SrpskiEnglishRomânăБългарскиShqipBosanski

Тајни и лаги: Нема завршница за жртвите на албански комунизмот

Александра Богдани Тирана, Букурешт и Мадрид

Поранешните политички затвореници ја сакаат вистината и бараат надоместок - но нивната потрага се заплетка во мрачната политика на земјата.

Фатос Лубоња на местото каде бил затворскиот логор Спач - неговиот дом се до падот на комунизмот. (Фото: Барбара Хаусман).

Откако стана слободен човек по 17 години поминати во затвор, Фатос Лубоња се обиде да го реконструира своето минато.

Сакаше да открие како, на возраст од 23 години, заврши на долгиот список на  затворени граѓани во комунистичка Албанија, политички затвореник кој се сведува само на име и број.

Неговата потрага по вистината го водеше од архивите на тајната полиција до локалниот телефонски именик, каде што тој најде име и број, кои му ветуваа одговор.

„Знаеш што барам”, рекол Лубоња, откако го свртел бројот. „Сакам да те запознаам”.

На почетокот, човекот од другата страна на линијата се колебал. Тој бил поранешен таен полициски агент, кој го подготвил досието кое помогнало да се осуди Лубоња. Се викал Ламби Коте, и го знаел Лубоња подобро отколку што Лубоња го познавал него.

Кончено двајцата се сретнале во 2010 година во слабо осветлен подрум на еден бар во Тирана, поранешниот затвореник во неговите рани шеесетти, и човекот кој помогнал да биде затворен, на околу седумдесеттина години.

Меѓу комунистичките диктатури во Источна Европа, онаа во Албанија била најбедна и најбизарна. Освен што го потиснувал несогласувањето, параноичниот лидер Енвер Хоџа, ги забранил речиси сите контакти со другите земји. Само неколкумина странци ја имале посетено Албанија, а на ретко кој Албанец му било дозволено да оди во странство.

Во рамките на големиот затвор во неговата земја, Хоџа создал неколку помали. Наводните непријатели на државата биле испраќани во логори, според моделот на гулазите на Сталин. Затворениците биле присилени да работат на рударски и градежни проекти на Владата, и многумина починале како резултат на ужасните услови.

Вкупно околу 200.000 лица поминале низ логорите. Во земја од три милиони луѓе, речиси еден човек од 15 има еден член од семејството кој бил затворен или раселен од страна на комунистите.

Денес, околу 2.700 поранешни затвореници се уште се живи. Огорчени и сиромашни, тие добиле само дел од компензацијата ветена од пост-комунистичките влади. За време на штрајкот со глад во Тирана минатиот месец, двајца поранешни затвореници се самозапалиле. Еден починал како резултат на изгорениците.

Несигурни дали ќе добијат оштета, некои од преживеаните отпочнаа кампања за откривање на валканите тајни на комунистичката држава, скриени во огромната архива на старата тајна полиција, Сигурими. Но, државата се противеше на апелите за отворање на архивата за јавноста.

На една страница од досието подготвено од страна на обвинителите на Лубоња во Сигурими го има неговиот потпис.

Во интервјуата со Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН), неколку официјални лица потврдија дека голем дел од архивата е уништен. Оние досиеја кои преживеале веројатно нема да ја видат светлината на денот, велат тие, бидејќи биле чувани како адут во високоризичната игра што ја играат современите лидери на земјата.

„Гласините за екс-соработници меѓу политичарите се шират со години, но досега албанската јавност има видено само неколку досиеја”, вели Фатос Клоси, шеф на тајната служба во доцните 1990-ти.

„Ова прашање секогаш се користи за политичка уцена, за да ги исплаши оние кои имаат добра причина да се плашат”.

Две партии, Демократите и Социјалистите, доминираа во Албанија по падот на комунизмот. И двете молчеа на барањата поднесени од страна на жртвите на комунизмот, обвинувајќи се едни со други за нивно игнорирање.

Наместо да придонесат за помирување, болното минато на Албанија стана инструмент за политичка присила.

