EnglishSrpskiRomânăБългарскиShqipBosanski

Култот на невиноста полека исчезнува во Албанија

Ервин Ќафмола Тирана, Кукс, Дерми и Палермо

Иако Тирана се отвора кон современата сексуална револуција, традиционалните морални кодекси с` уште важат во северна Албанија. Но, дури и таму нештата се менуваат постепено.

Алтин се врати дома за да најде девица. Висок, згоден, во триесеттите години од животот, се врати од Британија каде што работи над една деценија и бара соодветна девојка за жена.

Но, по три недели престој во својот роден град Корча во јужна Албанија, потрагата изгледа дека е фрустрирачка. „Поминаа неколку недели откако дојдов тука, а за четири дена треба да се вратам“, се жали тој.

Алтин вели дека неговите роднини и пријатели му ветиле дека ќе му направат добар избор од девици со кои ќе може да се запознае за време на посетата.

И покрај високите очекувања, потрагата по невина невеста засега е безуспешна. Девиците едноставно не се тоа што тој го очекувал.

„Тие се или премногу млади или несоодветни“, изјавува тој, кревајќи ги рамениците и пушејќи цигари од марката „галоус“ што ги донел од Британија.

Гледајќи во зајдисонцето, не се обидува да го скрие општото чувство на непријатност. „Што ќе се случи ако изберам една од нив и потоа дознам дека не е недопрена?“ прашува тој. „Што да правам тогаш, да ја вратам назад?“

Во Лондон, каде што работи како келнер, Алтин имал неколку несериозни врски со локални девојки. Но, овие врски никогаш не биле со намера да завршат со брак. „Албанската жена, вели тој, има поинаква улога и други обврски“.

Шуке Деда [на сликата], дефинитивно, е девица иако според нејзината возраст не е баш за мажење.

На 90 години, таа носи долги волнени чорапи, симбол на нејзиниот недопрен статус. Целиот свој живот го поминала во Тет, село во планинскиот предел на северна Албанија.

„Не ми се допаѓаа кандидатите што ми предложија брак, па одлучив да останам девица до крајот на животот. Таков е обичајот“, шепоти речиси нечујно, а нејзините зборови делумно ги преведува нејзината снаа.

Заколнати девици

Шуке е класичен пример за опстанокот на прастариот албански кодекс познат под името Канон на Лека Дукаѓини.

Кодексот вели дека ако една девојка го одбие кандидатот што ~ предложил брак, а не постојат други олеснителни околности, таа мора засекогаш да остане девица.

Таа живеела со својот брат, но откако тој починал, неговата вдовица е нејзино единствено друштво. Шуке с` уште живее во истата куќа во која живееле нејзините родители, импозантна двокатна камена структура што била изградена пред еден век, во која се вградени традиционални архитектонски стилови и мотиви.

Како и нејзиното старо, достоинствено живеалиште, и самата Шуке е музејско парче, реликт на светот што исчезнува. Денес, дури и во оддалечените делови на Албанија, каде што традиционалните табуа останале да постојат со векови, се менува сексуалната динамика.

Историјата на Албанија долго време се засновала на важноста на невиноста во општеството. Уште од 19 век, странските писатели го ставале во фокусот на јавноста албанскиот брачен кодекс, крвните одмазди, религијата, гостопримливоста, но и таквите појави како што се „заколнати девици“, жени што се здобиле со статус на машко така што се заколнале на вечна девственост.

Тие ја опишале Земјата на орлите како нескротено и архаично општество, отсечено од современиот свет.

Оттогаш Албанија многу се изменила и денес нејзина цел е да ~ се приклучи на Европската унија. Но, делови од старите културолошки кодекси важат и понатаму.

Антички кодекс на однесување

Во планинските делови на рурална Албанија, губењето на девственоста на жената од некого кој не е нејзиниот сопруг останува табу, во голем степен благодарение на влијанието на Канонот на Лека Дукаѓини.

Неби Бардоши [на сликата], експерт за албанското обичајно право и професор на Европскиот универзитет во Тирана, објаснува дека она што е конвенционално познато како „канон“ претставува збир од правила и вредности што се осовременувани со текот на вековите од страна на неколкумина автори, законодавци и локални или национални лидери.

