и речиси никогаш не се вратиле.

Имајќи предвид дека оваа офанзива и ја донела независноста на Хрватска и се смета за завршница на четиригодишната крвава битка, Готовина се смета за национален херој.

Настаните од 1991 и понатаму се свежи во сеќавањата на Хрватите. Во овој период, хрватските Срби со помош од доминантно српската Југословенска армија и Белград прогласија независност на околу една третина од хрватската територија под името Република Српска Краина.

Градот Вуковар бил срамнет со земја во првите месеци од војната. Љиљана Алвир, Хрватка од Вуковар, ги изгубила и нејзиниот свршеник и нејзиниот брат за време на освојувањето на градот.

Алвир имала само 21 година кога била заробена од српските сили. Таа била вратена дома по три дена како дел од договорот за размена на затвореници, но оттогаш немаат ништо слушнато за нејзиниот свршеник и брат.

„Дури и денес ниту јас, ниту моето семејство немаме мир. Не знаеме дали нашиот брат е мртов или жив. Се плашиме да запалиме свеќа бидејќи не сакаме да го сметаме за настрадан, но исто така се плашиме да не запалиме, бидејќи за сите има свеќа освен за него“, вели таа.

Марица Сеатовиќ, Србинка од Нова Субочка, село во Хрватска, исто така повикува виновниците да бидат казнети. Таа го загубила нејзиниот сопруг во 1991 за време на конфликтот и вели дека неговите убијци никогаш не биле идентификувани.

Весна Тершелиќ, раководителка на „Документа“, вели дека кривичното гонење на хрватските борци од страна на Хашкиот трибунал е многу непопуларно (Фотографија: Елира Чанга)

„Отидов во соседното село на три дена и кога се вратив го најдов мојот сопруг убиен, заедно со уште двајца наши соседи. Со текот на годините открив кои се убијците – шест хрватски војници... Го закопав мојот сопруг пред 20 години и сѐ уште морам да живеам со ова“, вели таа.

Весна Тершелиќ е раководителка на „Документа“, центар формиран со цел да се охрабрат сите нивоа на хрватското општество да прифатат дека воените злосторства се случувале и на српска и на хрватска страна.

„Сведоци сме на промена во ставовите на луѓето во текот на овие години, но ова сѐ уште не е доволно. Медиумите во Хрватска не се заинтересирани да пишуваат текстови за воените злосторства. Ова не само што ќе ја информира јавноста за тоа што се случува во судот [трибуналот] туку исто така ќе ги едуцира и убеди луѓето да ги осудат овие видови на злосторства“, вели таа.

За да го илустрира јазот меѓу теоријата за кривично гонење на воените злосторници и реалноста кога еден од обвинетите е еден од вашите, таа ја наведува националната анкета што ја има спроведено центарот во 2006, според која 61 процент од Хрватите сметале дека сите воени злосторства треба да бидат истражени и казнети. Овој процент нагло опаднал кога испитаниците биле запрашани дали го поддржуваат кривичното гонење на Готовина.

Дамир Грубиша, професор на Загрепскиот универзитет, објаснува: „Случаите како овој со Готовина ги мешаат воените злосторства со национализмот, што не е добро“.

Хрватската влада неодамна предложила усвојување на нови закони со кои ќе се отфрлат обвинувањата за воени злосторства покренати од Белград.

Овој потег бил остро критикуван. По објавувањето на извештајот од страна на „Амнести интернешнл“ во октомври, ЕУ го критикувала Загреб, тврдејќи дека политичарите им се додворуваат на гласачите кои силно се спротивставуваат на кривичното гонење за воени злосторства пред парламентарните избори закажани за декември.

Германија, соочување со минатото

Иако настаните во Германија за време на Втората светска војна не може директно да се споредуваат со балканските војни, начинот на кој германското општество сѐ уште се соочува со своето минато може да служи како корисен пример.

Германија не ги има заборавено жртвите од Втората светска војна, вклучувајќи ги шесте милиони Евреи убиени за време на Холокаустот.