Уништени” многу досиеја

Лубоња бил на почетокот од една ветувачка кариера како академски граѓанин кога властите ги откриле тајните дневници, во кои тој го критикувал режимот на Хоџа.

Бил испратен во затворскиот логор Спач, каде поминал четири месеци во самица. По пет години, неговата казна била продолжена со обвинение дека се приклучил на една дисидентска организација додека бил во логорот. Затворен во 1974 година, тој бил ослободен во 1991 година, кога се распаднал комунизмот.

Досиејата на Фатос Лубоња

БИРН имаше увид во копија од досието подготвено од страна на обвинителите на Сигурими во судскиот процес против Фатос Лубоња.

Документот не е толку сеопфатен како личните записи за Лубоња во архивата, чија состојба и локација се непознати.

Во досието на обвинителот нема детали кој давал информации за Лубоња. Ниту, пак, ги вклучува четирите дневници пронајдени од страна на тајната полиција во 1974 година, скриени на таванот.

Сепак, во досието има фотографии од исчезнатите дневници. Досието исто така ги содржи заклучоците на графолозите, како и изјавите земени од пријателите и членовите на семејството за потребите на судскиот процес.

Записите од разговорите на Лубоња со иследниците се исто така вклучени.
Запрашан зошто тој не ги изгорел неговите дневници за да го спречи нивното откривање, тој одговара: „Затоа што ми беа драги”.

Во нова Албанија, Лубоња станал писател, измачуван од прашањата од минатото. Кои од неговите пријатели го изневериле? И што станало со дневниците одземени од страна на полицијата?

На средбата во барот со поранешниот таен агент во Тирана, Лубоња барал завршница која не ја добиле ни другите затвореници на комунизмот. И тој не ја нашол. Коте ги избегнал неговите прашања со свои прашања. Лубоња бил погоден од тоа колку малку се променило.

„Бев преплашен дека тој има моќ врз мене, а не обратно”, вели тој. „Тој знаеше што се случило, а јас не”.

Лубоња си отишол од состанокот фрустриран. Груб човек со брада и со цврсто држење, тој се уште звучи зачудено додека се сеќава на средбата со Коте. Поранешниот таен полицаец му открил дека и тој бил испратен да работи во фабрика откако веќе не им бил од корист на комунистите.

„Тој се обиде да ме убеди дека сме биле исти, и двајцата жртви на нашето време”, вели тој.

Ставот дека сите Албанци страдале на сличен начин во комунизмот ги вознемирува оние кои загубиле повеќе од другите. Политиката на државата кон минатото се чини дека со премолчување го поддржува овој став - дури и кога не го искажува тоа јавно.

На поранешните политички затвореници им била ветена компензација - но, всушност, тие се третираат на поинаков начин од другите граѓани. Архивата на тајната полиција, која треба да открие кој бил шпиониран од кого во времето на комунизмот, исто така, останува запечатена.

При сличните обелоденувања на тајните од минатото во други земји, како досиејата чувани од страна на озлогласената тајна полиција во Источна Германија, Штази, се вели дека им се помогнало на трауматизираните општества да се навратат кон нивното минато. Во Албанија, пак, минатото е скриено под тепих.

Архивата првично содржела документи за осомничените непријатели на државата. Голем дел од информациите во нив биле обезбедени од страна на нивните блиски пријатели, роднини и колеги.

Од стотици илјади досиеја собрани во текот на над 45-годишната диктатура, официјални лица проценуваат дека само околу 14.000 останале непроменети. Некои се изгубени. Други биле намерно уништени од страна на поранешните комунисти.

Фотографија од дневниците кои помогнаа да се инкриминира Лубоња.

„Добар дел од досиејата биле уништен во раните 1990-ти”, вели Кастриот Дервиши, кој станал директор на архивата во Министерството за внатрешни работи во 2005 година.

Во поголемиот дел од последната деценија, се чини дека било дозволено архивите да пропаѓаат. Клоси, поранешен началник на тајната полиција, вели дека кога ја презел функцијата во 1998 година открил дека повеќето од досиејата биле оставени да пропаѓаат во вреќи.