„Иако овој збир од правила, кој обично се нарекува ’канон’, повеќе преовладува во северна Албанија, идентични или слични вредности с` уште постојат и во другите делови на земјата, кои го имаат истото потекло и наследство“, вели Бардоши.

Канонот е составен од сложена рамка на прописи, од работи што се од интерес на заедницата до казни за одредени дела, при што за некои од нив канонот предвидува смртна казна.

Говорејќи за барањето на смртна казна во случај на повреда на сексуалниот кодекс, Бардоши појаснува дека таквите строги казни, главно, се однесувале на случаи кога доаѓало до сексуални односи меѓу лица во крвно сродство. Смртната казна не се однесувала секогаш на случаите на загубена невиност.

„Ако за време на првата брачна ноќ било откриено дека невестата е веќе дефлорирана, обично таа била враќана во своето семејство и потоа била доживотно затворена во својот дом или, пак, била премажувана за маж со понизок статус“, вели тој.

Афердита Онузи, професор по антропологија на Универзитетот во Тирана [на сликата], вели дека според албанскиот обичај, девственоста не претставувала само морално прашање. Традиционално, таа имала практична улога, дефинирајќи го статусот на институциите како што е бракот.

„Од моите опсервации, особено во руралните области, речиси полувековното комунистичко владеење и наметнувањето на неговите вредности не извршиле големо влијание врз постојните морални обичаи и вредности“, вели таа.
 
Морална револуција

Традиционалните вредности можеби се задржуваат во селските области, но по падот на комунистичкиот режим, очигледна е брзата промена во пристапот кон сексот во Албанија.

Урбанизацијата, с` подлабокото пробивање на медиумите во општеството и миграцијата одиграле значајна улога во менувањето на моралот во Албанија.

Во еден ноќен клуб во Тирана, Артемида лебди сама, загубена во ритамот на босанова и несвесна за упорните погледи на машката публика што седи на околните маси.

Лесната музика и затемнетите светла создаваат чувство на интимност во бистрото „Чарлс“ во центарот на главниот град.

„Бендот не е извонреден, но, сепак, може да се танцува“, вели таа, празнејќи ја чашата со коктелот „куба либре“. Тоа е нејзиниот прв и последен пијалак за таа вечер. Таа се чувствува тажна, бидејќи ја раскинала врската со своето момче пред повеќе од две недели.

„Мајка ми знае с`, но не зборуваме толку отворено за тие работи“, додава таа. Артемида, која има 23 години, живее во Тирана десетина години. Претходно, таа и нејзиното семејство живееле во Кукс, многу помала и поконзервативна средина, во северна Албанија.

Нејзиниот татко, сега бизнисмен, бил наставник во основно училиште, додека нејзината мајка била домаќинка. Артемида е среќна поради тоа што нејзиното семејство се преселило во Тирана, зашто, инаку, таа ќе останела заложник на строгите традиционални ограничувања што им се наметнуваат на албанските девојчиња, со кои морале да живеат нејзините братучетки.

„Ќерките на двајцата мои чичковци се или веќе мажени или свршени, иако две од нив се помали од мене“, објаснува таа, додавајќи дека девојчињата во нејзиниот роден град ретко излегуваат. „Ако бидат, пак, фатени во физичка врска, подобро би било тој да биде твојот иден маж инаку...“, вели таа.

„Мора да бидеш девица и твојата чесност да остане недопрена за да можеш да се омажиш со соодветен маж“, објаснува таа, „и тоа е единствениот маж со кого ќе бидеш до крајот на твојот живот“.

Во Кукс, нештата с` уште не се прават на истиот начин како во Тирана. Тука, по зајдисонце, ретко е да се видат жени како шетаат сами. Баровите се често полни, но клиентелата е претежно машка.

Ахмет Мергути [на сликата], татко на шест деца, кој е сега во осумдесеттите години, го доживеал подемот и падот на комунизмот во Албанија и бил сведок како новите вредности ги заменуваат старите. Тој сведочел како се распаѓаат старите редови и како се градат нови конвенции.