Во еврејскиот музеј во Берлин, фактичките докази и извештаи за животот и судбината на еврејскиот народ се сочувани, заедно со нивните лични предмети и реплика на гасната комора.

Тања Петерсен, директор за програми во музејот, истакнува дека е важно за Германците да ја сфатат историјата на односите меѓу еврејската заедница и другите делови од општеството пред, за време и по војната.

Имајќи го тоа предвид, таа подвлекува дека на Германија ѝ биле потребни децении за да се дојде до оваа точка, потврдувајќи го тоа со фактот дека музејот бил отворен дури во 2001, повеќе од 50 години по завршувањето на Втората светска војна.

Денес постојат многу центри во Германија што се занимаваат со документација на кривичните дела извршени во времето на Нацистите.

Фондацијата „Паметење, одговорност, иднина“ (Erinnerugn, Verantwortung, Zukunft) ги компензира семејствата на жртвите и преживеаните, а е финансиран и од германската влада и приватниот сектор.

Ралф Посекел, директор на програмите, вели: „Образованието е најдобар начин да се разбере минатото и за таа цел, историските книги остануваат клучот за дознавање на вистината“.

Ревизија на историските книги

Истражувачот Герг Штебер вели дека германските учебници порано не ги опфаќале нацистичките воени злосторства од минатото (Фотографија: Елира Чанга)

Герг Штебер, 63-годишен истражувач од Институтот за меѓународни истражување на учебниците „Герг Екерт“, вели: „Кога одев на училиште во раните шеесетти, не зборувавме многу за Втората светска војна и улогата на Германија“.

Неговата 32-годишна колешка, Алмут Столецки, има сосема поинакво искуство.

„Во текот на моето школување, во периодот од 1980 до 1990, не само што се зборувало за Холокаустот и истребувањето на Евреите, туку во многу случаи имавме задача да одиме и да ги посетиме меморијалните места или семејствата на жртвите“, се сеќава таа.

Ханес Грандитс, раководител на одделението за Југоисточна Европа на Универзитетот Хумболд во Берлин, вели дека германското искуство би можело да понуди корисни лекции за Балканот.

„Откривањето на вистината и разбирањето се долг процес, но луѓето на Балканот треба да зборуваат и да се слушаат. Ова, за жал, не се случува многу често“, вели таа.

Во Косово, можноста за разбирање и прифаќање на меѓусебната болка на етничките Срби и Албанци е сѐ уште далечна.

За Косовците како Кумнова и Периќ, знаењето што се случило со нивните сакани е само првиот чекор кон разбирање и можеби простување.

Без да се дознае што се случило со жртвите, додека дури и самото споменување на страдањето на ’другиот’ останува табу, етничките Срби и Албанци ќе останат поделени уште многу години.

Елира Чанга е новинарка од Тирана. Овој текст е дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, иницијатива на фондациите Robert Bosch Stiftung и ERSTE Foundation во соработка со  Balkan Investigative Reporting Network

Topic

Topic 2011: Justice

The topic for this year’s programme is justice and fellows are investigating subjects as diverse as privatisation, organised crime, employment law, rape convictions and extradition treaties.

Diary

19 Dec 2011 / 16:56

Alumni Funding: Opportunities for Years to Come

Altin Raxhimi
19 Dec 2011 / 16:44

‘A Perfect Opportunity to Take Your Story a Level Further’

Nikoleta Popkostadinova
09 Nov 2011 / 10:41

The Fellowship: ‘It Was Worth It!’

Juliana Koleva
23 Sep 2011 / 12:38

Macedonia’s American Dream

Slobodanka Jovanovska
22 Sep 2011 / 09:55

EU Rules Benefit Croatian Jobseekers

Ruzica Matic
20 Sep 2011 / 10:51

The Fellowship Endgame

Jelena Kulidzan
14 Sep 2011 / 10:45

Sofia’s Schengen Compromise

Juliana Koleva
12 Sep 2011 / 12:44

The Story Ends, Almost

Elira Canga
08 Sep 2011 / 10:30

The Final Countdown

Dollores Benezic
03 Aug 2011 / 11:29

UK Rape Survivors Demand Justice

Jelena Kulidzan