„Откривме отворени досиеја, со цели искинати страници расфрлани по подот”, вели тој.

Политичка алатка

Политичарите од двете страни, сепак, го бранат начинот на кој управувале со архивата.

Месила Дода, пратеник на владејачката партија на демократите, тврди дека нејзината партија се залага за обелоденување на досиејата.

„Иако оттогаш се поминати 20 години, од суштинско значење за Албанија е да се соочи со минатото”, вели таа. „Досиејата треба да се отворат”.

Дода ги обвинува социјалистите – кои сега се во опозиција – за минирање на  иницијативата за лустрација поднесена од нејзината партија во 1995 година.

Социјалистите, пак, ги обвинуваат нивните ривали за давање на празни ветувања на жртвите на комунизмот. Партијата вели дека нејзината заложба е да се реши минатото.

Пандели Мајко, поранешен премиер од оваа партија, вели дека архивата е само еден од неколкуте мачни проблеми наследени од времето на диктатурата.

За ќор-сокакот во кој се наоѓаат досиејата тој ги обвинува актуелните политички елити, кои се составени од поранешни комунисти и поранешни дисиденти.

„Нивниот брак создаде вкрстен идентитет, што го прави справувањето со минатото контроверзно и тешко прашање”, вели тој.

Денес во редовите на високите социјалисти и демократи навистина се вклучени многу поранешни комунисти, како и оние кои може да тврдат дека биле дисиденти. Во реалноста, сепак, дисидентите кои сега се во политиката често биле блиски до центарот на моќ за време на диктатурата.

На една изложба во Тирана се изложени портрети на жртвите на комунизмот, кои биле закопани во необележани гробови.

Тоа е затоа што режимот на Хоџа ја замаглил разликата помеѓу дисидентите и лојалистите: повеќето високи функционери би можеле истовремено да бидат осомничени и следени како потенцијални непријатели на државата.

Многу Албанци сметаат дека високи официјални претставници од двете партии имаат нешто од што се плашат од архивата - или затоа што тие биле шпиони, или биле шпионирани. Селективни тајни што протекле од затворената архива веќе биле искористени за напад или уцена врз истакнати личности.

Покрај тоа, поранешниот началник на тајната служба Клоси тврди дека стравот од невидените досиеја е далеку повреден за политичарите отколку информациите во нив.

„Ништо нема да се случи ако ги отвориме досиејата”, вели тој. „Но, никој не е заинтересиран да го стори тоа, бидејќи минатото се користи како политичка алатка.”

Наследство што бледнее

Во другите делови од Источна Европа, политичките затвореници на комунизмот биле прифатени назад во општеството. Некои дури и се искачија на највисоките  државни позиции: Вацлав Хавел, Арпад Генц и Лех Валенса станаа лидери на Чешка, Унгарија и Полска.

Сигурими: улоги и кодекси на однесување

Секој службеник во Сигурими имал мрежа на соработници или извори, кои би можеле да се поделат во четири категории.

1. „Жителите” секогаш биле комунисти, или лица на кои им верувале комунистите. Секој жител имал врски со најмалку два други шпиони. Тие собирале информации за службеникот на Сигурими, и управувале со изворите со понизок ранг.

2. „Агентите” собирале информации за т.н. непријатели на државата - класа за која било сметано дека и припаѓаат. Многумина од нив биле осомничени за поврзаност со „буржоазијата” која им претходела на комунистите. Другите биле поранешни комунисти кои повеќе не биле потребни.
Тие обично биле регрутирани под принуда, и се сметале за корисни соработници.

3. „Информатори” се агенти на пониско ниво или обични шпиони. Тие секогаш работеле тајно. И тие биле обично регрутирани под принуда.

4. „Приемници” исто така биле комунисти, или лица во кои комунистите имале доверба. Тие требале да обезбедат безбеден простор - обично дом или работно место - каде службеникот на Сигурими можел да се соочи со целта на неговиот надзор.

[Извор: „Државата на Сигурими, 1944-1991” од Кастриот Дервиши]

Албанија останува една од најсиромашните земји во Европа. Таа имаше тежок пат да излезе од диктатурата и изолацијата, со изливи на анархија во текот на 1990-тите. Поранешните политички затвореници во земјата се бореа да застанат на нозе среде превирањата во последните две децении.

