SrpskiRomânăБългарскиShqipEnglish

Малцински извештај: невработените етнички Албанци „изневерени од државата"

Самир Кајошевиќ Подгорица, Скопје и Прешево

Фрустрацијата ги обединува припадниците на малцинствата во регионот - но во Црна Гора надежта за влез во ЕУ ги намалува тензиите.

Тузи е како предградие без град. Северно од границата со Албанија, овој мал град се бори да излезе од сенката на црногорскиот главен град, кој е на околу десет минути возење на север.

Околу 3.000 жители на Тузи сакаат работите да ги земат во свои раце. Но, нивниот град се администрира како да е оддалечена област на главниот град, Подгорица. Тие зборуваат на албански јазик, но мора да ги следат законите на Црна Гора.

„Никој не се грижи за нас", вели Агрон Душај, невработен дваесеттогодишник. Слични вакви приговори може да се чујат во бројните кафулиња низ градот, каде невработените мажи се жалат на нивната лоша среќа, додека со часови го пијат нивното кафе.

Поголемата автономија за Тузи требаше да биде решение за многу од проблемите - обезбедување на вработување за младите и инвестиции во пропаднатата инфраструктура. Наместо тоа, на листата на неправдите беше додадено и одбивањето на Тузи да се стекне со статус на општина.

Октомвриските избори во Црна Гора

Алијансата Европска Црна Гора, која ја сочинуваат Демократската партија на социјалистите и Социјалдемократската партија, освои 39 од 81 место во парламентот.

Опозициската коалиција, Демократски фронт освои 20 места, додека Социјалистичката народна партија и Позитивна Црна Гора освоија девет и седум седишта, соодветно.

Со цел да остане на власт, алијансата Европска Црна Гора мораше да формира коалиции со малцинските партии кои вкупно добија шест места. Од нив, две места им припаѓаат на двете главни коалиции на етнички Албанци.

Иако етнички албанските политичари биле вклучени и во претходната влада, тие не беа избрани за пратеници. Новата алијанса им дава поголемо влијание. Тие веќе презентираа листа на барања, вклучувајќи и повеќе инвестиции во нивните области, и повеќе работни места во администрацијата за нивната заедница.

Етничките Албанци се мнозинство во Тузи, како и во поголемиот дел од југо-западна Црна Гора. Сепак, во земјата како целина тие се малцинство, како и во две други поранешно југословенски републики, Македонија и Србија.

Но, релативната големина на овие малцинства се разликува. Во Македонија тие сочинуваат една четвртина од вкупното население, а се застапени со многу помал процент во Србија, каде главно се концентрирани во јужниот дел. Заеднички им се заладените односи со државите во кои традиционално доминираат мнозинските етнички групи.

Тој однос може да влијае врз иднината на секој граѓанин на Србија, Црна Гора и Македонија. Трите земји чекаат на влез во ЕУ. Напредокот во нивните напори во голема мера ќе зависи од начинот на кој ги третираат малцинствата, вклучувајќи ги и етничките Албанци.

Од сите три, Црна Гора се смета како најсилен кандидат. Таа би можела да биде примена во Унијата во текот на следните неколку години. Иако и Србија и Македонија чекаат да се приклучат, нивниот влез не е ниту на повидок, ниту пак е извесен.

Оваа приказна го споредува незадоволство меѓу етничките Албанци во Црна Гора со расположението меѓу припадниците на малцинствата во Македонија и Србија.

Откриваме дека исклучувањето од пазарот на труд во јавниот сектор е честа поплака во регионот. Но, веројатноста за преминување на незадоволството во граѓански немири се чини дека е најмала во Црна Гора  земјата што  е најблиску до приклучување во ЕУ.


Според Генци Ниманбегу, етнички Албанец и политичар, строгите критериуми за влез во Унијата ја тераат Црна Гора да го подобри начинот на кој ги третира малцинствата. Партијата Форца на Ниманбегу ќе и се приклучи на владејачката коалиција во земјата по изборите во октомври.