Но, во текот на сите овие бурни промени, тој секогаш ги задржувал традиционалните албански кодекси на морал, особено во однос на бракот и на невиноста.

Ниту еден од неговите синови и ќерки не стапиле во брак без негова согласност и активно учество. „Јас бев тој што одлучуваше, зашто го знам тоа што тие не го знаат и свесен сум што е најдобро за нив“, вели тој.

Мергути сега има десетина внуци. Како најстар член на неговиот клан, роднините доаѓаат кај него за совет. Но, времињата се променија, а тоа воопшто не го прави среќен.

„Ова ги надминува дури и моите најсмели фантазии“, се жали тој. „Сум видел како се прават некои нешта во јавноста, што е тешко да се толерираат“.

Тој чувствува срам поради некои работи што се прикажуваат денес на телевизија. „Тие мислат дека ја откриле слободата или дека можеби ја измислиле, но она што го гледаат е лажно“, вели тој.

Пред нивното време

Книгата од 2006 година Tri motra ne nje qytet (Три сестри во град) ја раскажува приказната за три албански сестри, кои биле родени во Австралија, но дошле да живеат во Кукс.

Поттикнати од комунистичката пропаганда за „најсреќната земја во светот“, книгата ја раскажува приказната за тоа како трите сестри се преселиле во земјата на своите предци и она што им се случувало потоа.

Иако книгата е фикција, авторот Петрит Палуши [на сликата] вели дека се базира на вистинита приказна. „Тие пристигнале во 1970-тите години и живееле во куќа крај реката Црн Дрим“, објаснува тој.

Палуши, сега директор на Радио Кукс, додава дека иако приказната е автентична, тој ги изменил имињата и повеќето настани во својата книга од етички причини.

„Едната од нив ме учеше англиски кога бев мало момче“, се сеќава тој. Многумина во Кукс уште ги паметат сестрите, делумно бидејќи тие дошле од странство, но најмногу поради нивното непочитување на традиционалните морални конвенции.

„Се сеќавам дека беа многу убави, се облекуваа поинаку и водеа живот што беше спротивен на комунистичките вредности“, вели Палуши, додавајќи дека барем две од нив имале момчиња, што било незамисливо во таков град во тоа време.

Нивниот современ животен стил ги чинел многу. Една од сестрите била затворена пет години под обвинение за „агитација“ и „пропаганда“. Другата побегнала во тогашна Југославија. Третата останала во Албанија, но иако не била в затвор, живеела во мизерни услови додека не паднал режимот. Сите три се живи и сега се повторно во Австралија.

„Тие се капеа во реката во бикини и луѓето ги гледаа. Тие истовремено ги мразеа и ги посакуваа“, се сеќава Палуши, потенцирајќи како жените тивко воделе сексуална револуција во својот поспан град на северот.

Нивниот начин на живеење бил шокантен за луѓето од регионот што ги споиле традиционалните албански вредности со моралниот комунистички конзерватизам. „Имаше судир на цивилизации и веројатно тој беше предвремен“, вели Палуши.

Но, ако таквото практикување на сексуалната слобода било предвремено во 1970-тите години, сите не се согласуваат дека неодамнешните брзи промени во албанските морални кодекси биле целосен успех.

Ѓерѓ Синани, професор по филозофија на Универзитетот во Тирана, истакнува дека е потребен постепен процес за луѓето да се приспособат на новите вредности. „Луѓето се неподготвени за процесот на паѓање на табуата и за градење на своите животи според новите вредности“, вели тој.

Промените доаѓаат на Сицилија

Сицилија некогаш беше како Албанија, традиционално патријархално општество, каде што од жените се очекувало да влезат во својата брачна постела „недопрени“.

Денес, улиците на Сицилија се гласни и полни со живот како и секогаш. Но, во изминатите децении островот претрпе промени во однос на моралните конвенции и социјалните прописи, дури порадикални и од оние во Албанија.