Нивниот имот бил конфискуван кога тие биле затворени. Често, нивните семејства биле испраќани во логори за депортација. Оние роднини кои останувале обично биле избегнувани.

Пуштени на слобода во хаосот што следел по комунизмот, затворениците немале средства за да изградат нов живот. Некои направиле свои домови во напуштени згради, и се уште стравуваат од иселување.

Лавдрим Ндреу има седумдесеттина години и најголем дел од својот живот го поминал во затворски логор. Во изминативе 20 години, тој живее во градба во која некогаш биле сместени соблекувалните на фудбалскиот тим „Партизани“.

„Гледаш, нашите животи не се многу променети оттогаш,” вели тој. Ја дели зградата со други поранешни затвореници – „моите роднини од кампот”, ги нарекува тој. Тие поднесуваат петиција до владата за озаконување на нивното право да останат на имотот.

Според Симон Мирака, шеф на телото што ја надгледува рехабилитацијата на поранешните затвореници, многу од нив имаат нарушено здравје како резултат на нивното затворање. Многумина, исто така се ожениле доцна во животот, по нивното ослободување, па сега се борат да најдат начин да ги издржуваат нивните деца.

Владите што дојдоа потоа ветија надоместок, но на затворениците им беа дадени малку бенефиции. Според законот донесен во 2007 година секој поранешен политички затвореник имал право на 14.3 евра за секој ден поминат во затвор.

Владата ја подели исплатата во осум рати. Меѓутоа, во текот на изминатите пет години, само една од овие рати е исплатена.

Штрајкот со глад - и саможртвувањата - во центарот на Тирана оваа есен ги донесе поранешните затвореници на насловните страници. Политичарите тргуваа со вината, обвинувајќи се едни со други за поттикнување на протестите, или за нивно игнорирање.

Штрајкот сега е завршен. Не е јасно што се постигна со него, освен публицитет за каузата на поранешните затвореници. Некои набљудувачи прашуваат дали државата навистина може да си дозволи да го плати надоместокот што го вети - со оглед дека проектираните трошоци се околу 400 милиони евра.

Како што минуваат годините, бројот на преживеани затвореници се намалува. Исто како што многу од државните досиеја се уништени, така и изјавите од прва рака за комунистичката бруталност бледнеат. Постои мал интерес во модерна Албанија за приказните за страдањата во затворските логори.

Летово во Тирана, БИРН се обиде да стигне до Коте, поранешниот таен полицаец кој го подготвил случајот против Лубоња. Тој не беше достапен за интервју.

Октав Бјоза вели дека постои ризик злосторствата на комунизмот во Романија да бидат заборавени.

Неговиот син рече дека Коте ја губи својата меморија. „Нема поента да разговарате со него”, изјави тој за БИРН, одбегнувајќи ги телефонските повици во неговата менувачница. „Лубоња имаше среќа што се сретнаа пред две години”.

Меѓутоа, за поранешниот затвореник, заборавањето на минатото е исто како негово негирање. Лубоња смета дека неговото општество треба да признае што се случило во времето на комунизмот, со цел да го разбере она што се случува денес. „Режимот беше како лудачка кошула што ги обликуваше луѓето”, вели тој.

За модерна Албанија, тој нуди уште една споредба. Таа е како џунгла, вели тој, каде што поранешните затвореници се на „дното од синџирот за исхрана”.

Немирно минато

Источно од Албанија, жртвите на комунизмот во Романија исто така се борат против незаинтересираноста на државата, како што изминува времето.

Телефонот постојано ѕвонеше при неодамнешната посета на канцеларијата на Октав Бјоза, некогашен спортист кој сега е претседател на здружението на поранешни политички затвореници.

„Сега ова е мојата професија, млада дамо - погреби”, вели тој, објаснувајќи. Тој штотуку дознал за смртта на Георге Јијие, 93-годишен поранешен затвореник.