„Нашето искуство покажува дека сите добри работи што им се случија на Албанците произлегоа од надворешни влијанија", изјави тој за Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН). „Ова веројатно ќе продолжи во текот на преговорите со Брисел".

'Работа за своите’

Бунтот на етничките Албанци ја донесоа Македонија на работ од граѓанска војна во 2001 година. Мирот беше зачуван со помош на меѓународно посредуваниот мировен договор. Неодамнешните насилства, придружувани од националистичката реторика од двете страни, го доведуваат во прашање мирот.

Малцинското етничко албанско население во Србија, исто така, накратко се крена против државата во 2000 година, пред спогодбата да ги внесе вооружените лица во локалната власт. Конфликтот во Прешево беше испреплетен со оној во соседно Косово, каде што бунтот на етничките Албанци – поддржан од воздушните напади на НАТО - кулминираше со тоа што Приштина прогласи независност од Србија.

Црна Гора отсекогаш била поинаква. Нејзините етнички Албанци никогаш не војувале против државата. Сосема спротивно - малцинствата се заслужни за создавање на независната република. Во 2006 година, нивните гласови помогнаа да се извојува тесна победа на референдумот што ја отцепи Црна Гора од нејзината заедница со Србија.

Црногорските малцинства во јавниот сектор
Црногорците сочинуваат 45 отсто од граѓаните во земјата - и држат 79 проценти од работните места во администрацијата, се вели во владината студија од 2011 година.

Српското малцинство сочинува 28 проценти од населението, и има 8.6 проценти од државните работни места.

Етничките Албанци сочинуваат 5 отсто од населението, и имаат 2.8 отсто од работните места во јавниот сектор.

Босанците, Ромите, Хрватите и Муслиманите ги сочинуваат помалите малцинства - и имаат помал број работни места во администрацијата.

(Извор: Анкета за владата на Црна Гора, 2011)

Етничките Албанци сметаат дека независноста би требало да им даде поголем удел во помала држава. Но, шест години подоцна, многумина се уште се жалат дека се на маргините на политичкиот и економскиот живот. Тие ја обвинуваат владата - на власт повеќе од една деценија, и неодамна реизбрана - за кршење на своите ветувања.

„Кога зависеа од албанските гласови, тие ни понудија се", вели Линда Душај, млада жена од Тузи која дипломирала политички науки, но може да најде работа само како фитнес инструктор. „На крајот, не добивме ништо".

Додека вкупната невработеност во Црна Гора е околу 13 проценти, бројката во областите како што се Тузи и Улцињ, каде живеат најголем дел од етничките Албанци во земјата, е околу 20 проценти.

Малцинството сочинува пет проценти од вкупното население на Црна Гора. Сепак, тие имаат само 2.8 проценти од државните работни места, се вели во извештајот на владата за вработување на малцинствата, објавен во јуни 2011 година.

Како и во повеќето поранешно југословенски земји, така и во Црна Гора, јавниот сектор е гломазен и неефикасен. Сепак, ветувањето за постојана плата и бенефиции се моќна мамка за младите луѓе - особено во отсуство на силен приватен сектор. Конкуренцијата е жестока за работни места во многуте министерства и гранки на администрацијата.

Но, како и насекаде во регионот, и во Црна Гора е раширено верувањето дека најдобрите можности ги добиваат оние со најдобри врски. Вработувањето во јавниот сектор се гледа како средство со кое политичарите ја наградуваат - или ја обезбедуваат - лојалноста.

Етничките албански лидери кои се блиски до црногорската влада, исто така, се обвинувани за давање работни места за нивните поддржувачи. Многу членови на нивната заедница прифаќаат дека овој облик на корупција го засега секого - не само малцинствата. Сепак, тие веруваат дека дискриминацијата уште повеќе ги има влошено работите.

Дијана Иванај, невработена 26-годишна дипломка од главниот град, Подгорица, вели дека е „природно што државните функционери сакаат да ги задржат работните места за свои луѓе".