Во едно мало кафуле во близина на центарот на Санта Флавија, село близу Палермо, Катерина [на сликата], баба на две весели девојчиња, објаснува дека традиционалните вредности претрпеле огромни промени откако таа била мала. Односите меѓу половите се преобразени.

„Пред да се венчаме јас и мојот сопруг, седевме оддалечени пет метри еден од друг“, се сеќава таа. „Сега младите прават што сакаат и никому не му е грижа“.

Таа е незадоволна со тоа. „Откако жените стекнаа независност и еднаквост, нештата се влошија во домаќинствата“, продолжува таа. „Тие секогаш бараат повеќе и ја напуштија својата улога во семејството“.

Санта Флавија не е она што некој би го очекувал од едно типично село. Заедницата денес е многу урбана. [на сликата] Всушност, на островот останало малку од она што би можело да се смета за „сосема традиционално“.

„Можеби би имале повеќе среќа ако одите во Холивуд“, се шегува Микеле, млад експерт по финансии, говорејќи за носталгичната опсесија на американската филмска индустрија со старовремската култура во Сицилија.

Пред црквата „Света Ана“ во Санта Флавија, Салваторе Троја [на сликата], човек на седумдесетина години, нуди тури низ градот. Таму, меѓу другите впечатливи религиозни поставки, посетителите може да ги видат останките од Санта Коломба, изложени во стаклен ковчег во ходникот.

Троја, исто така, е загрижен како и Катерина, иако вели дека некои вредности преживеале на Сицилија. Бракот с` уште се смета за важен и дури и младите го почитуваат. „Минатата недела, на пример, имавме две свадби во оваа црква, а ова е мала заедница“, вели тој.

Младите на Сицилија навистина ги почитуваат традиционалните вредности – дури и ако тие само делумно ги практикуваат. Џузепе Команде, млад возач на автобус, се согласува дека бракот е важен, с` додека тоа не е во спротивност со уживањето во животот и имањето девојки.

„Нештата се променија“, вели тој, „но тоа не значи дека треба да ги отфрлиме нашите наследени вредности со изговор дека живееме во модерни времиња“.

На Сицилија, како и во Албанија, од другата страна на современата сексуална слобода е подемот на поегоистично општество во кое, исто така, постои поголема социјална изолација.

„Промената мора да биде постепена“, вели професорот Синани. „Слободата е прилично тешка и главното прашање е дали сме подготвени да се справиме со неа“.

Овој текст е дел од програмата Стипендии за новинарска извонредност на Балканот, иницијатива на фондациите Robert Bosch и ERSTЕ, спроведена во соработка со Балканската Истражувачка Мрежа, BIRN.

Fellow Bio

/en/file/show/ervin-quafmola.jpg

Ervin Qafmolla

Ervin Qafmolla is a journalist based in Tirana, Albania. He works at MAPO magazine as a business and economics writer. He is responsible for reporting, writing news analyses and editing economics and social affairs content for MAPO

The Project

Albania’s conservative society resists advance of new values

The continuing appeal of the canon (like the one of Leke Dukadjini), as well as conventional heritage prohibits premarital sex to a tribal society, especially in the rural north.

Topic

Topic 2010: Taboo

Taboos change – rapidly. Homosexuality was once a taboo in Western Europe, as was “living in sin”, [i.e. outside marriage], abortion, childlessness, physical disabilities, atheism and suicide

Diary

07 Oct 2010 / 12:33

It was good to talk

Marcus Tanner
06 Oct 2010 / 10:20

Strange Times in Skopje

Jeton Musliu
01 Sep 2010 / 11:20

Completing the B Ring

Mircea Dan Opris
23 Aug 2010 / 13:35

Ten Intros later...

Jeton Musliu
16 Aug 2010 / 16:23

My last stop

Georgiana Ilie
13 Aug 2010 / 10:09

The hardest thing in my research

Majlinda Aliu
02 Aug 2010 / 10:20

Two months of silence, so much info

Mircea Dan Opris
27 Jul 2010 / 14:54

Now is the time to write

Jeton Musliu
16 Jul 2010 / 11:13

Heat Follows Me Everywhere, Even to London

Mila Popova