Во почетокот на деведесеттите, здружението на Бјоза имало десетици илјади членови. Денес, преживеани се само четири илјади.

„Повеќето политички затвореници умреа во сиромаштија, чекајќи ја правдата”, вели Аделина Тимтариу, истражувач во Институтот за истражување на комунистичките злосторства во Букурешт.

Гонзало Мартинез Фреснеда вели дека работата на Балтазар Гарзон привлекла моќни непријатели.

Поранешната тајна полиција, Секуритате, собра околу два милиони досиеја за граѓаните на Романија. Како и во Албанија, државата се откажа од нејзините напори за отворање на архивата. Нејзината содржина е голема мистерија за јавноста.

Многу набљудувачи сметаат дека комунистите во Романија ја изрежирале „револуцијата” од 1989 година. Иако диктаторот беше симнат од власта, високи партиски функционери ја имаа власта зад сцената.

„Комунистичката партија го сочува нејзиното влијание”, вели Кристијан Василе, член на комисијата која беше формирана со цел да се анализираат досиејата на Секуритате.

„Многу од нејзините членови ги зачуваа нивните позиции по 1989 година. Иако некои соработници беа отфрлени, само неколкумина поднесоа оставка од јавните функции“.

Пост-комунистичките земји не се сами во својата неподготвеност да ѕирнат одблиску во минатото. Можеби продорната природа на самата диктатура прави општествата тешко да го прифаќаат решавањето на овие злосторства.

Шпанија е демократска земја многу подолго од Романија и Албанија, по десничарското владеење на Франциско Франко во 1970-тите.

Сепак,и  тука напорите да се откријат злосторствата извршени под поранешниот режим наидоа на ѕид. Се проценува дека 114.000 луѓе починале во 1930-тите и раните 1940-ти, за време и непосредно по граѓанската војна што го доведе Франко на власт.

Кампањата за кривично гонење на делата сторени во тој период биле предводени од Балтазар Гарзон, висок шпански судија кој ја изградил својата репутација со барање правда за жртвите на диктатурата во странство.

Десничарските групи во Шпанија се спротивставија на неговата истрага во ерата на Франко, тврдејќи во судот дека тој ги прекршил условите за амнестија според законот од 1977 година. Гарзон беше ослободен од ова обвинение во февруари 2012 година.

Сепак, во одделен судски процес, тој беше прогласен за виновен зошто наредил нелегално прислушување. Пресудатапрактично и стави крај на неговата судска кариера во земјата.

Судењето на судијата повторно ја отвори дебатата за наследството од граѓанската војна. Поддржувачите на Гарзон сметаат дека тој бил жртва на организираните напори да се потисне вистината за минатото.

„Многу моќен дел од шпанското општество стави крст на Гарсон”, изјави за БИРН Гонзало Мартинез-Фреснеда, адвокатот на судијата.

Сепак, некои потомци на жртвите на диктатурата се уште се оптимисти.

Емилио Силва, шпански новинар, се надева дека правдата сепак може да се задоволи преку судовите во Аргентина кои размислуваат да ги истражат злосторствата извршени во неговата земја.

Судовите го користат правниот принцип на универзална јурисдикција, според кој злосторствата против човештвото може да бидат кривично гонети во било која земја. Иронично, Гарзон го користел истиот принцип за да се истражат диктатурите во Латинска Америка од странство.

Силва води кампања за откривање на тајните од граѓанската војна. Сепак, молкот за минатото понекогаш е исто така одговор на болката.

По падот на режимот на Франко, Шпанија не ги истражи кривичните дела од тој период.

Силва се сеќава како еден разговор за војната за време на вечерата ненадејно бил прекинат од неговата баба. Неговиот дедо, републиканец и противник на Франко, бил убиен за време на граѓанската војна.

„Кога татко ми и брат ми разговараа за граѓанската војна, баба ми ќе треснеше со раката на маса”, вели тој. „Сите замолчуваа”.

 

Овој текст е дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, иницијатива на фондациите Robert Bosch Stiftung и ERSTE Foundation, во соработка со Balkan Investigative Reporting Network. Уредник е Нил Арун.