„Но, ако тие ми дале пасош, ме гледаат како црногорски државјанин и тврдат дека имам еднакви права, тогаш треба да ми биде дозволено да го работам она за што сум учела".

Барајќи работа две години, Иванај вели дека заборавила колку пати ја одбиле. Таа дури и не успеала да добие работа како секретарка, за која би била премногу квалификувана. Со диплома на форензичар, таа првично се надевала дека ќе добие работа во полиција.

Сепак, полицијата има најниските стапка на вработување на етнички Албанци - иако таа е еден од најголемите работодавци во администрацијата, со повеќе од 4.000 вработени на својот платен список. Етничките Албанци сочинуваат само 1.21 проценти од таа бројка. И сочинуваат само 0.72 отсто од вработените во царинската служба, уште еден голем работодавач.

Во анкетата од 2011 од каде се преземени овие бројки се заклучува дека малцинствата во целина биле несоодветно застапени во јавниот сектор на Црна Гора.

Сабахудин Делиќ, советник во Министерството за човекови и малцински права, признава дека бројките посочуваат на проблем - но инсистира на тоа дека малите бројки не се резултат на дискриминација.

„Ова не е затоа што некој одбива да ги вработува членовите на малцинствата", вели тој. „Едноставно кажано, во одредени области, ние не можеме да најдеме доволно квалитетни кандидати".

Министерството каде работи Делиќ се чини дека е еден од ретките исклучоци од правилото. Етничките Албанци сочинуваат 43 проценти од вработените во Министерството за човекови и малцински права.

Зголемени тензии

Етничките Албанци од јужна Србија велат дека во нивниот регион нема инвестиции

Невработеноста исто така се наоѓа на врвот од листата на проблеми во Прешево и Бујановац, сиромашен регион во јужна Србија, каде живеат околу 70.000 етнички Албанци.

Пред повеќе од една деценија, локалните бунтовнички сили се обидоа да се отцепат од Србија и да ја обединат територијата со соседно Косово. Краткото востание било запрено со мировен договор што на малцинството му гарантирало повеќе власт во локалната политика.

Но, поголемиот број лидери на владеачки позиции не ја зајакнаа економската моќ на заедницата. Наследството од претходниот конфликт - и на стравот од понатамошни немири - го забавија растот на приватниот сектор.

„Инвеститорите не доаѓаат затоа што не е стабилно ", вели Неџат Бехлули, поранешен бунтовник, кој сега води неколку бизниси во оваа област. „Не е безбедно. Ситуацијата би можела да се влоши во секој момент".

Јавниот сектор, исто така, нуди мала надеж за дипломираните етнички Албанци. Многу од нив избраа да го завршат своето образование во Косово, Македонија или Албанија, каде што наставата е на албански јазик. Сепак, Србија одбиваше да ги признае нивните квалификации, се до ова лето. Враќајќи се дома каде економијата е лоша, дипломираните студенти се исклучени од единствениот можен извор на вработување.

„Ние сме целосно изолирани. Како да сме граѓани од втор ред", вели Ваљон Арифи, кој добил диплома за дизајн на Косово и се мачи да најде добро платена работа.

Преку графити во Прешево се бара признавање на квалификациите стекнати од албански институции

И покрај разочараноста, нема апетит за уште еден конфликт. Невработените млади од Прешево велат дека попрво би мигрирале во друга земја отколку да земат оружје в рака против државата. Илјадници луѓе го направиле тоа – паричните дознаки од странство издржуваат многу домаќинства во регионот.

Вооружениот немир во Македонија, јужно од Србија, исто така, беше запрен со мировен договор пред повеќе од десет години. Охридскиот договор - именуван според езерскиот град каде се состанаа соперничките лидери - беше поздравен како план за креирање на еднакво општество.

Сепак, во текот на последните неколку години етничките Албанци се жалат дека реформите престанале. Тензија останува висока, и банди млади луѓе од двете заедници периодично меѓусебно се конфронтираат во главниот град, Скопје.

Земјата е всушност поделена меѓу етничките Албанци и македонското мнозинство. Проценките покажуваат дека речиси една третина од младите се невработени - една од највисоките стапки на Балканот.

И додека партиите на етничките Албанци се дел од владејачката коалиција, претставниците на малцинствата имаат само 17 проценти од државните работни места. Охридскиот договор им вети една четвртина од сите работни места во јавниот сектор - пропорционално на нивниот удел во населението.

Џабир Дерала, политички аналитичар, вели дека радикали од двете страни си играат со можноста за нови насилства.


„Конфликтот од 2001 година се смета за еден натпревар, што беше прекинат од страна на меѓународната заедница", вели тој. „На социјалните мрежи, луѓето велат дека е време за второ полувреме".

Џабир Дерала вели дека е загрижен заради зголемените етнички тензии

Сепак, официјален претставник од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, вели дека тензиите се преувеличани.

„Понекогаш медиумите ја претставуваат ситуацијата како подраматична отколку што навистина е", рече тој. „Македонија не е Скандинавија - но дури и Скандинавија има проблеми".

„Без магично стапче"

Црна Гора во поновата историја нема крвопролевање во кое се вклучени етничките Албанци. Владата на земјата дури доби одредено одобрување од малцинската група во текот на доцните деведесетти, кога им обезбеди засолниште на бегалците од соседно Косово.

Денес, изгледите за влез во ЕУ можеби го потиснуваат незадоволството на етничките Албанци. Митја Дробниц, шефот на делегацијата на Европската комисија во Подгорица, вели дека третманот на малцинството од страна на црногорската влада се следи внимателно.

„Ниту една земја нема да влезе во ЕУ пред да ги постигне европските стандарди", изјави тој за БИРН.

Сепак, преседаните во рамките на ЕУ укажуваат дека малцинствата ретко кога се сосема задоволни.

Хрватското население во Австрија ужива далеку подобар статус од многуте малцинства на етнички Албанци на Балканот. Како граѓани на земја членка на ЕУ која се заложила да ги почитува нивните права, тие ретко се жалат на дискриминација и не се соочуваат со бариери при вработувањето.

Наместо тоа, активистите кои се залагаат за хрватските права говорат за опасноста од асимилација. Тие велат дека нивниот јазик - можеби последниот остаток од нивната култура - умира со тивка смрт.

Хрватите се мало малцинство, концентрирани во провинцијата Бургенланд, во Австрија. Потомци на бегалците од отоманските освојувања, тие во регионот се повеќе од 500 години. Во минатото, тие се соочувале со притисок да ги прифатат културата и обичаите на луѓето околу нив.

Денес, меѓутоа, нивните локални здруженија добиваат средства од државата. Од 1955 година, Хрватите од Бургенланд, исто така, имаат право да учат на својот јазик во училиштата, како и да подигнуваат двојазични сообраќајни знаци.

Но интересот за тој јазик исчезнува меѓу младите. Тие едноставно чувствуваат дека немаат што да добијат од неговото изучување.

„Луѓето сакаат да се претопат во мнозинството затоа што мислат дека ќе им биде подобро ако зборуваат само на германски јазик", вели Габриела Новак Карал, од Хрватскиот центар во Виена.

"Тие сите се декларираат како Австријци. Многу од нив престанаа да зборуваат хрватски, дури и дома. "

Назад во Црна Гора, етничкиот Албанец и политичар Ниманбегу вели дека неговата заедница е реална за ЕУ. „Европа нема магично стапче", вели тој. „Многу ќе зависи од нас."

Иванај, невработената дипломирана форензичарка, вели дека повеќе нема трпение. Ако не и се насмевне среќата, таа планира како и многу членови на својата заедница де се обиде да најде вработување во странство.

„Имам еден живот и не можам да го потрошам на чекање за нешто да се случи", вели таа.

 

Овој текст е дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, иницијатива на фондациите Robert Bosch Stiftung и ERSTE Foundation, во соработка со Balkan Investigative Reporting Network. Уредник е Нил Арун.